Локално

Беким Бекири: Со квалитет до задоволни потрошувачи

26 Apr 2013

Беким Бекири, менаџер за бизнис-развој на „Марс" во Македонија, Косово и Албанија

Разговараше: Боро Мирчески, boro@instore.mk

Во 1911 година, Френк Ц. Марс ги произведе првите слатки производи под брендот „Марс" во Такома, Вашингтон, во неговата домашна кујна и со тоа ги постави темелите на еден од најголемите кондиторски гиганти во светот. Во 1920 година, Форест Е. Марс стана дел од бизнисот на неговиот татко и заедно го лансираа чоколадниот бар Milky Way. Во 1932 година, Форест се сели во Велика Британија со сон да изгради бизнис базиран на заемни придобивки за сите засегнати страни. Тоа и се случи. Денес, „Марс" е компанија што во просек генерира нето-приходи од над 30 милијарди годишно, работејќи со шест категории на производи. Во компанијата има над 70.000 соработници низ светот кои ги спроведуваат принципите на компанијата на дневно ниво. Еден од нив, одговорен за Македонија, Косово и Албанија, е Беким Бекири, менаџерот за развој на бизнисот за овие три пазари. Токму тој, во овој број на InStore, ни ги откри сите детали за неговото секојдневие, корпоративното работење, неговата улога и плановите за понатамошен развој на компанијата и брендовите со кои е присутна на овие пазари.

Како е да се биде дел од корпорација што постои повеќе од еден век? Какви се принципите на работење во меѓународна компанија од таков карактер? Со какви предизвици се соочувате во текот на спроведувањето на Вашите работни активности?

Да се биде дел од корпорација што постои еден век е големо задоволство и чест, но во исто време значи и голема одговорност и постојано докажување пред предизвиците што следуваат. Помислата на сите генерации што придонеле за развојот на корпорацијата за таа да ја достигне денешната димензија ја надополнува одговорноста во работењето... Предизвиците се од различен карактер, почнувајќи од големиот реон што го покривам, преку различните легислативи на трите држави поединечно, па сè до разновидното портфолио што е присутно на пазарите. Од чоколада преку храна за домашни миленичиња, па сè до сосови и ориз, ужинки и гуми за џвакање, семејни оброци... Се стремиме да произведуваме производи кои не само што се вкусни туку и со нив луѓето ќе се чувствуваат сигурни при консумирање, односно хранење на нивните семејства и домашни миленици. Со остварување на нашите потенцијали сакаме да им помогнеме на луѓето и нивните миленици да водат поздрав живот, како на глобално ниво, така и во Македонија, Албанија и Косово.

Колку брендови ги опфаќа вашето производно портфолио? Што значи да сте главниот застапник на такви врвни брендови за три блиски, а сепак различни пазари (Македонија, Косово и Албанија)?

Во Македонија нашето портфолио опфаќа три категории: чоколадо во делот на барови со брендовите: Snickers, Mars, Twix, Bounty, Milkyway и M&M’s, храна за домашни миленичиња со брендовите: Pedigree, Chappi, Whiskas и Kitekat и делот со човечката храна со брендовите: Uncle Ben‘s и Dolmio. Што се однесува до пазарите, многу добро кажавте, толку блиски, а сепак различни пазари. Сметам дека историскиот развој во последните 50-тина години придонел да се согледа различноста на трите пазари. Во основа, тоа е многу одговорна работа на која максимално ѝ се посветувам.

Дали можете да направите паралела помеѓу трите пазари: Македонија, Косово и Албанија? Како „Марс" настапува на секој од нив поединечно?

Македонија, Косово и Албанија се дел од BBA-регионот на корпорацијата „Марс " – Балтик, Балканот и јадранската област. За поуспешно да се надминат сите предизвици на пазарот, имаме формирано регионално управување и внимателно планирана сегментација на пазарот. Сметаме дека земјите во овој бизнис-регион (не географски) се слични по големина и ниво на развој на пазарот, а тоа ни помага да се создаде позитивна синергија. Прифаќајќи ги разликите во пазарите, работиме на воведување промени и иновации на пазарот сè со цел да станеме прв избор за уште поголем број консументи на дневна основа, што е една од главните цели на нашиот менаџмент во балтичкиот, балканскиот и јадранскиот регион. Истовремено, „Марс" е во континуирано разгледување на други можности за инвестиции во овој регион, а како пример за оваа практика е изградбата на врвна фабрика за производство на храна за домашни миленици во Литванија.

Дали планирате да го проширите портфолиото на производи за Македонија, Косово и Албанија во блиска иднина?

Во моментов, наша цел е максимална работа на моменталното портфолио што го имаме во регионот. Сметам дека сè уште не е искористен максималниот потенцијал што го нуди регионот така што во моментов нема планови за значително зголемување на портфолиото. Секако, исклучок се „IN and OUT" активностите со нови атрактивни производи што се лансираат за одреден временски период, а значително помагаат во креирање на свесноста за брендот. Типичен пример се Snickers Dark и Snickers Maximum, што ги лансиравме низ годините.

 
Прочитајте повеќе во печатеното и електронското издание на InStore бр.6


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...