Порастот на цените на прехранбените производи го отвори прашањето за состојбата со домашното производство на храна. За тоа дали македонскиот пазар може да се задоволи со домашното производство на храна и колку тоа влијае на стабилизацијата на цените разговаравме со Александра Мартиновска – Стојческа, редовна професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.
Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
Сведоци сме на високите цени на прехранбените производи и на мерките кои се преземаат за нивно намалување. Најголемиот дел од прехранбените производи во малопродажбата се увозни, дали може да се влијае на намалување на цените со зголемување на домашното производство на храна?
Теоретски да - ако се зголеми понудата на домашно произведена храна, тоа може да доведе до намалување на зависноста од увозот и може да ги намали цените преку зголемена конкуренција на пазарот. Исто така, зголеменото домашно производство може да помогне во стабилизирање на цените, особено во периоди на глобални кризи или нестабилност на пазарите на храна. Сепак, треба да се има предвид дека и за домашното производство, голем дел од инпутите се набавуваат од увоз (како семенскиот материјал, ѓубривата, средствата за заштита, концентрираната добиточна храна), со што цената на чинење е во голема мера чувствителна на промените во цените на увозните продукти и на глобалните економски услови.
Дали земјоделското производство во Македонија може да ги задоволи потребите за храна на населението?
За одредени производи – да, за поголемиот дел – не. Иако се забележува раст на вредноста на извозот на земјоделско-прехранбените производи, истовремено со повисока динамика се зголемува вредноста на увозот, со што трговскиот дефицит станува сè поголем – за илустрација, од 163 милиони евра трговски дефицит во трговијата со земјоделско-прехранбени производи во 2014 година, истиот се има зголемено на 430 милиони евра во 2023 година. Како земја, претежно извезуваме земјоделско-прехранбени производи со ниска додадена вредност. Особено е забележителен трговскиот дефицит во делот на месо и месни преработки, млечни производи, кондиторски производи, житарки и преработки од житарки и масла. Главни извозни производи, покрај тутунот, се зеленчукот и преработките од зеленчук и овошје. Сепак, и кај зеленчукот како традиционално извозно ориентиран потсектор, според нашите истражувања, компаративната предност забрзано се губи, меѓу другото, и како одраз на зголемената конкуренција во регионот.
Домашното земјоделско производство е во постојано опаѓање. Кои се причините за тоа?
Факт е дека во одредени потсектори во земјоделското производство се бележи пад во текот на годините, на пример кај пченицата, грозјето, овошните култури, додека пак на пример градинарското производство или производството на пченка според статистиката се релативно стабилни. Особено забележителен е падот во добиточното производство, каде што освен во свињарството, сите други потсектори имаат намалување на сточниот фонд – на пример, бројот на говеда е намален за речиси 40% во последните десет години. Причините се повеќекратни – почнувајќи од структурните слабости на македонското земјоделство кои се карактеризира со многу голем број на многу мали фарми, често со расцепкана земјишна структура, неповолна возрасна структура кај производителите, слаба образовна основа, ниска примена на напредни технологии на производство и иновативни пристапи. Оваа состојба е дотолку потенцирана со недостатокот на функционални облици на здружување на производителите и соработка низ синџирите, растечката миграција и депопулација на руралните средини што се одразува на расположливоста на работна сила потребна во секторот, а и поинтензивното влијание на надворешни фактори како сè поприсутните временски непогоди и негативните ефекти на климатските промени кои сериозно влијаат на земјоделското производство.
Какви мерки треба да се преземат за да сме помалку зависни од увозот на храна, односно да го зголемиме домашното земјоделско производство?
За да се намали зависноста од увоз на храна и да се зголеми домашното земјоделско производство, неопходни се низа повеќестрани мерки за модернизација и зголемување на конкурентноста, меѓу кои може да се споменат следниве: инвестиции во современа технологија и иновативни практики (механизација, наводнување, одрливи агротехнички мерки, дигитализација итн.); целна поддршка за земјоделците (особено во насока на зголемување на поддршката преку структурните мерки и мерките за рурален развој, поттикнување на соработка и здружување, акцент на едукација и обука, соодветна советодавна поддршка); развој на руралните средини (инвестирање во инфраструктура за да се подобрат условите за живот и работа на производителите, поддршка за развој на локални пазари и продажни канали за да се олесни пласманот на домашните земјоделски производи); како и обезбедување на одржливост на системи за храна (промовирање на одржливи земјоделски практики за заштита на почвата и водата, справување со климатските промени преку разни адаптивни мерки).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.