Локално

Марија Тасиќ: Наша најголема конкурентна предност е тоа што сме свои

18 Feb 2025

Продавницата „Ла нои“ е успешна семејна приказна и пример како со посветеност, креативност и истрајност може да се реализира една идеја за посебен концепт на продавница која нуди пријатен амбиент и квалитетни услуги. Со внимателно избраниот асортиман на производи според најсовремените трендови, „Ла Нои“ на жителите на Скопје им нуди уникатно купувачко искуство. Годинава „Ла Нои“ прославува петгодишен јубилеј од своето работење и по тој повод разговараме со косопственичката,  Марија Тасиќ.

Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Годинава славите пет години од започнувањето со работа на успешната градска приказна „Ла Нои“. Како се роди идејата за уникатниот концепт на Вашата продавница?

Овој концепт беше наша долгогодишна желба. Мојот сопруг е во секторот трговија повеќе од 30 години и за него беше предизвик да создаде уникатен малопродажен објект од светски рамки. Од друга страна, желба ми беше моето хоби да го претворам во професија и да имам своја пекарница/слаткарница. Така некако успеавме да направиме комбинација од двете и дополнително да вметнеме уште некои елементи во нашата понуда и го создадовме „Ла Нои“. Иако од првичната идеја направивме многу измени затоа што отворивме во време на ковид, сепак, со многу љубов и секојдневна посветеност, разговори и размислувања успеавме да го одржиме и развиеме „Ла Нои“ во она што е денес.

Што ве прави посебни во споредба со другите продавници?

Најпрво, нескромно би сакала да кажам дека наша најголема конкурентна предност е тоа што сме свои. Во „Ла Нои“ (на македонски Кај нас) купувате во секогаш среден, чист и модерен простор кој зрачи со убава енергија. Се обидуваме да ве пречекаме со насмевка и да се чувствувате пријатно. Посебни сме по услугата што ја нудиме и односот кој го градиме и негуваме со нашите купувачи. За нас, купувачите се и пријатели, соседи и се секогаш добредојдени. Се разбира, нивното задоволство за нас е најзначајно. Посебни сме и по понудата на специфични производи во делот на стоки за широка потрошувачка и, секако, тука е и нашиот snack corner каде што нудиме навистина богат избор за појадок и ужина од над 100 производи.

Ние сме и т.н. „ловци” на нови производи, така што секој нов производ кој ќе стигне на македонскиот пазар денес, а според наши критериуми е вреден да се понуди, веќе следниот ден е поставен на нашите полици.

Со оглед на специфичностите на македонскиот пазар, колку е тешко да се создаде една продавница од ваков тип кај нас?

Воопшто не е тешко, но сметам дека треба да имате искуство во областа. Знаете, лесно е да отворите продавница како продавница, но всушност она што е најважно е да умеете да го водите и одржите бизнисот. Исто така, „Ла Нои“ не е концепт кој може да го имплементирате во некој синџир на маркети. Посветеноста на едно семејство во сопствен бизнис не е нешто што може да се ископира и стави во систем. За нас, единствена пречка е лимитираната понуда на специфични производи од добавувачите затоа што на нашиот пазар има претежно mass производи.

Колку е привлечен ваквиот концепт на продавница за македонските купувачи?

Потрошувачките навики се многу променети во последните неколку години. Имаме смена на генерации и смена на потребите на потрошувачите. Овој концепт е модерен и во чекор со технологијата и иновациите, што го прави привлечен доколку сакате едно поинакво купувачко искуство. Ние се трудиме купувањето во „Ла Нои“ да не биде само купување, туку да биде емоција. Нешто што навистина е голем предизвик. Да бидеме технолошки напредни и да останеме неотуѓени, да комуницираме, да се запознаваме и да се познаваме. Само така ќе бидеме ние подобри, а и оние со кои секојдневно работиме. За нас, важен е личниот однос, создавањето релации и токму тоа го прави „Ла Нои“ место каде што повторно сакаш да се вратиш.

„Ла Нои“ има богат и избран асортиман на производи, од храна, пијалаци, производи за домаќинството, сопствена пекарница, сокови, кафе... Како ја правите селекцијата на производите во Вашиот асортиман и што треба да има еден производ за да се најде на полиците во „Ла Нои“?

Би рекла дека нашето долгогодишно искуство ни го олеснува процесот на одбирање производи што ќе се најдат кај нас. Да, секако дека имаме доста производи за масовна продажба, но кај нас дефинитивно предност имаат специфични и карактеристични производи. Многу важно е да напоменам дека секој таков производ прво го дегустираме, па дури потоа го пуштаме во продажба. Од клучна важност ни е производите да соодветствуваат со квалитетот кој го промовираме. Не продаваме и не нудиме производи што не би ги консумирале самите.

Дополнително, би сакала да потенцирам дека сме безрезервни поддржувачи на мали и семејни бизниси од цела држава. Кај нас ќе најдете голем број такви производи кои навистина заслужуваат да бидат пробани и видени. И самите сме мал семеен бизнис и многу добро знаеме колку е значајно да се поддржуваме едни со други. Ова нека биде и поттик за сите мали производители што имаат проблем со пласман да нè исконтактираат во секое време со цел достојно да ги претставиме нивните производи.

Ние сме и т.н. „ловци” на нови производи, така што секој нов производ кој ќе стигне на македонскиот пазар денес, а според наши критериуми е вреден да се понуди, веќе следниот ден е поставен на нашите полици. Експедитивни сме по ова прашање, и тоа е уште една наша предност.

Покрај малопродажбата, „Ла Нои“ се занимава и со големопродажба. Кажете ни нешто повеќе околу тоа?

Покрај богатиот асортиман на пекарски производи кој го нудиме за големопродажба, а се состои од разни мали, големи лебови, благи и солени печива, застапници сме и за неколку бренда во разни категории. Увозници сме на холандскиот бренд MAAZ cheese, од кој нудиме неколку линии на кашкавали, а најпознат производ што го имаме во своето портфолио е светски познатиот кашкавал Old Amsterdam. Тука е и шпанскиот бренд Zumex – професионални машини за цедење сок наменети, пред сè, за ХОРЕКА-секторот. Потоа германскиот бренд Wiesheu, од кој нудиме премиум професионални пекарски печки. Исто така, претставници сме и на германскиот WMF, и тоа за професионалната линија на машини за подготовка на кафе. Ексклузивно ќе најавам, иако сè уште не можам да откријам за кого се работи, но од следниот месец започнуваме соработка и со еден грчки бренд кој исто така ќе биде наменет за големопродажба.

Би сакала да потенцирам дека сме безрезервни поддржувачи на мали и семејни бизниси од цела држава.

Колкав е бројот на вработените во „Ла Нои“ и колку инвестирате во нив?

Вкупно сме 12 вработени. Сметаме дека секој вработен е буквално дел од нашето потесно семејство и сме им премногу благодарни што со својата посветеност прават во „Ла Нои“ секој ден да биде подобар. Се трудиме и редовно работиме на нивниот личен и професионален раст и развој и тоа е еден постојан процес во кој безусловно инвестираме.

Дали се потребни некакви законски измени или мерки за да се поттикне отворање на ваквиот тип продавници?

Секое започнување на бизнис е предизвик и, секако, има позитивни и негативни искуства во целиот процес. Јас можам да зборувам за нашето лично искуство, што сè требаше за да се стави објект од ваков тип во функција, но за тоа веројатно ќе ни треба едно посебно интервју. Дополнително не би коментирала околу законските мерки.

Што можеме да очекуваме од „Ла Нои“ годинава?

Годинава ќе бидеме доста фокусирани на сопствен увоз на нови карактеристични производи. Уште од сам почеток многу инвестираме во технолошки развој и машини со цел, од една страна, да си олесниме, а од друга страна, да го унапредиме работењето на „Ла Нои“. Тоа е второ нешто на кое со сигурност ќе работиме и годинава затоа што многу ни е важно да понудиме уникатно и технолошки напредно купувачко искуство. А нашите годишни цели и проекти за 2025 вклучуваат и многу новитети во областа на маркетингот, како и програма за грижа за купувачи.

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...