Симона Костадинова-Саздова е извршна директорка на компанијата „Горска дооел“. Високото образование го стекнала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде што ги завршува и мастер-студиите по деловно право. Својата професионална кариера во „Горска дооел“ ја започнува во 2013 година, а паралелно со неа од 2017 година има и сопствена адвокатска канцеларија која успешно функционира. Во нејзината биографија забележителен е нејзиниот ангажман како советник во македонското Министерство за здравство, како и во многубројни проекти на Светска банка, УНИЦЕФ, американската амбасада, Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.
Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
Како се одвиваше развојниот пат на „Горска“, од самите почетоци до денес?
Приказната на „Горска“ започна во 2004 година со изградбата на фабриката за пакувана вода и сокови во селото Конопиште, Кавадарци. Веќе следната година, во 2005, започнавме со производство и дистрибуција на Горска вода. Од самиот почеток, па сѐ до денес, секој процес во работењето на нашата компанија е проследен со многу ентузијазам, љубов и посветеност. Почетоците беа предизвикувачки, дотолку повеќе што пред дваесет години кај нас немаше навика за консумирање пакувана вода. За релативно краток временски период се етаблиравме како водечки македонски бренд што постави високи стандарди за производство и продажба на пакувана вода.
Во 2007 г. го проширивме портфолиото на производи и започнавме со производство на негазирани сокови и ледени чаеви. Следејќи ги трендовите на пазарот и побарувачката на пазарот, во 2009 година започнавме со производство на енергетски пијалак Горска Мечка и газирани сокови. Веднаш потоа, за најмладите „Горска“ почна да ја произведува Горска Јуниор и Горска Бејби, за чие производство се врши најстрога контрола на квалитетот и двојна филтрација.
Веќе во 2015 година започнавме со производство на пиво. Староградско пиво се произведува во бутик-пиварница со ограничен капацитет, што го прави првото и единствено пиво во регионот како по автентичниот вкус, така и по начинот на производство. Бутик-пиварницата во која се произведува Староградско е една од најсовремените и технолошки најопремени пиварници во државата. Се произведува по германски рецепт со германски состојки, исклучиво од јачменов слад, квасец, хмељ и природна Горска вода. Староградско е првото непастеризирано пиво во Македонија.
Во 2019 година воведовме посебна линија на функционални води Горска плус: Gorska Relax, Gorska isotonic, Gorska l - carnitine, Gorspa Beauty и Gorska Immuno во ПЕТ-амбалажа од 0,5 л. Сите овие производи имаат медицински придобивки од консумирањето кои директно влијаат врз зајакнувањето на имунитетот.
Целта на „Горска“ е да биде маркет-лидер во државата и пошироко, соединувајќи ги факторите за квалитет, аспектите на животната средина и на човекот во еден интегриран систем на управување што се стреми кон одржлив економски успех и постојано подобрување на системите за квалитет и менаџмент.
Колку сте задоволни од остварените резултати во првиот квартал од годинава?
Во првиот квартал од оваа година имаме 11% раст на продажбата, така што задоволни сме од остварените резултати. Генерално, целиот сегмент на продажба на пакувана вода расте во последниве години следејќи ги трендовите за здрав животен стил. Во очекување на летниот период, кога нашите производи најмногу се консумираат, се надеваме дека ќе ги исполниме плановите за раст и ќе ја завршиме годината со реализирање на проектираната стапка на раст за 2024 година.
Македонските потрошувачи годинава може да очекуваат неколку нови производи кои верувам дека ќе предизвикаат изненадување.
Како компанијата се справуваше со економските турбуленции?
Периодот на ковид-пандемијата, проследен со економската криза низ светот, што резултира со драстично зголемување на цените на речиси сите суровини, беше многу предизвикувачки за сите домашни компании. Сѐ уште ги чувствуваме последиците од овој период. Успеавме да го надминеме овој период со континуирана работа и преземање активности за зголемување на продажбата. Минатата година го стабилизиравме нивото на продажба, а оваа година очекуваме да биде година на раст, напредок и нови почетоци.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во деловното работење на македонскиот пазар?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме е нелојалната конкуренција на пазарот. Дополнително, македонските производители се ставени во многу неповолна положба поради тоа што странски брендови се присутни на полиците на речиси секој маркет во државата, со конкурентни цени. Од друга страна, бариерите за извоз на нашите производи се огромни. И покрај долгогодишните напори и преговори, сѐ уште не сме успеале да ги пласираме нашите производи на одредени странски пазари иако ги исполнуваат сите европски стандарди за квалитет. Верувам дека овој проблем може да се надмине со зајакнување на регулативата и контролата при увоз на странски производи на македонскиот пазар и со развивање на свесноста на македонскиот потрошувач за купување македонски производи. Само на овој начин ќе ја зајакнеме домашната економија.
На кои пазари се присутни вашите производи?
Производите на „Горска“ се присутни на пазарот во Косово, Црна Гора, Албанија, Швајцарија, Австралија, Канада и САД. Извозот е мал сегмент од продажбата на нашата компанија затоа што водата е евтин, а тежок артикл, за кој транспортните трошоци се многу големи, па затоа не е погоден за извоз. Најголем интерес за нашите производи има во државите каде што има македонска дијаспора. Носталгични по вкусовите на кои се навикнати, тие пројавуваат голем интерес за македонски производи.
Како компанијата ги применува брзите промени во делот на дигитализацијата?
Се обидуваме континуирано да ги следиме светските трендови во доменот на негазирани и газирани пијалаци. Токму затоа, со цел следење на потребите на модерниот потрошувач чиј вкус постојано еволуира, во 2016 година решивме да воведеме уште еден канал на продажба и започнавме со е-продавницата kupigorska.mk. Онлајн продажбата се покажа како успешен канал и со текот на годините имаме раст на интернет-потрошувачите. Доставата на производите до домот е огромна придобивка, па затоа сѐ поголем број од потрошувачите се одлучуваат да нарачуваат онлајн.
Од голема важност е да се биде иновативен при создавањето на новите производи, па затоа ја воведовме новата линија на функционални води Горска Плус. Моментално, тренд во светот е консумирање вода збогатена со витамини и минерали. Во оваа насока би го направиле следното проширување на портфолиото на пијалаци, со нови вкусови на функционална вода.
Компанијата има широко портфолио на производи, кои од нив се најпродавани на македонскиот пазар и дали планирате проширување на асортиманот?
Најпродаван производ од нашето портфолио е Горска негазираната вода пакувана во ПЕТ-амбалажа од 0,5 л, 1 л и 1,5 л.
Во сегментот на газирани пијалаци, од нашите потрошувачи најдобро прифатен е Гора Кола газираниот пијалак. Од негазираните пијалаци најпродаван е Гора Мултивитамин, додека голем интерес има и за Горска газираната вода со вкус на лимон, Горска негазирана вода во фамилијарно пакување од 6 литри и линијата на функционални води. Предизвик ни е да создаваме модерни и иновативни производи, па затоа наредниот период ќе се посветиме на воведување нови вкусови.
Водата Горска е еден од водечките брендови. Колкаво е количеството на вода што го пласирате на пазарот и која е тајната за успехот на брендот?
Горска е лидер на пазарот на негазирана вода во државата и има значителен пазарен удел на пазарот на пакувана вода. Успехот на брендот се должи на врвниот и постојан квалитет на водата и долгогодишната традиција на брендот. Нашата компанија е препознатлива по негазираната вода која има извонредно урамнотежен и стабилен минерален состав и се наоѓа на врвот на високо квалитетни нискоминерални води. Изворот Трнскот од каде што извира Горска вода се наоѓа во една од најчистите, еколошко незагадени средини на Балканот, на 1.100 метри надморска височина на планината Кожув. Целокупниот процес на полнење се одвива според „ултра клин“ технологија за производство на пакувана вода. Континуирано го следиме квалитетот на водата во нашата микробиолошка, физичко-хемиска и биохемиска лабораторија, а дополнително квалитетот на водата го проверуваме во Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија.
Хемиските и микробиолошките анализи на водата се вршат во „СГС Институт Фресениус“ од Германија. Горска вода е единствената изворска вода во нашата држава која подлежи на редовна контрола од страна на водечкиот европски институт „СГС Институт Фресениус“ од Германија, каде што се проверуваат најреномираните светски производители на пакувана вода.
Македонските производители се ставени во многу неповолна положба поради тоа што странски брендови се присутни на полиците на речиси секој маркет во државата, со конкурентни цени.
Какви иницијативи презема компанијата во делот на општествената одговорност и одржливо работење?
Една од главните цели на „Горска“ е промоција на здрав животен стил, грижа за здравјето на нашите потрошувачи и подигнување на свеста за хидратација и спортување. Во таа насока, многу голем дел од промотивните активности на „Горска“ се насочени кон поддршка и организација на спортски настани. Поддржуваме многубројни спортски клубови, федерации и спортски настани, како што се разновидни натпревари, маратони, триатлони итн. Како интересна и успешна кампања би ја издвоиле иницијативата „Горска он д мув“, преку која организиравме бесплатно вежбање со врвни инструктори. Продолжуваме и натаму со поддршка на спортистите и поттикнување здраво, спортско живеење, а исто така поддржуваме и многу културни настани и манифестации.
Горска е сертифицирана со ISO 14001:2004 сертификатот како потврда за работа на еколошки менаџмент-систем. Големо внимание посветуваме на заштита на животната средина во процесот на целокупното работење. Како резултат на тоа, во текот на 2021 година поставивме фотоволтаични панели на покривот на фабриката во с. Конопиште, а минатата година поставивме фотоволтаични панели на покривот на административната зграда и магацините на „Горска“ во Скопје, со што нашата компанија самостојно произведува електрична енергија за сопствени потреби. Исто така, набавивме возила на електричен погон со цел намалена емисија на јаглероден диоксид во воздухот. Машинскиот парк за производство и дистрибуција на нашите производи е составен од нови, модерни, енергетско ефикасни машини кои трошат значително намалено количество на електрична енергија во процесот на работење. Од основањето, фабриката на „Горска“ има пречистителна станица за прочистување и мониторинг на отпадните води.
Колку е тешко денес да најдете квалификуван кадар?
Во последно време станува сѐ потешко да се пронајде квалификуван кадар. На наше големо задоволство, поголемиот дел од раководниот кадар на „Горска“ е во компанијата од нејзиното основање па сѐ до денешен ден. Брендот го градевме заедно, компанијата растеше низ заеднички напори и можам слободно да кажам дека сите ја чувствуваме „Горска“ како своја. Големо внимание посветуваме на одржувањето пријатна и пријателска работна атмосфера, што лично сметам дека е главен предуслов за задоволни и среќни вработени.
Што ја прави „Горска“ посебна во однос на другите компании и што може македонските потрошувачи да очекуваат годинава?
Македонските потрошувачи годинава може да очекуваат неколку нови производи кои верувам дека ќе предизвикаат изненадување. „Горска“ е симбол за квалитет и за модерен македонски бренд во континуиран раст, на што сме особено горди. Од мала, фамилијарна компанија, со многу труд, посветеност, љубов, ентузијазам, визија и континуирана работа, „Горска“ успеа да прерасне во регионално препознатлив бренд, а сепак да ги задржи принципите на работа и вредностите на еден фамилијарен бизнис. Според мене, тоа е најголемата предност што ја прави „Горска“ посебна и особено шармантна.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.