Ивица Петровиќ има 25-годишно искуство во FMCG-секторот. Како дипломиран економист, своите први искуства во малопродажбата, дистрибуцијата и процесите на функционирање на голема мултинационална компанија ги направил во 1998 година во претставништвото на „Унилевер“ во Скопје. Потоа неговата кариера продолжува во две локални дистрибутерски компании, за во 2006 година да му се приклучи на тимот на „Нестле“ Македонија како менаџер за клучни купувачи, а понатаму и како продажен менаџер за Македонија и Косово.
Како успешен менаџер, станува дел од продажниот тим одговорен за еден од најголемите интернационални купувачи „Теско“ во Полска, а од 2016 година како национален менаџер за клучни купувачи во Србија.
Во 2022 година се враќа во Македонија и му се приклучува на тимот на „Алма - М“ како генерален директор.
Компанијата „Алма-М“ на пазарот постои 33 години. Со кои предизвици се соочивте откако во 2022 година сте на позиција генерален директор на компанијата?
Покрај тоа што со „Алма - М“ сум поврзан од 2006 година и повеќето процеси и начинот на функционирање на компанијата ми се добро познати, сепак, позицијата сама по себе за мене беше многу голем предизвик.
Навидум, најмал предизвик претставуваше на почетокот секторот продажба, бидејќи доаѓам од сродна позиција. Но самата големина на тимот и комплексноста на операцијата беше навистина голема промена за мене.
Многу поголем предизвик претставуваше согледувањето на деталите во секојдневното работење, начинот на функционирање и поврзаноста помеѓу преостанатите оддели логистика, финансии, продажба. Заедно со тимот ги дефиниравме предизвиците со кои се соочуваат во дневното работење и работевме на изнаоѓање начини и можности за нивно надминување.
Имаме можности и капацитет, професионален кадар, знаење и во завршна фаза сме на преговори со нашиот нов партнер со чиј бренд ќе продолжиме во остварување на поставените цели.
„Алма-М“ почнува со работа како семејна компанија и за идно раководење, компанијата одлучи за професионален менаџмент наместо традиционалното семејно раководење. Ако ги погледнеме улогата на сопственик/основач на една организација и улогата на менаџер – дали е сеедно кој ќе застане на чело? Во кој дел придонесовте за унапредување на компанијата, а што, од веќе постојни визии прифативте?
Успехот на компанијата се должи на визијата на г. Муарем Муртезани да создаде компанија која ќе стане препознатлива по квалитетот и услугите што ги нуди.
Делејќи ја истата визија како за развој на „Алма - М“ така и за мојот личен професионален развој, одлучив да го прифатам предизвикот и да продолжам со истото темпо да работам на развивање на компанијата и унапредување на процесите.
Главниот фокус во изминатиот период беше на поедноставување на постојните процеси и процедури, зголемување на транспарентноста во работењето и во меѓусебната комуникација помеѓу сите сектори, споделување знаење и искуства, како и носење вистински одлуки во насока на подобрување на квалитетот на услугата што им ја нудиме на нашите клиенти.
Еден од значајните проекти што ги имплементиравме во изминатиот период е поврзан за продажниот тим, при што го преадаптиравме постојниот модел на работење имајќи ги предвид спецификите на секој тип продажен објект во насока на комплетно и успешно покривање на пазарот.
Во насока на унапредување и развој на бизнисот е и формирањето на Борд на директори на чие чело е г. Самет Муртезани, а членови се г. Амди Муртезани и г-ца Белма Муртезани. Со самата промена се додава нова вредност, професионален пристап со управувањето на компанијата не само во Македонија, туку и на вкупниот бизнис на групацијата.
Сите промени што се започнати од пред две години се определба за продолжување на патот на успехот каде што истиот ќе биде дефиниран и реализиран од професионален менаџмент.
Ослободувањето на времето од секојдневните оперативни работи остава простор Муарем Муртезани да се фокусира на дефинирање на стратешките правци за развој на нашите веќе етаблирани компании и бизниси во Албанија и Косово, како и започнување нов бизнис во соседна Србија.
Динамиката на промените нѐ учи на поголема транспарентност во комуницирањето помеѓу сите нас, од производителите до купувачите, бидејќи предизвиците се заеднички.
Колку производи имате во портфолиото и кои од нив се предводници во продажбата? Што треба да има една компанија за да стане ваш партнер?
Портфолиото кое го застапуваме е во делот на прехрана и ги опфаќа производите во категориите кафе, чоколадни напитоци, супи, мајонези, зачини, додатоци за исхрана, чоколадни импулсни производи, храна за домашни миленичиња, цереалии, заменски формули за доенчиња, гуми за џвакање, млечни производи, овошни јогурти, апетисани, кашкавали, сладоледи. Вкупниот број производи е приближно 1.000 и дополнителни 54 производи за сегментот на ХОРЕКА.
Речиси секој од производите што ги продаваме е лидер во своите категории: Wrigley гуми за џвакање, Nescafe, Dolce Gusto капсули, Thomy, Nesquik, Pedigrее, Whiskas, Mars, Snickers, Bounty, Twix, M&M, Jugobela, Zottis, Froneri и Mars сладоледи.
Особено би ги потенцирал Nescafe Classic, Nescafe 3во1, Wrigley гуми за џвакање, Thomy мајонез...
Можам да кажам дека сме отворени за разговор со секоја компанија која има долгорочна стратегија за настап на пазарот и за сопствен раст и развој.
Со какви капацитети располагате во поглед на магацинското работење, возниот парк, човечки ресурси? Планирате ли во наредниот период одредени инвестиции во проширување на капацитетите?
Во моментов компанијата има 292 вработени, поделени во различни сектори, а најголемиот број од околу 50% е во делот на продажбата.
Во моментов функционираме на вкупна површина од 36.000 м2, каде што магацинските простории се со површина од приближно 9.000 м2 или простор доволно за околу 16.500 палети. Истите ги исполнуваат највисоките критериуми и стандарди по кои работат најголемите мултинационални компании, за кои сме нивни претставник.
Од вкупниот простор, 2200 м2 се со температурен режим од 4 С до 8 С или за 1.800 палети. Дополнително располагаме и со комори за замрзнување од 500 м2 или 900 палетни места за сладолед.
Располагаме со возен парк од над 250 возила, од кои камиони, доставни возила, возила за достава на сладолед околу 60.
Покрај фокусот што го имаме кон нашите вработени да ги имаат најдобрите бенефити и придобивки во однос на секторот каде што работиме, постојано инвестираме во континуирана едукација и усовршување на компетенциите на секој поединец.
Која е Вашата стратегија на пронаоѓање, но и за задржување на вработените? Сметате ли дека работните дозволи за земјите од Отворен Балкан ќе го нарушат и така кревкиот пазар?
Покрај фокусот што го имаме кон нашите вработени да ги имаат најдобрите бенефити и придобивки во однос на секторот каде што работиме, постојано инвестираме во континуирана едукација и усовршување на компетенциите на секој поединец, креирајќи атмосфера на припадност и давајќи можност за долгорочен развој во самата компанија. Се обидуваме секоја отворена позиција да ја пополниме со соодветен кадар од нашите редови и можам да се пофалам дека во најголем број случаи успеваме во тоа.
Сигурно Отворен Балкан ќе нѐ принуди да бидеме уште покреативни, поконкурентни во однос на компаниите од Србија, Албанија, со цел да ги задржиме нашите вработени во компанијата.
Која е Вашата дефиниција за успешно работење? Што сметате дека е Ваша предност, по што се издвојувате од конкуренцијата?
Од разбирањето на приоритетите на нашите принципали, а тоа е секој наш производ да биде достапен и да се најде во потрошувачката кошничка на потрошувачот, зависи и толкувањето на тоа дали си повеќе или помалку успешен.
Задоволен краен потрошувач, задоволен вработен, задоволен клиент, задоволен принципал и континуитет на соработка со најголемите светски компании: „Марс“, „Вригли“, речиси 30 години, „Нестле“ повеќе од 17 години, „Зот“ повеќе од 10 години се доволна потврда на успехот на „Алма - М“.
Сето тоа е постигнато со континуирано учење, следење на трендовите и прифаќање на промените како составен дел за успешен развој, упорна работа, мотивиран и задоволен тим, преземање конкретни активности се предуслов за континуиран раст и успешно работење.
Во која мера ги следите трендовите кога станува збор за новите технологии, софтверските решенија и слично? Колку имате инвестирано во овој поглед досега?
Следењето на трендовите во технологијата денес не е избор, туку неопходност. Нашата компанија постојано инвестира во софтверски решенија, надополнувајќи ги постојните. Она на што компанијата имаше најмногу фокус, па и инвестиции во последниот период е адаптација на постојните и креирање нови решенија со кои се зголемува ефикасноста во работењето, се минимизираат грешките на човечкиот фактор, се автоматизираат процесите, а со тоа се ослободуваат слободни ресурси за зголемување на квалитетот на работење.
Светската, па и македонската дистрибуција доживеа големи порасти и падови изминатиов период. Кај нас имавме недостиг на производи, гарантирани цени, инфлација... Што како компанија научивте и променивте во работењето?
Живееме во многу динамично време со доста непредвидливи ситуации и брзината на реакција е клучна за успехот. Динамиката на промените нѐ учи на поголема транспарентност во комуницирањето помеѓу сите нас, од производителите до купувачите, бидејќи предизвиците се заеднички.
Како би ја опишале денешната состојба во дистрибуцијата во Македонија? Кои главни аспекти треба да се подобрат за да се подобри работењето на дистрибутивните компании?
Подобрување на работењето на дистрибутивните компании значи подобрување на функционирање на целиот синџир - од производителот до крајниот потрошувач, преку поголема транспарентност, симплификација на процесите, дигитализација и електронско поврзување со малопродажните синџири за размена на податоци со што би се зголемиле квалитетот и ефикасноста на работење. Но најважната работа се вработените, нивна едукација, мотивација, транспарентна комуникација и овозможување перспектива за личен развој во самата компанија.
Какви резултати очекувате годинава? Кои се Вашите планови/цели за наредната година, може ли да очекуваме нов производ, бренд или инвестиција?
Имаме амбициозно реални планови, како во насока на остварување реален раст на бизнисот така и во насока на креирање органски раст кој ќе дојде со надополнување на постојното портфолио со нови брендови и програми.
Иновациите во делот на нови производи се препознатливост на нашите принципи и за оваа година очекуваме збогатување на постојното портфолио со нови производи, нови вкусови. Еден од фокусите е и развојот на ХОРЕКА-сегментот и во однос на тоа изнаоѓање соодветно портфолио кое ќе ја исполни таа цел.
Имаме можности и капацитет, професионален кадар, знаење и во завршна фаза сме на преговори со нашиот нов партнер со чиј бренд ќе продолжиме во остварување на поставените цели.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.