Talk in Business

Трендови: Новото секогаш е придобивка

19 Oct 2016
Talk IN Business – Кафе и топли пијалаци
 
Новото секогаш е придобивка
 
Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Ритуалот на пиење кафе и топли пијалаци со роднините, пријателите, колегите и со соработниците, дома, на работа, по кафулиња и во ресторани... е навика, која традиционално, секојдневно се практикува. Приготвувањето на овие напивки одмора, расположува и стимулира, а консумацијата дава физички поттик, прави да се чувствуваме подготвени за секојдневните предизвици... А, кафето и топлите пијалаци најдобро одат со неизбежниот муабет, по можност да трае со часови.
 

Да зборуваме за категоријата!

На осмата Talk IN Business, во организација на македонската редакција на InStore, зборувавме токму за категоријата кафе и топли пијалаци. Наши соговорници беа претставници од компаниите, производители и дистрибутери на кафе и на топли пијалаци, кои беа расположени отворено да разговараат и да разменуваат искуства. Дискусиите беа насочени кон две главни теми – „Традицијата на пиење кафе и топли пијалаци, наспроти новата генерација купувачи" и „Дигиталната комуникација на компаниите, како неизбежна потреба за побрз развој". Во продолжение, ви пренесуваме дел од дискусијата.

Иновацијата во сојуз со традицијата

Кафето се пие од задоволство – да се ужива и да се почувствува неговиот вкус! Во таа едноставна реченица лежи и одговорот на прашањето зошто консументите одбираат токму одреден бренд... Затоа што неговиот вкус го буди добро познатото чувство на хедонизам, кое прераснува во навика. Иако традиционалното кафе е доминантен сегмент во категоријата, инстант кафето ја менува навиката на луѓето. Како што се менуваат генерациите, континуирано се зголемува и консумацијата на инстант кафе во земјава. Тоа е еден од ретките производи што ја промени сликата на пазарот и направи вистински „бум" – се проби и опстана, за разлика од многу други производи. Сепак, дали сме подготвени целосно да ѝ раскинеме на традицијата и да ја искорениме досегашната навика? Според заклучоците на учесниците, одговорот е – не!
 
Интернационалните компании развиваат бројни стратегии за зголемување на понудата на македонскиот пазар, но инвестициите се повеќе насочени кон мејнстрим пазарот, отколку кон помалите групи потрошувачи. „Бумот" на новиот производ трае одреден период, а потоа македонскиот консумент повторно се враќа на добро познатиот вкус. На пример, Македонците веруваат дека нема потреба да пијат кафе ако тоа е без кофеин. Безкофеинското кафе е малку застапена категорија, а мотивите и потребите на тие што го консумираат се поврзани со социјализацијата, односно „да прават друштво".
 
Учесниците се сложија дека македонскиот пазар е отворен за новитети, а компромисот е во задоволувањето на потребите на традицијата со тоа што го бара модерното време. По кристализирањето на вистинските вредности на производот, потрошувачите одлучуваат дали тој вреди да го задржи местото на пазарот или не. Категоријата кафе и топли пијалаци се развива во чекор со промените во навиките на потрошувачите, кои го опфаќаат здравиот начин на живот и животот во движење. Компаниите ги препознаваат тие сигнали и вложуваат во таа насока.
 
Карактеристика на модерното време е луѓето сè повеќе да водат сметка што јадат и пијат. За тоа колку ни се важни преференциите и потребите на потрошувачот, зборува и фактот што „Нестле" ја има најголемата истражувачка мрежа во прехранбената индустрија, со 34 истражувачко-развојни центри, изјави за регионалниот InStore Жељка Стојичиќ, сениор бренд менаџер за Nescafé.
 

Денес, сè почесто може да се видат луѓе што на пат кон работа го пијат утринското кафе, што укажува дека на повидок е развој на нови категории (ready to drink, кафе за носење, капсули). Сепак, учесниците заклучија дека за воведување на иновацијата, неопходна е едукација на потрошувачот, на што засилено се посветува внимание.

Според вработените на „Нестле" – Македонија, се забележува пораст на продажбата на апарати, наменети за приготвување на инстант кафе во домашни услови: Од светско ниво, трендот се прелева и на регионот, а што се однесува до понатамошните чекори на „Нестле", работиме вредно и посветено, постојано имајќи ги на ум потребите на сите потрошувачи и вљубеници во кафето.
 
Додека кафето забележува рамномерна продажба во текот на целата година, другите топли пијалаци се сметаат повеќе за сезонски. Дали сезоналноста може да се надмине, го прашавме Стефче Тунтевски од „Бизнис хаус".
 
Целосната програма на Doctor's Express се состои од различни видови кафе и напивки, кои се здрави (природни супститути, без шеќер, вештачки бои, конзерванси и без адитиви), инвентивни, лесни за подготовка и мултифункционални. Покрај кафето, кое се консумира во сè поголеми количества (класичните еспресо, макијато, фрапе или кафињата со вкус на чоколадо, карамела, ванила, како и новитетите Slim Cafe, Antistres Cafe, Diet Espresso, Cafe Vienna, Melange Cafe...), нашиот фокус опфаќа и понуда  и форсирање на другиот дел од широката палета на напивките Doctor's Express. Тоа се салепот, топлото чоколадо и овошните и хербалните чаеви, кои иако се сезонски, сепак успеавме да не дозволиме нивното консумирање да биде лимитирано. Успеавме сите производи од програмата Doctor's Express да ги направиме да бидат брзи и едноставни за подготовка, одговори тој.
 

На Talk IN Business беше констатирано и дека некои навики, на пример, пиењето какао, се подзаборавени од новите генерации. Денес, какаото повеќе се користи како состојка за готвење, отколку како напивка. Истовремено, се забележува поместување на границата на пиење кафе – новите генерации почнуваат порано да го пијат.

Порастот на секоја категорија доаѓа од новитетите. Во глобални рамки, кафето како категорија е можеби вредносно исто, но за да се задржи трендот на пораст во категоријата, неопходни се промени. Новото секогаш е придобивка! Целта е за секој потрошувач да има производ по негов вкус, затоа што до новитетите не се доаѓа врз основа на тоа што некој смислил, туку врз основа на истражување на пазарот, односно на разговори со потрошувачите. 
 

Во светот на дигиталната комуникација

Маркетингот на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук", освен што е сè поатрактивен канал за промоција на брендот, станува сè понеопходен и за вистинската целна публика да ја слушне пораката и да се активира. Оттука, неизбежна е потребата на производителите, дистрибутерите и на трговците за прифаќање и за приспособување кон интерактивната, дигитална комуникација со потрошувачот.

 

 
Според Дарко Булдиоски од академијата за интернет-маркетинг на „Clear View", при користењето на социјалните мрежи како канал за комуникација, македонските брендови и компании можат повеќе и подобро: Тоа што може да го посведочиме е дека недостига дефиниран пристап кон овие канали за комуникација. Таму содржината сè уште е само брза адаптација од некоја друга комуникација. Можеби се забележува одреден подем на содржините што поттикнуваат споделување и интеракција кај глобалните брендови во последните години, но не и кај локалните. Инвестирањето во квалитетна содржина и понатаму претставува реткост. Фокусот е на продажната комуникација и на директна, во некоја мерка нападна, промоција на производите.
 
Нашите гости на конфренцијата Talk IN Business имаат фејсбук-страници, кои најчесто им ги препуштаат на експерти, со кои се договараат за објавување на постовите. Тие „волтеровски" се сложија дека секој треба да се грижи за сопствената градина, односно работата да им биде препуштена на тие што вистински ја познаваат.
 
Тоа ни го потврди и Кирил Андоновски од „Рио кафе", кој додаде: Социјалните медиуми за нас не се само канал за промоција, туку и место за комуникација со потрошувачите, слушање на нивните потреби и размислувања, како и можност за подобрување на целокупното искуство што го имаат со нашите производи. Поради тоа, максимално сериозно пристапуваме кон интернет-комуникацијата и повеќепати сме организирале најразлични активности, со кои се обраќаме на точно дефинирани целни групи, со приспособени содржини. Некои од клучните придобивки на присуството на интернет се брзиот фидбек што го добиваме од корисниците, следење во реално време што се зборува за нас, како и можноста веднаш да реагираме и да излеземе во пресрет.
 
Најчесто, „Фејсбук" е и местото за коментарите. Притоа, учесниците се согласија дека треба внимателно да се пристапува кон коментарите, особено кон негативните, но не и да се премолчат. Молчењето не е решение, а транспарентната комуникација секогаш е најдоброто долгорочно решение, затоа што денес ништо не може да се сокрие.
 

Активностите и комуникацијата на интернационалните брендови се развиваат и на локалните фејсбук-страници, но тие се приспособени, во согласност со потребите и со навиките на локалните потрошувачи (најексплицитен е примерот со поврзаноста со празниците).

Многу често, особено во категоријата традиционално кафе, актуелни се наградните игри. Учесниците дури и се пошегуваа дека ова е категоријата со најмногу наградни игри во Македонија. Заклучокот беше дека можеби македонскиот потрошувач е малку презаситен од наградните игри и дека е потребен нов начин на интерактивна комуникација.
 
Социјалните медиуми се само модерна алатка за да го направите најосновното во бизнисот – клиентот да биде среќен. А тој ќе биде среќен ако се слушне неговиот глас и ако се примени. Дозволете им на корисниците да се вклучат на различни нивоа... Понудете искуство, а не производ!, истакна Дарко Булдиоски.
 
Учесниците на конференцијата се сложија дека дефинирањето на бизнис-целта, како дел од стратегијата за настап на социјалните медиуми, како и запознавањето и таргетирањето на вистинската целна публика, се неопходни за комуникација, која ќе поттикне споделување и интеракција.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...