Македонија

НФФ: Откупната цена на грозјето треба да е по 16 ден по килограм за „смедеревка“ и по 17 за „вранец“

25 Aug 2020

Националната федерација на фармери (НФФ) ги следи состојбите во лозарскиот сектор и она што го согледува како проблем се откупните цени, негативното влијание на климатските промени, како и застарените системи за наводнување на лозовите насади.

Со години наназад „смедеревката“ се откупува за 11 денари по килограм, а „вранецот“ по 13 денари. Оваа година, според најавите од одделни винарии, таа е уште пониска, 4-6 ден по килограм. Ова создаде голем страв и неизвесност кај лозарите. Секоја година преку НФФ одделение за лобирање и застапување правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден по килограм. Оваа година овие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции, соопштија од Федерацијата. 

На барање на Националната федерација на фармери од Земјоделскиот институт е доставена пресметаната единечна производна цена на грозјето која изнесува 11 ден по килограм, а производната цена на винското грозјето со амортизација (во амортизација влегува и работниот труд) изнесува 15 ден по килограм.

Со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно ориентирано и значајно за БДП на државата, изјави Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје, 70 отсто се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства.

Од Националната федерација на фармери потенцираат дека со години наназад бараат да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и сметаат дека откупната цена на грозјето треба да изнесува колку 16 ден по килограм за „смедеревка“ и 17 ден по килограм за „вранец“.

НФФ бара Инспекторатот за земјоделство да врши зачестени контроли за време на откупот и Министерството за земјоделство и рурален развој да овозможи услови за свикување на потсекторската група за вино и грозје која функционира во рамките на Министерството и согласно Законот за земјоделство и рурален развој ја разгледува состојбата во лозарството и претстојниот откуп на грозјето.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...