Македонија

Продолжен рокот на траење на лиценците и на овластувањата во транспортот

07 Apr 2020

Со уредба се зголемува времетраењето на транспорот за време на вонредната состојба од 9 на 11 часа дневно, за да се обезбеди непречен проток на стоки во периодот на корона кризата.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција информираше дека дневното време на управување со возило се зголемува од 9 на 11 часа, додека на неделно ниво се зголемува од 56 на 60 часа. Вкупното времетраење на управувањето на возила се зголемува од 90 на 100 часа на кои било две последователни недели за времетраење на вонредната состојба.

Возачите можат да возат пет и пол часа, а потоа возачот е должен да направи пауза од најмалку 45 минути. Претходно можеа да возат три и пол часа, па да прават пауза. Редовниот одмор за времетраење на вонредната состојба се намалува од 11 на 9 часа, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Донесените мерки се на барање на превозниците, кои би овозможиле побрз транспорт на стока во патниот сообраќај, намалување на гужвите на граничните премини и на локациите за одмор.

Во однос на железничкиот сообраќај, министерот Сугарески појасни дека либерализација во железничкиот сообраќај нема да се воведе во периодот на вонредната состојба. Тој додаде дека Железници на РСМ – Транспорт стои на располагање со сите свои ресурси за секоја заинтересирана компанија, колку што може повеќе да го користи овој транспорт.

Со неколку уредби со законска сила донесени од владата се одложува полагањето на испитите за возачи и за превоз на опасни материјали, додека сертификатите се продолжуваат за времетраење на вонредната состојба. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...