Како и минатиот петок и денеска преку социјалните мрежи е најавен бојкот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи. На повикот за бојкот на маркетите кој започна најпрвин во Хрватска, се приклучија и останатите држави од регионот.
Економскиот аналитичар, Абил Бауш, смета дека бојкотот на маркетите е обид на потрошувачите да изразат незадоволство од зголемените цени на основните прехранбени производи и општиот трошок за живот. Според него, вакви акции можат да имаат симболична и психолошка тежина, бидејќи покажуваат дека граѓаните се подготвени да реагираат и да бараат одговорност од бизнис секторот и од владините институции.
Од Сојузот на стопански комори (ССК), пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто, соопштуваат од ССК.
Според податоците што ги објави Управата за јавни приходи (УЈП), вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава на минатиот петок бил намален за 46,59 отсто во споредба со претходниот, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот.
На, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари. Во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари. Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%, се вели во соопштението од УЈП.
Министерството за економија најави дека денеска или в понеделник ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите ланци маркети.
Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, изјави вчера министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, по средбата со новинарите.
Според него, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до крајот на неделава треба да ги заврши шестмесечните контроли со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.