Македонија

Ќе се одлее ли македонската работна сила во Отворен Балкан?

25 апр 2024

 Економски развој или соочување со недостаток на работници? Кои ќе бидат позитивните а кои негативните ефекти за македонската економија од слободниот пристап на пазарот на трудот во рамките на Отворен Балкан.

Приредил: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Од 5 март граѓаните на Република Северна Македонија, Србија и Албанија ќе можат да ја користат мерката за слободен пристап до пазарот на трудот во рамките на Отворен Балкан.

Со овие новости и олеснувања, граѓаните добиваат многу побрз и многу полесен пристап до можностите за работа во трите држави. Од моментот на обезбедување пристап на пазарот на труд, во сите следни фази кои подразбираат преговори за работа, вработување и пензиско-здравствено осигурување, правата и обврските на граѓаните и компаниите остануваат неизменети, односно исти како и досега, во согласност со националните законодавства, соопштуваат од македонската Влада.

Иако ваква мерка наиде на позитивни реакции и кај граѓаните, македонските стопанственици стравуваат од одливот на работници, кој во последниов период се интензивира.

 

      Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање

Економски развој за нас би било доколку останат нашите градежни работници и соодветно ги платиме, а со тоа и ќе ја градиме домашната економија и БДП-то. Меѓутоа, се плашиме дека со Отворен Балкан и оние работници што ги задржавме овде во овој период, доколку нема ново зголемување на платите, ќе се одлеат во наредниот период во Србија. каде што просекот на плати е повисок од нашиот дури и до 40 проценти, барем во градежништвото.

Тешко дека некој ќе бара работа кај нас, евентуално неквалификуван кадар од Албанија, бидејќи само тие се за нијанса помалку платени од кај нас. Со порастот на минималната плата и растот на просечната плата сè уште не се задоволува вредноста на минималната потрошувачка кошница и тоа е уште една причина нашите работници да продолжат да се иселуваат, како во Србија така и во Црна Гора, Хрватска и подалеку.

Можам со сигурност да кажам дека најпогоден од недостиг на работници ќе биде градежниот сектор, имајќи предвид дека само минатата година имаме над 12.000 градежни работници помалку. Потоа угостителство, бидејќи и овие работници се далеку поценети надвор од Македонија. Увоз на работници или размена може да има само кај сезонските работници кои преку летниот период и тука се добро платени, но зимскиот туризам доста ни заостанува во поглед на соседните земји.

Треба да се заштити македонскиот пазар на труд од поголеми потреси и морално е, но тоа не само да биде притисок врз приватниот сектор туку и самата држава и нејзините претставници да почитуваат Колективни договори и Закони кои ги носат, од една страна, и давање приоритет на домашните компании, од друга страна. Со еден збор, не може секторот градежништво кој е пред колапс да се сведува на странски фирми и милиони одлеани во тие компании наспроти нашите компании кои засега не добија ништо од тој пакет (Бехтел и Енка конзорциумот како најпоследен пример). За нас во ССМ приоритет имаат нашите работници и домашните компании доколку сакаме пораст на економијата, а со увоз на евтина работна сила од земји од третиот свет  не го предвидуваме тоа. Доколку работниците досега беа ценети и соодветно платени, немаше да имаме толкав егзодус на работна сила.

 

    Владанка Трајкоска, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија

Оваа иницијатива можеби нема многу да влијае врз развојот на македонската економија, но секако претставува цивилизациска придобивка на граѓаните на трите држави. Слободното движење на стоки, капитал и луѓе е слобода која ја уживаат граѓаните на државите членки на Европската Унија.

Олеснувањето на административните бариери секако ќе го олесни вработувањето на нашите луѓе, но степенот на развој на трите држави е сличен и не верувам дека ќе предизвика нарушување на пазарот на трудот кај нас. Може да е поголема помош и олеснување за фирмите што имаат свои претставништва во Србија и во Албанија со цел полесно отворање нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри.

Секторите како што се угостителството, градежништвото, сообраќајот или преработувачката индустрија имаат недостиг на работници и кај нас и во земјите членки на оваа иницијатива. Поголема конкуренција се Хрватска, Словенија и, се разбира, Западна Европа. Странските инвеститори што планираат да отворат фабрики кај нас или да ги прошират, со овој договор можат да ја видат Македонија како поширок пазар, со поголема понуда на работна сила. На пример, југот на Србија е со намалена економска активност и ако инвеститорот размислува во насока дека работниците би можеле да дојдат од Србија, тоа би можело да биде поттик за инвеститорите да видат поголем број работници отколку што се моментално на располагање.

 Пазарот на труд не треба да се штити со никакви административни бариери, туку по примерот на соседна Србија, треба да се олеснат административните бариери за влез на странски работници во земјата, да се зголемат квотите за вработување и да се поедностават процедурите за вработување на странски работници. Исто така, наша постојана обврска е да создаваме подобри услови за стопанисување преку реформи на партизираната администрација, подобрување на инфраструктурата, образованието, здравството и другите области на живеење за да ги задржиме младите во земјава.

 Дејан Манев, експерт за развој на малопродажни мрежи     

Сите изминати години примарно целиме кон пристап до неспоредливо поголемиот европски пазар на труд, без реално да ги измериме ризиците и можностите од тие постапки за приближување на нашиот пазар за труд до значајно поголем, пофункционален и поорганизиран систем, со апсорпциона моќ во еден ден да ги „вшмука“ сите квалитетни кадри достапни на нашиот пазар за труд. Следствено на овие податоци, мора да гледаме на Отворен Балкан како на прв краток чекор кој ќе нѐ подготви за подобро функционирање во пристапувањето на таа условно кажано суперлига на пазарите на труд, во која ќе мора да чекориме со долги чекори кон исполнување на сите параметри. 

Генерално, ако се применува како што треба, со кратење на сите бариери, не треба да очекуваме негативни ефекти. Ние и сега имаме огромна потреба за флуктуација на кадрите помеѓу сите три земји, но сите тие сложени и долги административни постапки за верификација на сите документи ги одвраќаат работодавците и работниците од заемната желба за воспоставување одлична соработка. Знаете, ние сега како држава сме на почетните чекори кои многу земји околу нас, на пример Грција (пред 40-ина години), Бугарија и Хрватска, ги поминаа и ги пребродеа овие шокови со огромен одлив на работоспособно население. Голем дел од тоа население по 20-ина години успешно се враќа во својата матична земја и интензивно инвестира во создавање подобри услови во својата држава. Мора соодветно да ги антиципираме и кратките и долгорочните позитивни ефекти од овие иницијативи и спогодби.

Ние и сега сме во истата ситуација и без овие нови моменти со воспоставувањето на Отворен Балкан. Тоа значи дека итно треба да се предложат иницијативи, особено во делот на градежништвото и во малопродажбата. Треба државата да биде иновативна во своите решенија и далеку пофлексибилна кон целото работоспособно население, пред сѐ кон студентите и пензионерите. Мора да се менуваме и приспособуваме за успешно и брзо да се подобруваме во чекорењето напред кон многу пофункционални и понапредни пазари.

Треба да се востанови систем за најкритичните професии во смисла сѐ што бара многу години едукација, тренинг, пракса, т.е. вложување многу време и пари, мора да има одредени бенефиции и награди, за сите ние со голема желба да продолжиме да дејствуваме во нашата држава.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...