Македонија

Што нѐ очекува во 2024 година?

14 Feb 2024

Година на економско закрепнување, реформи, зголемување на домашната потрошувачка и инвестициите, владини мерки насочени кон компаниите и граѓаните, контрола на инфлацијата... се само дел од очекувањата на нашите соговорници за 2024 година.

Приредил: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Економските експерти се едногласни, изминатата 2023 година беше една од најтешките години за македонската економија. Вртоглавиот пораст на цените, високата инфлација, намалувањето на животниот стандард на граѓаните и владините мерки за ограничување на цените на прехранбените производи беа најактуелните економски теми.

Според спроведеното истражување од „Централноевропската перспектива“ (ЦЕПЕР), кое било спроведено во 12 земји од Централноевропскиот Регион, Република Северна Македонија се најде на листата со држави кои изразиле најголемо разочарување за 2023 година. Над 70% од македонските испитаници сметале дека изминатата година била лоша, додека помеѓу 30% и 39% сметаат дека годинава ќе биде пристојна.

Во овој број на Instore од нашите соговорници побаравме мислење за предизвиците со кои се соочуваше економијата во годината што измина, но и кои се нивните очекувања за годината што е пред нас.

       Аби Бауш, економски аналитичар       

   Во 2023 година македонските компании се соочија со низа предизвици предизвикани од три последователни кризи: пандемијата, енергетската криза и кризата со снабдувањето на храна, кои значително ги нарушија оперативните функции и предизвикаа прекини во снабдувачките синџири. Зголемената инфлација значајно ги зголеми оперативните трошоци, вклучително и за суровините (репроматеријалите), енергијата и транспортот, создавајќи притисок врз понудата и профитабилноста. Покрај ова, компаниите се соочија со недостиг на квалификувана работна сила, што дополнително ги зголеми трошоците и ги ограничи можностите за развој и иновации. Оваа комбинација на кризи создаде сложена средина за работење, предизвикувајќи компаниите да преземаат значителни испитувања и приспособувања за да опстанат и да се развиваат на пазарот. 2024 е изборна година за Македонија, а исто така сме во фаза на економско закрепнување, па за очекување се значителни промени во економијата, како политичка стабилност и воведување економски реформи од новата влада, урамнотежување на пазарот со постепено враќање на стабилноста во снабдувачките синџири и контрола на инфлацијата, зголемување на домашната потрошувачка и инвестициите, поголем фокус на одржливост и иновации со инвестиции во зелена енергија и дигитализација, и мерки за намалување на социјалните и економските нерамнотежи, особено во поддршка на најранливите сектори и региони. Сепак, овие прогнози се подложни на промени, зависно од глобалните и внатрешните политички и социјални динамики.

Владините мерки во Македонија би можеле да бидат клучни за поддршка на компаниите како стимулирање економски раст преку даночни олеснувања, субвенции и инфраструктурни инвестиции, особено важни во изборна година. Поддршката на иновациите и дигитализацијата е критична за конкурентност, додека мерките за образование и обука ќе помогнат во решавање на проблемот со недостигот на работна сила. Владата, исто така, треба да се фокусира на социјалната и економската рамноправност, обезбедувајќи придобивките да се распределени рамномерно, додека одржуваат здрави јавни финансии. Значи, со штедење и паметно инвестирање на среднорочен и долгорочен план ќе бидеме многу понеранливи од идните кризи што можат да ни се појават. Колку повеќе ги јакнеме домашните капацитети на производство на храна, енергија и услуги, толку повеќе може да ги задоволиме и потребите на нашите граѓани, а така ќе бидеме конкурентни и на регионалниот и на глобалниот пазар

    Стефан Шишовски, директор на  „Перутнина Птуј“ - Скопје             

    Гледано од аспект на индустријата во која работиме, годината што измина беше прилично динамична и турбулентна од секој можен аспект. Од почетокот на годината продолжија ценовните шокови кои како тренд се провлекуваа и во 2021 и 2022 година, за во втората половина од изминатата година да имаме период на активни мерки од страна на Владата, кои беа во насока на заштита на крајниот потрошувач на пазарот. За компаниите што интензивно работат, односно работеа во изминатите години на развој и имплементација на своите долгорочни бизнис-планови, годината не беше изненадувачка, односно бројките беа задоволителни.

Со оглед на фактот дека станува збор за година во која имаме парламентарни и претседателски избори, сметам дека бизнисот генерално би водел една конзервативна политика во однос на краткорочно планираните инвестиции. Трговијата, односно секторот во кој работиме, мислам дека би бил подинамичен во однос на претходната, во смисла на интензивни ценовни активности во целиот FMCG-сектор, кои, од една страна, би имале сериозен притисок на задржување на нивото на продажните цени, додека, од друга страна, ваквиот притисок би бил сериозен предизвик во управувањето со интерните трошоци во рамките на секоја компанија.

Сметам дека Владата и оваа година ќе треба да се вклучи во изработка и спроведување активни мерки за развој и одржливост на успешноста на македонските компании, кои се крвотокот на македонската економија. Само со таков пристап и креирање долгорочни економски политики, кои независно од политичката боја на владејачките гарнитури би биле конзистентни, предвидливи и долгорочни, компаниите би можеле полесно да се борат како на домашниот така и на извозните пазари, на кои земаат активно бизнис-учес

  Никола Лаврња, менаџер за финансии во „Нелт Ст- Македонија“                   

   Поминавме прилично динамична година со многу турбуленции и предизвици. Би ја поделил на два периода, првиот е до владините мерки, односно од јануари до септември, каде што предизвиците со кои се соочивме може да се сметаат за обични работни предизвици и тој период без разлика на сѐ беше успешен (не само за нашата компанија, туку и за нашите долгогодишни бизнис-соработници со кои ги коментиравме овогодишните резултати. По септември, за нас, настапи потежок период поради нејасно дефинираните државни мерки, како и нестабилниот пазар на труд.

Со оглед на тоа, знаејќи дека ќе имаме парламентарни и претседателски избори, генерално очекувањата од тој агол се дека ситуацијата ќе биде поприлично мирна, без позначајни удари, но исто така и без големи шанси за сериозен раст и напредок. Исто така, последица од изборите е можна побавна работа на институциите и решавањето на барањата на компанијата од институциите. Инфлацискиот притисок секако се наметнува како предизвик, поради што и на светско ниво падот на инфлациите е побавен од предвиденото, а така и за состојбата на пазарот на капитали (високи каматни стапки без индикации дека би дошло до пад), при што капацитетите на компаниите за дополнително задолжување се поприлично задолжени во текот на 2023 година и просторот за реакција и приспособување на компанијата сега е значајно намален.

Потребно е владините мерки да бидат насочени, пред сѐ, кон дигитализацијата, која ќе овозможи значајно побрза и поефикасна работа на компанијата, како и приспособување на прописите, доволно е да ги погледнеме на земјите од регионот, кои се многу пред Македонија во тој поглед). Што се однесува на економските мерки, најдобро е да не се допира ништо, како што ни покажува и практиката на поразвиените економски држави.. Неопходно е пазарот да почне повторно да функционира на постулатите на пазарната економија.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...