Македонија

Малите производители на храна потпишаа договори за грант поддршка

28 ное 2023

Сто триесет и три мали производители на храна од неживотинско потекло денеска потпишаа договори за грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека целта на договорите,кои се во вкупна вредност од 1,2 милиони евра е да се поддржат малите производители да произведуваат и стават во промет финални македонски традиционални производи.

-Доделуваме 133 договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра преку кои даваме грант поддршка којашто ќе биде исплатена авансно на малите производители на храна од неживотинско потекло за набавка на опрема. Со договорите поддржуваме најразлични традиционални производства на храна, опрема за производство на ајвар, на маџун, на разни слатка, на мармалади, на масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, на путер од бадеми, од лешник, сокови од калинка, јаболка, рибизли, потоа набавка на соларни сушари, на машини за пакување на најразличен тип на овошја, зеленчуци и други типови на производи, изјави Николовски.

                               

Тој упати  апел до сите апликанти да ги читаат договорите и да се следат роковите заради тоа што, како што рече, се исклучително кратки.

Тим лидерот на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, Горан Димовски истакна дека во изминатите 10-тина години ИМЕ е партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Во повеќе наврати ги следиме и придонесуваме во политиките на Министерството преку креирање на Законот за органско производство, преку низа подзаконски акти. Задоволство ми е што бевме дел од тимот во креирање на оваа мерка за поддршка на мали производители за производи од неживотинско потекло. Тоа беше една заедничка заложба во која што учествуваа АХВ и малите производители преку свои претставници од Слоуфуд. На тој начин се дојде до мерка која што навистина одговора на нивните потреби, истакна Димовски и додаде дека  оваа мерка, е од исклучителна важност бидејќи ќе овозможи на малите производители да обезбедат дополнителна опрема, да ги унапредат условите во коишто работат да можат да произведуваат и поквалитетно и подобро и безбедно.

Тој потенцира дека Швајцарската ИМЕ програма долги години работи со малите производители на овозможување на воведување на нови технологии, воведување на нови бизнис модели и доаѓање до нови пазарни можности.

Фото: Facebook

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...