Денес во „Супер Тинекс“ во „Ист Гејт“ беа презентирани девет македонски стартап компании кои почнуваат со продажба на своите иновативни производи во рамките на предизвикот „Стартап Херои – Од супер идеја до супермаркет“.
За идејата, процесот на соработка и идната поддршка позборувавме со Цветанка Христовска, бренд директор на „Тинекс“. Таа ни откри дека на покана на Фондот за иновации и технолошки развој, од тогашниот директор Коста Петров, решиле да станат дел од проектот.
Идејата беше, на која останавме доследни до крај, да аплицираат стартап компании со нивните иновативни производи, кои ќе ги развиваат така што на крајот ќе бидат позиционирани во маркетите. Оттука тргна сè, имаше многу состаноци, даден беше период за аплицирање. Кога заврши тој процес беше составена комисија со членови од „Тинекс“, ФИТР, ИМЕ и други надворешни соработници, при што направивме селекција на девет компании кои сега се присутни, објасни Христовска.
Таа додаде, дека тимот на „Тинекс“ во текот на целиот процес на подготовка на производите, биле заедно со стартап компаниите нудејќи им комерцијална, правна помош, помош во маркетинг-комуникацијата и сл.
Целта ни беше да направат производ кој веднаш по позиционирањето ќе биде меѓу производите кои со години се застапени во маркетите. Долг беше целиот процес, предизвик беше и за нас како компанија, бидејќи истовремено работевме со девет нови фирми на кои требаше да им се претстави целиот пат - од производствен погон до полиците на маркетите. Требаше со нив да се работи и за тоа како треба, како тим да се вложат максимално и по позиционирањето да ја следат продажбата и да бидат постојано присутни, користејќи промотивни и маркетинг-алатки. За нив сега е најбитно тие да бидат препознаени, пробани и потоа да веруваме дека заради квалитетот ќе бидат препознаени од потрошувачите, додаде Христовска.
Договорот со фирмите за овој проект подразбира дека тие ќе бидат ексклузивно застапени во „Тинекс“ во период од една година, во десет маркети. Денешното лансирање почнува од маркетот во „Ист гејт“, а до петок ќе се лансираат во другите маркети. Од „Тинекс“ најавија дека стартап фирмите за цело време ќе добиваат директна поддршка од нив.
Отворени сме за иновативни производи, тука сме во маркетот во „Ист Гејт“ каде за првпат е поставена каса за самонаплата. Како компанија размислуваме во таа насока и секогаш сме подготвени за нови предизвици и иновативни решенија кои сакаме да ги презентираме на нашите потрошувачи, изјави Христовска.
Стартап хероите кои се најдоа на полиците на „Тинекс“ се: „Евал“ која ќе продава свежи тартуфи и најразлични производи во комбинација со македонски тартуф, „Плант“,- микрохрана произведена со Invitro технологија – микропланта, „Матриошка“ -Вајс сладолед со вино, „Про-Фит Вис“ - протеински крекери со намалени јаглехидрати; „Кинадо“ –безалкохолен енергетски пијалак на база на чиа семе; „Скуп“ со три пакувања на премиум сладолед ; „Пивара Бакрески“ со првото македонско безалкохолно крафт пиво, „Фила козметика“ со домашни козметички производи од природни состојки и „Пиволабс“ со пиво кое претставува хибрид од класична IPA со темни стилови на пиво.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.