Говорници и теми што инспирираат успех, панел-дискусија со која освоивме мала, но значајна победа, награди за хероите, нови дружења и потенцијални соработки – 9.FMCG SUMMIT и годинава блесна во полн сјај
Помина и 9. FMCG SUMMIT и како по секој голем настан, на кој речиси цела година работи целиот тим на InStore и на „Кликер маркетинг“, можеме да здивнеме, барем за кратко. Но, како по овој самит никогаш претходно не нè држела еуфоријата толку долго. А еве и зошто...
10 говорници, 4 панелисти, над 350 учесници, 16 спонзори, 5 ритеил-партнери, медиумска покриеност на настанот од речиси сите медиуми! И најзначајното, значителна победа за сите компании од FMCG-секторот!
Годинава над 350 учесници присуствуваа во сала која понуди освежување во поглед на модерната техника, која овозможи вистинско визуелно уживање. За овој самит обезбедивме и поголем простор за да можат спонзорите подобро да ги претстават своите производи, но и за она што навистина е многу важно за овие настани – поголем простор за дружење и вмрежување.
По деветти пат докажавме дека настанот на годината - FMCG SUMMIT Скопје е предводник на трендовите кои носат промени во бизнис-секторот. И самите носиме новитети: покрај најдобрите говорници ги избравме нашите херои и најдобрите менаџери за набавка. Признанијата ги добија Влатко Најдовски од dm за најдобар вработен од продажен персонал, Елмаида Зeкировиќ од „Веро“ за најдобар менаџер за набавка и Жарко Матевски од „Веро“ за најдобар вработен од продажен персонал. Првпат доделивме награди и за најсреќните посетители, кои си заминаа со полни колички со производи од „Веро“, dm, ЛКА и со награди од „Филип Морис“
Самитот го одбележа одличната панел-дискусија и големиот интерес за актуелната тема и изборот на панелисти: Крешник Бектеши, министер за економија, Бранко Азески претседател на Стопанската комора, Икица Павлоски, комерцијалниот директор во „Лион“ и Климе Булоски, изврше директор на „Еуро табак“. Салата беше полна со учесници до крајот, кои активно учествуваа со свои прашања и бурно реагираа. Реакциите на секторот, по завршувањето на самитот, вродија со плод.
Настанот, како и секоја година, го отвори Верица Мартиновска, директорка на магазинот InStore и на „Кликер маркетинг“.
Важно е да се собереме заедно и да споделиме некои заеднички идеи и пристапи, затоа што заедно сме секогаш посилни. Имаме одлична програма, имаме супер говорници, многу сум среќна што повторно избравме одлични теми, истакна таа.
На настанот свои излагања имаа 10 говорници, познати и признати експерти од Македонија, регионот и од светот. Тие успешно отворија нови перспективи за напредок во ритеил-светот и дадоа одговори на дилемите со кои се соочуваат компаниите. Темите и годинава беа одлични и разнолики, а отворија и нов светоглед за тоа кои се трендовите во FMCG-секторот и кои се предизвиците и можностите на малопродажбата. Говорниците одговорија нa некои од најбитните прашања со кои се олеснува предвидливоста во работењето: кој е нашиот потрошувач денес, како ефективно да се организира синџирот на снабдување, кои се потрошувачките и малопродажните трендови кои ќе го одбележат работењето во иднина, кои се најдобрите алатки и техники на продажба, кои се потрошувачките навики во време на инфлација...
Годинешниот keynote speaker Тони Дурам од Велика Британија одржа одлична презентација со наслов „Од игри на умот до победи во продажбата – Ослободување на моќта на науката за однесувањето на бизнисот“. Искуството стекнато во 35-годишното работење на менаџерски позиции во P&G го преточи во предавање од кое дознавме дека сите стратегии за потрошувачите треба да бидат јасни – Keep it simple!
Постои верување дека купувачите донесуваат логична одлука, а тоа не е точно бидејќи повеќето одлуки не се резултат на длабоко размислување. Тие се носат мрзливо, односно се засноваат на тоа што е веднаш достапно, нагласи тој.
Преку примери тој го претстави дикој ефектот, кога купувачот има две опции, а третата, помалку атрактивна опција (дикој) влијае врз нашата перцепција во однос на изборот на првите две опции.
Исклучително искуство за учесниците претставуваше излагањето на меѓународниот аналитичар Себастијан Ренак, кој ги потенцира предизвиците со кои се соочува секторот на малопродажбата во Европа и даде негово видување какви можности и предизвици ги очекуваат трговците во следната година. Тој посочи дека актуелните воени конфликти и хиперинфлацијата ги доведуваат трговците да го постават прашањето: Како да се направи бизнис-планот за идната година?
Воедно, Ренак зборуваше за лојалноста и за вредноста, која во време на инфлација повторно станува крал. Тој го истакна и трендот на дисконтерите во Европа кои се наоѓаат меѓу премиумизација на маркетите и враќањето кон ефикасноста.
Учесниците на самитот имаа можност да ја следат презентацијата на Бобан Младеновски, кој е менаџер за транспорт во малопродажната компанија број еден во Велика Британија - „Теско“. Тој детално објасни како функционира дистрибуцијата во оваа светска компанија. Ги претстави најсовремените методи и апликации кои ги користи компанијата во транспортот и дистрибуцијата, со што ги инспирира посетителите кон кој правец треба да се движат трговците во иднина.
Огнен Костовски, раководителот на тимот за дистрибуција во компанијата „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“, го претстави новиот бизнис-модел, додека Калина Медаровска-Михајловска, управител на истражувачката агенција БРИМА, ги претстави резултатите од истражувањето кое агенцијата наменски го направи за 9. FMCG SUMMIT, а учесниците ексклузивно можеа да слушнат кои се потрошувачките навики и дали во време на инфлација треба да се воведуваат нови производи.
Дејан Сипковски, управител и генерален директор на „БМ груп Македонија“, ги сподели со нас алатките за ефективна продажба, а во неговото излагање го потенцираше планот: A goal without plan is just a wish!
Интересна презентација која ја насмеа и раздвижи публиката имаше говорникот од Босна и Херцеговина - Емир Ганибеговиќ, експерт за продажба со долгогодишно искуство во FMCG-бизнисот. Тој зборуваше за продажните техники и емоционалната инетлигенција. За продажбата, но во онлајн светот зборуваше Драган Јосифовски, извршен директор и коосновач на Paket.mk, кој претстави различни онлајн-концепти и објасни зошто токму сега е важна е-продажбата.
Билјана Гонева, менаџер за комерцијален развој на категоријата храна за РС Македонија и Косово во „Нестле Адриатик“, во својата презентација истакна дека брендовите треба да реагираат така што ќе бидат агилни на трендовите и брзо ќе ги имплементираат во своето портфолио. Од друга страна, Александар Стевановиќ, директор за консултатнтски услуги за секторот на малопродажба за Југосточна Европа во „PwC Croatia“ зборуваше за тоа како трговците пак, треба да ги надминат предизвиците кои ги носат потрошувачите и нивната брза трансформација.
И по спласнувањето на импресиите и по ревидирањето на тоа што беше добро и тоа што можеше да се направи подобро, вдишуваме длабоко оти подготвуваме уште многу нови проекти. Кога веќе го подигнавме 9.FMCG SUMMIT на едно ниво повисоко, се прашуваме што ново може да понудиме за следната година. Но, инспирацијата доаѓа од вас, а со нашето знаење и поддршката што ни ја пружате, подготвени сме да ги преминеме границите.
Затоа, отсега, запишете го 31.10.2024 година, зошто тоа е датум кога повторно ќе имаме ден за инспирација и ден од кој почнуваат вашите нови успешни приказни. Се гледаме на 10. FMCG SUMMIT SKOPJE!
Ви благодариме за заедничката победа!
Искрено ваш,
Тимот на InStore и „Кликер маркетинг“
За 9. FMCG SUMMIT рекоа...
Наташа Панчевска, оперативен и генерален менаџер на „АВТ интернационал Македонија“
FMCG самитот веќе години наназад препознатлив како централно место на собирање на трговците, производителите и дистрибутерите во земјава. И оваа година бевме во можност да слушнеме за најновите трендови во секторот, да се запознаеме со какви предизвици ќе се соочува FMCG-индустријата и поблиску да се информираме за иновациите што ќе ни овозможат да ги направиме поуспешни нашите брендови на пазарот. Од големо значење е да се слушнат мислењето и ставовите на еминентни луѓе од секторот, да се разменат деловни искуства и да се остварат нови деловни контакти. Би сакала да го пофалам изборот на говорниците и темите како особено релевантни за FMCG-секторот, како и ефектната панел-дискусија.
Марјан Стоилов, директор за продажба во „Прилепска пиварница“
Овој деветти FMCG SUMMIT годинава ги надмина очекувањата.
Говорниците беа одлични, преку споделување искуства, воедно и споделување за трендовите во регионот и пошироко, а најистакнат беше главниот говорник Tony Durham кој искуствено даде корисни информации, така што секој слушател можеше да ги обнови и прошири веќе стекнатите знаења.
Земајќи ја предвид актуелна економска атмосфера, изборот на панелисти не можеше да биде подобар за да го поттикне интересот кај слушателите од FMCG-индустријата.
Вмрежувањето беше одлично, остваривме средби со многу пријатели и колеги од индустријата.
Задоволство беше да се присуствува на овој FMCG SUMMIT, што се потврди со големата посетеност, а следната година верувам дека организаторите ќе имаат уште поголем предизвик.
Дејан Јаневски, комерцијален директор на „Макпрогерс“
Настани како FMCG SUMMIT речиси и да нема кај нас и му фалат на секторот. Овој настан овозможува да ги согледаме моменталните предизвици со кои се соочуваме сите во оваа дејност од различни перспективи. Преку предавачите кои се со богати кариери можеме да се информираме за трендовите во секторот, како и за решенија за предизвиците со кои се соочуваме во турбулентен период. За поздравување е панел-дискусијата на која отворено се дебатираше за проблемите, како и заклучоците што произлегоа од неа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.