Седумка за успех
Поднаслов: Потпирајќи се на поддршката на семејството, фирмата „Провал пром“ успешно создаде пријатни места за работење и купување во трите објекти на дисконт „Рико“ во Валандово
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Пријатниот разговор со Мита Петрова, ќерка на сопственичката на фирмата „Провал пром“, Валентина Проданова, го почнавме со приказната за среќната седумка. Секој нов објект е отворен по седум години. Низ целиот разговор Мита ја потенцираше цврстата нишка која почнува од семејството и го сплотува, што е причина за успешност во бизнисот. Опфативме многу аспекти од работењето, скокавме од тема на тема, се надополнувавме... но, сега, да почнеме од почетоците...
Првата продавница, која се наоѓа на Првомајска 3/7 во Валандово, е отворена во 2000 година, на продажен простор од 140 м². Претходното работно искуство што го имале родителите било причина да отворат и да работат во сопствена продавница: Мајка ми работеше порано како продавачка во продавницата „Агропромет“, а татко ми работеше како комерцијалист. Тој можеше да ги увиди работите што се одвиваа на терен, а мајка ми на продажното место, почна со приказната Мита.
Дека тргнале по вистинскиот пат, може да се докаже со успешното работење на трите дисконти „Рико“. Вториот се простира на продажна површина од 170 м², а третиот на 1300 м². Во рамките на фирмата работи и магацин, преку кој се снабдуваат продавниците, но и се доставува стока до други продавници, како и ресторан „Рико“.
Иако, како и секое чекорење кон успехот, и ова е исполнето со подеми и падови, со секојдневни мали и големи предизвици. Соочување со конкуренција, секојдневна борба со цени, пресметки, вложувања...
Во околината каде што работи дисконтот „Рико“ се отворени уште два дисконта - „Кам“ и „Жито“, што за мал град изгледа многу. Мита ја истакна нивната предност: Секојдневно се бориме со цените. Имаме магацин со голем простор, така што може да земаме поголемо количество производи и на тој начин балансираме и нудиме пониски цени.
Со оглед на тоа што Мита порасна во тој град и почна со работа на ова место, предноста на „Рико“ е што ги познава потребите на своите потрошувачи.
Кога ја отворивме првата продавница, успеавме да понудиме широко портфолио на производи. Тоа што е интересно, по отворањето на втората продавница, истите производи ги понудивме и таму, но приемот не беше ист. Потрошувачите бараа други производи, потребите и навиките беа сменети, така што моравме да се приспособиме. Со отворањето на третиот, веќе ни беше јасно, додаде таа.
Првиот дисконт се наоѓа во центарот на Валандово. Одбираме добри локации бидејќи тие влијаат врз продажбата, го одредуваат типот на потрошувачите, па дури и понудата на производите.
Сепак, Мита е категорична дека најважна за привлекување на потрошувачите е цената на производот. Најголемата борба е со цените, дури таа борба се рефлектира и врз лебот, шеќерот... Не е толку битен квалитетот, колку што е битна цената.
Мита се согласува дека комуникацијата меѓу продавачите и потрошувачите треба секогаш да биде добра, да се внимава на услужливоста: Не треба многу да се навлегува во разговори, но потрошувачите секогаш мора да бидат услужни како што доликува – на високо ниво.
За изборот на новите производи и за соработката со комерцијалистите се грижат мајка ѝ и брат ѝ. Во понудата вклучуваат и нови производи, но како што истакна, поминува многу време додека се убедат потрошувачите да ги променат навиките.
Со вклучувањето на Мита и брат ѝ во работењето со дисконтите, се забележува новата енергија, со која неминовно доаѓаат и новите трендови. Таков е случајот и со социјалните мрежи. Тие ни помагаат многу во работењето, што е логично затоа што речиси сите се таму и следат што има ново. Имаме вработена која се грижи за изгледот и за објавувањето на новитетите, истакнува Мита, додавајќи: Имавме идеја и почнавме со реализација на доставување производи до дома, но малку потешко одеше. Ние и сега сме отворени за нарачки, имаме две комбиња кои можат да достават храна каде било.
При крајот на разговорот, кој побуди убави впечатоци, ја прашавме која би била нејзината порака до колегите: Сметам дека успехот на нашиот бизнис е семејството. Треба секоја наредна генерација да продолжи да го доградува тоа што е почнато и да му биде поддршка на семејството и, секако, на бизнисот, како што направивме ние.
На прашањето дали планираат отворање нови објекти, на смеа ни одговори: Засега не планираме. Да почекаме да поминат седум годиниJ, тоа ни е среќен број.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.