Продавниците „Бормак" се секојдневие за три скопски маала: две во населбата Бутел 1 и една во Аеродром, до ТЦ Бисер.
Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk
Почнале како семеен бизнис, пред дваесетина години, најпрвин како дисконт за сувомесни производи во Автокоманда. Денес се три колонијални продавници, препознатливи по тоа колку добро се снабдени, со услужлив персонал и како домаќини во работењето.
Првата продавница ја отвориле на простор од околу 50 м2 во Бутел 1 (ул. Рудо бб), недалеку од нивниот дом. Низ годините успеале да го купат дуќанот веднаш до нивниот, па со дуќанот во кој некогаш биле под кирија го споиле и добиле дуќан од седумдесетина квадратни метри, со седумдесетина „квадрати" магацин. Главниот збор тогаш го имал Борче Стојановски, таткото на семејството, од чие име е изведено името на фирмата.
Еден ден ми рече: Еве ти сè. Отсега натаму јас немам ништо, сè ќе си тераш сам. Mи остави сè и тогаш почнав сам, се сеќава Слободан Стојановски, синот, денешниот управител на „Бормак".
Процената на Борче дека веќе бил созреан да го преземе раководењето на дуќанот се покажала исправна. Фирмата продолжила да работи стабилно, со добар углед кај муштериите, меѓу колегите и кај снабдувачите, а Слободан веќе ја имал самодовербата да размислува и за проширување на бизнисот.
Во 2014 бил веќе доволно храбар да го преземе дуќанот од соседното маало (ул. Хо Ши Мин бр. 170-а).
Дојде сопственикот, рече дека решил да го затвори. Ми го понуди, прифатив – дуќан од 100 м2: продажен простор, магацин и канцеларија. На крајот од март годинава го отворивме и третиот, (бул. Јане Сандански бр.92/3) во Аеродром, на површина од 85 м2, ни раскажа Слободан.
Најпрвин биле малите. Па, едно време беа големите – „Центро", „Славија". По нив пак дојдоа малите. Па, малите се затвораа – дојдоа големите. Верувам дека пак доаѓа редот на малите. Кругот е таков, си се врти.
Во компанијата денес е сам од семејството. Таткото се пензионирал, а сестрата се вработила во јавна служба. Во тимот се секојдневно ангажирани 10 вработени, а неговиот типичен работен ден подразбира барем по двапати да ги помине, да ја види состојбата во трите дуќани.
Секој дуќан е посебна приказна – во еден повеќе одат цигари, во друг цигарите одат слабо. Во Аеродром, на пример, бел леб не се троши. Таму бараат црн, нешто подруго. Во Бутел белиот леб оди повеќе. Тимот е стабилен, има вработени што се тука и по пет-шест години, така што си се знаат со муштериите и имаат доверба едни во други. Знаат да ги посоветуваат, да им кажат – ова е добро, ова не е. Кога си ги познава вработените, поинаку се чувствува и муштеријата, поопуштен е, си пазарува на раат, вели Слободан.
Таквиот однос, како што вели, е тоа што ги прави сигурни во работењето и во средини каде што се опкружени со по неколку продавници од големите синџири супермаркети.
Предноста на малите е во тоа. По 20 години продавницата веќе си има некој свој дух. Луѓето се чувствуваат поинаку. Разговараат, се отвораат. Тоа го има само кај малите. Но, сигурност може да има само со домаќинско работење. Големите нападнаа отсекаде. Останува да се шириме и ние. Да не стоиме в место. Ако стоиме в место, ќе нè изгазат.
Соработува со сметководител, но, за да биде спокоен, секоја фактура мора да му помине низ раце. Не штеди на опрема и на софтвер, кој им го олеснува и им го прави работењето поефикасно. Интересно е неговото видување за малопродажната трговија низ годините:
Кругот се врти. Најпрвин биле малите. Па, едно време беа големите – „Центро", „Славија". Работеа, па се затворија. По нив пак дојдоа малите. Па, малите се затвораа – дојдоа големите. Сега пак гледаме како големи се затвораат и верувам дека пак доаѓа редот на малите. Кругот е таков, си се врти. Кога-тогаш ќе се сврти. Ние се надеваме и го чекаме тоа, порачува Слободан.
Фирмата го добила името по неговиот татко, а денес добива нова перспектива во значењето: Борјан и Матеј, синовите на Слободан, следните што ќе го наследат бизнисот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.