Актуелно

Мислење и коментари: Реален ли е оптимизамот за 2018-та година?

19 Feb 2018

Многумина ќе се сложат дека 2017 година беше една од најлошите економски години досега. Новата година се доживува како светло на крајот на тунелот, понудени се повеќе реформи, а економијата ќе се лекува преку мерки со кои стопанството ќе се субвенционира со околу 60 милиони евра од буџетот. Со нашите соговорници зборувавме за економијата во минатата година (позитивни и негативни трендови), очекувањата, приоритетите и предизвиците во поглед на економијата за 2018 година...


Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ


Никица Мојсоска-Блажевски, професор и декан на Факултетот за деловна економија и организациони науки при Универзитетот „Американ колеџ"

 

За жал, економијата во 2017 година беше заложник на политичката криза, што резултира со мошне низок економски пораст (0,4% во просек, во првите три квартали на 2017 година). Многу реформи беа запрени, одложени, нереализирани. Годината може да се окарактеризира како изгубена година од аспект на пораст и развој на економијата, како и од аспект на подобрување на деловното опкружување. И покрај тоа, компаниите (особено извозниците) покажаа релативно голема отпорност на политичките проблеми, извозот растеше и се намали трговскиот дефицит. Иако, зголемениот извоз главно е воден од активноста на компаниите во технолошко-индустриските развојни зони. Македонските компании сè повеќе успеваат да станат дел одглобални синџири на производство и дистрибуција, што особено охрабрува.
 
Потребно е натамошно подобрување на условите за вршење бизнис (олеснување на административниот товар врз фирмите и развивање поквалитетни услуги кон нив). Потребно да се стави поголем акцент на порастот на мали и микрокомпании (на оние со потенцијал за пораст). 
 
Во 2017 година се зголеми вработеноста (односно во првите три квартали) и покрај нискиот пораст на економијата. Притоа, сè уште е рано да се оценат ефектите од зголемената минимална плата врз вработеноста, личната потрошувачка (како значајна компонента на БДП) и врз животниот стандард на работниците.     
 
Главен предизвик во 2018 година е воспоставување предвидливо деловно опкружување и враќање на реформски пат. Имено, економската политика на нововоспоставената Влада е доста различна од претходната политика во поглед на оданочувањето, поддршката на компаниите итн., што, барем на кус рок, создава нова неизвесност за компаниите. 

Во однос на поддршката на стопанството, таа е насочена кон успешните компании-извозници, но недостигаат мерки за поддршка на компаниите што имаат потенцијал за извоз со оглед на малиот број компании-извозници. Потребно е натамошно подобрување на условите за вршење бизнис (олеснување на административниот товар врз фирмите и развивање поквалитетни услуги кон нив), иако, за жал, сè уште не е усвоена стратегија за малите и средните претпријатија. Сметам дека е потребно да се стави поголем акцент на порастот на мали и микрокомпании (на оние со потенцијал за пораст). Главен предизвик за Владата ќе биде финансирање на предвидените реформи и промени во социјалната и образовната политика, што може да доведе до натамошно зголемено оданочување и/или задолжување. 
 

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ
Дриљон Исени, извршен директор, Стопанска комора на Северо-западна Македонија

 

 
Резултатите од политичката криза во РМ се одразија со негативен економски пораст во првите два квартала од 2017 година. Ние во минатото повеќепати сме потенцирале дека политичката криза има значително негативно влијание врз бизнисот и апелиравме до политичките чинители да преовладуваат државниот и економскиот интерес наместо личните интереси.
 
Нашите ставови се потврдија по завршувањето на кризата кога Република Македонија забележа благ економски пораст, но сепак тоа не покажува подобрување на бизнис-климата во земјата. Формирањето на новата Влада означи важна пресвртница. Политиките сега треба да се фокусираат на обновата на фискалната политика и спроведувањето на критичните реформи за повторно оживување на порастот. 
 
Приоритет и предизвик се рамномерниот регионален развој, контролата на јавниот долг, намалувањето на невработеноста, неселективната примена на законите... 
 
Позитивни случувања беа конечното решавање на политичката криза, транспарентноста на новата Влада во првите чекори што ги презеде, стабилноста на државата поттикна и позитивни очекувања на бизнисот и на целото општество.

Очекувањата од новата Влада се поставени на многу високо ниво, иако тоа некогаш нè плаши бидејќи преголем оптимизам во време на неисполнување на очекувањата може да има големи негативни ефекти, но сепак ние веруваме во позитивизмот.

Од друга страна, останува приоритет и предизвик рамномерниот регионален развој, контролата на јавниот долг, кој пак расте со брзи стапки, намалувањето на невработеноста, неселективната примена на законите, овозможувањето подобар и полесен пристап до финансии со поевтини каматни стапки или до ЕУ-грантови за бизнис-развој и, секако, поддршката и промовирањето на претприемаштвото, особено кај жените и во руралните средини.

Голем предизвик ќе биде и поставувањето среднорочна економска политика која ќе има јасна траекторија на движење на домашната економија и финансиската консолидација. 

И, секако, реализација на планираните инфраструктурни проекти како најважни капитални инвестиции на Владата.
 

Како заклучок, сметаме дека 2018 година ќе биде година во која Македонија ќе закрепне од кризата во 2017 година, а постои и позитивна клима за постигнување на предвидениот економски пораст од 3,2%, кој е остварлив.
 
СТАВ ОД СЕКТОРОТ
 
Јован Радосављевиќ, генерален директор на „Пивара Скопје" 
 
Позитивно, секако, е тоа што по подолг временски период, исполнет со турбуленции и предизвици, во текот на 2017 година во Македонија завладеа еден порелаксиран период во кој се врати оптимизмот кај граѓаните и во бизнис-секторот, што е особено значајно за поттикнување на економскиот развој.
 
Сепак, и покрај објективно тешките околности во кои се наоѓаше земјата, домашната економија успеа да ја избегне рецесијата, што јасно покажува дека таа има потенцијал за подинамичен економски пораст, што секако треба да се искористи.
 
Оптимизмот и плановите на Владата за реформи во неколку значајни области придонесуваат за креирање поволен амбиент за бизнис, но сметам дека клучот е во почетокот и реализацијата на нов инвестициски циклус, пред сè во приватниот сектор. За да се оствари тоа, неопходно е инвеститорите да се чувствуваат сигурни дека условите за бизнис во земјава, за кои од големо значење е поволната регулативна и даночна рамка, ќе останат стабилни на долг рок или би се приспособиле низ дијалог и соработка со бизнис-секторот. Ваквата стабилност, во комбинација со најавените мерки за поддршка на Владата за стопанството, сметам дека ќе ги охрабри инвеститорите да ги реализираат своите развојни планови, што ќе донесе поголемо производство, зголемени перспективи за отворање нови работни места, зголемен прилив во државната каса и поголем економски пораст.  
 
Предизвиците со кои се соочуваше земјава, особено во првата половина од 2017 година, создадоа извесни тешкотии во целокупниот FMCG-сектор. Во такви услови ние се приспособивме и презедовме соодветни чекори. Се соочивме со предизвиците и продолживме со инвестициите во најсовремена опрема и технологија, како и со иновациите и проширување на нашето производствено портфолио, без да правиме какви било компромиси околку квалитетот на нашите производи. Сето тоа ни овозможи да оствариме позитивни резултати во втората половина на годината, за што придонесе и релаксирањето на ситуацијата во земјата. Во надминувањето на предизвиците многу ни помагаат нашето долгорочно планирање, залагањата на вработените и поддршката што ја добиваме од групациите „Кока кола ХБЦ" и „Хајнекен". Во 2018 година планираме да ја заокружиме новата инвестиција во проширување на капацитетите за производство на пиво, а продолжуваме и со вложувањата во производството на безалкохолни пијалаци, особено во делот на одржување на високиот квалитет, во иновации и нови пакувања кои ќе овозможат нашите брендови да им останат најомилени пијалаци на потрошувачите.
 
Неопходно е инвеститорите да се чувствуваат сигурни дека условите за бизнис во земјава ќе останат стабилни на долг рок или би се приспособиле преку дијалог и соработка со бизнис-секторот.
 
Љупчо Павлевски, генерален директор на „Бадел 1862" 

 

 
Минатата економска година беше една од најтешките и најсложените години во последниот среднорочен период.
 
Тоа што би можел да го издвојам како негативен тренд или настан е долготрајната исцрпувачка политичка криза. Таа, секако, имаше најголемо негативно влијание, што во голема мера се преслика на привремено или трајно мигрирање надвор од нашата земја. Голем проблем и понатаму остануваат намалената побарувачка и зголемената неликвидност со која се борат компаниите.
 
На повидок се нови предизвици со кои ќе се соочуваме годинава. Со оглед на тоа што се очекуваат одредени економски реформи, евентуално зачленување во НАТО и почеток на преговорите за приклучување кон ЕУ, ќе се создаде позитивна економска клима. Иако сето ова подразбира големи промени, се надевам дека со позитивната економска клима ќе се подобрат и резултатите и постигнувањата на севкупната економија.
 
Секако дека 2017 година беше во значајна мера турбулентна и за FMCG-секторот и тоа го почувствуваа и компаниите. Сето тоа придонесе за послаби деловни резултати како на физички така и на финансиски план.
 
Економските реформи, евентуалното зачленување во НАТО и почетокот на преговорите за приклучување кон ЕУ ќе создадат позитивна економска клима. Иако сето ова подразбира големи промени, се надевам дека ќе се подобрат и резултатите и постигнувањата на севкупната економија.
Приоритет на компанијата за годинава е, пред сè, зголемување на продажбата. За зголемување на бројот на потрошувачи, планираме понуда на нови производи за нашите купувачи и обезбедување дополнителна вредност со купувањето на нашите производи.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...