Актуелно

Горан Теменугов: Kаде што никој не очекуваше, проблеми

20 Oct 2016
Пред дваесетина години, во времето кога Македонија беше во полн замав на својата транзиција, од социјализам кон посакуваниот капитализам, кога имавме инфлација, приватизација и огромни економски тешкотии, некој да ми кажеше дека невработеноста во Македонија видливо, статистички, за краток рок ќе се намали, ќе му речев дека сонува.
 
Пишува: Горан Теменугов, новинар
 

Еве, по 25 години независност, конечно, од тримесечје до тримесечје сѐ помалку невработени. Да, и сè повеќе вработени. Дека ова е добро, ни кажа и Светска банка во најновиот извештај за земјите од Југоисточна Европа. 

Инаку, извештај како извештај. Некој го гледа како негативен, а некој најде и позитивни работи. Сепак, една мала, но значајна поента како да ни избега. Во секојдневното бомбардирање со политика, политика и само политика, каде двете страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се до коска закрвени, реално никој не може да ја слушне тивката порака на „банкарите" дека пазарот на трудот во Македонија можеби ги бележи првите знаци што покажуваат дека ќе има проблеми. 

Бројките велат дека за една година, до јули 2016 г., од пазарот на труд снемало повеќе од 7.000 лица. Бидејќи оваа е поизразено во првиот и во вториот квартал од годинава, од Светска банка не можеа да кажат каква е оваа тенденција и на што се должи. Нивните претпоставки се дека или луѓето кренале раце од барање работа или, едноставно, се иселиле од земјава.

Сепак, овој податок им беше доволен да упатат рано предупредување дека нешто може да се случува во иднина на пазарот на труд. Секако, далеку сме од тоа дека ќе треба да увезуваме контингенти евтина работна сила од Кина за да можат да работат нашите фирми. Но, бевме несериозни и пред две години кога Светска банка нè предупреди дека Македонија во иднина може да биде изложена на ризици од поплави и од земјотреси. И, еве, две години потоа, имавме и жртви од поплави и општа паника во Скопје на потрес на земјата од 5,3 степени според Рихтеровата скала.

Ако граѓаните кренале раце од барање работа, пеки, нормално е да ти збоктиса да се надеваш на нешто што можеш да го реализираш или само ако го знаеш газдата или ако имаш соодветна партиска книшка. 

Но, ако е она второто, дека се иселиле, тогаш е она пострашното. 

Бидејќи никој не води евиденција кој се иселува, веројатноста е дека пазарот на труд го напуштиле најпродуктивните луѓе од 25 до 45 години. Едноставно, тие добиваат најлесно визи за да фатат џенем од долгогодишниот економски лидер во Европа и од ренесансната Македонија, според еден пратеник од Охридско. 

Ако најквалитетните и во полн работен напон лица заминале, тогаш базата за регрутирање добри работници за нашите фирми драстично се намалува. Но, се намалува и поради субвенционирањето на работните места, пред сѐ кај странските инвеститори во слободните економски зони. Поради ослободувањата од давачките и финансиската помош, странските фирми можат да понудат подобри нето-плати на работнците. Домашните компании, кои се директни полначи на буџетот, или ќе дадат повисоки плати и ќе имаат поскапо производство, а со тоа помала конкурентност или ќе купуваат тоа што го има на пазарот. Ќе инвестираат во нивна обука и потоа работниците ќе си заминат за повисока нето-плата, знаете веќе каде. И доаѓаме до волшебен круг од кој нема излез. Нема да има квалитетни работници. 

Дека ова веќе се случува, а не дека е некоја далечна иднина, како што мене ми се чинеше пред 25 години, ми потврди еден неформален разговор со претставник на ИТ-секторот. Неговата фирма, која е 100 проценти со домашен капитал и една од најстарите на пазарот, веќе го има проблемот со ангажман на луѓе кои ќе можат да одговорат на задачите. 

Субвенционираните странски компании кои се веќе во Македонија, го ангажираат најдобриот ИТ-кадар. А секој, баш секој, сака повеќе пари в џеб. Но, на долг рок, ако денеска се појави проблем со работната сила, ако се продолжи со субвенционирање на вработувањата, ќе се доурниса и така начнатиот пензиски систем. Но, ова последно и најважно предупредување на Светска банка, веројатно ќе биде важно да се пишува кога земјава ќе се врати во политичка нормалност. Кога и да биде тоа. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...