Актуелно

Расте интересот на македонските компании за осигурување

20 Dec 2023

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека во последните три години осигурителниот пазар доживува високи стапки на пораст, како кај вложувањата во осигурувањето така и кај исплатите на штети.

Приреди: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Расте потенцијалот на осигурувањето како бизнис во Република Северна Македонија, а пораст бележи и интересот на граѓаните и на компаниите да склучуваат договори за осигурување.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), која е регулатор на пазарот на осигурување во државава, велат дека во последните три години осигурителниот пазар доживува високи стапки на пораст, како кај вложувањата во осигурувањето така и кај исплатите на штети.

Вкупните вложувања на граѓани, компании и институции во осигурување (живот и неживот) достигнаа 176 милиони евра во првите девет месеци од годинава. Вложувањата во осигурителни производи до крајот на септември се повисоки за 20 милиони евра, односно за 13% во споредба со истиот период минатата година. Пазарот на осигурување расте и тоа за нас како регулатори е потврда дека нашите активности за превенција и контрола даваат резултат. Вложувањата во неживотните класи осигурување изнесуваат над 148 милиони евра до крајот на септември и во споредба со истиот период лани пораснале за 13,4%. Осигурителниот пазар расте континуирано три години по ред, од корона-кризата во 2020 година досега. Особено нѐ радува тоа што перманентно растат доброволните класи на осигурување. На пример, осигурувањето имот за овие девет месеци достигна вредност на вложувања од 30,4 милиони евра, што е за 12% повеќе од лани. Приватното здравствено осигурување останува најпопуларно осигурување, односно „best buy“. Неговата продажба порасна за 53% и достигна 13,2 милиони евра за 9 месеци. Каско осигурувањето на моторни возила е зголемено за 20%, а патничкото осигурување бележи пораст од 23%., соопштуваат од АСО.

Оттаму потенцираат дека во корпоративната триесетгодишна историја не се случило да банкротира или да пропадне осигурителна компанија.

Тој факт е признание за институционалниот и за човечкиот капацитет на АСО. Пазарот континуирано расте и сега сме посветени на неговата развојна компонента, чија крајна цел е преку осигурување до повисок животен стандард и широка општествена благосостојба за што е можно поголем број граѓани. Ги анализиравме предизвиците, ги согледавме состојбите и изработивме ново законско решение кое сега како драфт-верзија го дискутираме со сите заинтересирани страни. Целта е да го подобриме амбиентот за работа на осигурителните друштва, на осигурителните брокери, да го подигнеме нивото на заштита на осигурениците и да ги примениме европските нормативни од областа на осигурувањето, велат од АСО.

Според податоците од АСО, во државава моментално работат 16 осигурителни друштва, како и 40 осигурително-брокерски друштва, кои се специјализирани компании да снимаат ризици и дадат помош и поддршка на физички лица или компании при изборот на осигурителни производи.

Најзастапени се задолжителните осигурувања

Директорката на секторот за осигурување во АД Осигурителна полиса, Елена Цветковска, укажува дека осигурениците покажале интерес и свесност за осигурувањето и посочува дека за разлика од пазарите во регионот и во европските земји, кај нас сѐ уште најзастапени се задолжителните осигурувања.

Нашата компанија активно дејствува во насока на информирање на клиентите и потенцијалните купувачи заради менување на нивната перцепција дека незадолжителното осигурување е скапо и недостапно, со што секако не се сложувам затоа што нудиме широка палета на производи кои се приспособени кон различни потреби и можности. Наша обврска е да го развиваме пазарот согласно потребите на клиентите и да ја едуцираме јавноста за сите придобивки од осигурувањето. Единствено така ќе ги увериме клиентите дека осигурувањето е потреба и ќе ја развиеме навиката да го осигуруваме она што ни е најважно. Бидејќи осигурувањето е токму тоа, давање поддршка и материјална заштита кога тоа ни е најпотребно, вели Цветковска.

Најновите податоци од АСО покажуваат дека интересот кај компаниите да се осигуруваат бележи позитивен тренд, односно според бројот на договори за осигурување имот на правни лица, бил зголемен за 9,3% во споредба со лани, а меѓу правните лица поголемиот број биле компании. За првите девет месеци од годинава осигурителите склучиле речиси 26.000 договори со правни лица осигуреници.

Освен договори за осигурување имот, компаниите и другите осигуреници користат осигурување на вработените од незгода, ги осигуруваат комерцијалните и службените автомобили од автомобилска одговорност, купуваат зелена карта. Во нашата комуникација со осигурителите добиваме информации дека расте бројот на компании кои за своите вработени плаќаат дополнително приватно здравствено осигурување и на тој начин ги мотивираат. Тоа покажува дека расте свеста кај компаниите дека одредени осигурителни продукти може да се користат како алатка за мотивација и лојалност на вработените кон компаниите. И осигурувањето живот дава можност за компании корисници на осигурување да ги мотивираат и да ги направат лојални своите вработени. Особено преку осигурувањата со штедна или со инвестициска компонента. Сепак, тоа се доброволни осигурителни производи кои се резултат на корпоративните стратегии врз чија основа осигурителните компании ги креираат деловните односи со актуелни или потенцијални корпоративни осигуреници, велат од АСО.

Компаниите го препознаваат осигурувањето како инвестиција

Од „Триглав осигурување“ велат дека зголемувањето на странските инвестиции во државава придонело компаниите сѐ повеќе да ја препознаваат потребата од осигурување и да го третираат како инвестиција во својата сигурност и развој.

Кај домашните компании фокусот сѐ уште е повеќе насочен кон потрадиционални продукти за осигурувања движен и недвижен имот, како пожарно осигурување или осигурување на возила, но со развој на ИТ-секторот во државата побарувачката на осигурителни продукти наменети за вработените се зголемува. Токму затоа, овие класи на осигурување бележат двоцифрен пораст во изминатите четири години. Очекуваме овој тренд да продолжи и во следните години, а временските неприлики (климатските промени), развојот на технологијата, како и вештачката интелигенција веруваме дека ќе придонесат за развој на нови осигурителни производи, кои ќе го следат развојот на корпоративниот сектор, велат од „Триглав осигурување“ и додаваат дека сѐ поизразен бил трендот во корпоративниот сектор, покрај стандардните продукти за осигурувањето на имотот, да се склучуваат договори од програмата „бенефиции на вработените“.

Задоволувачки е и бројот на исплатени штети

Годинава задоволувачки е и бројот на исплатени штети, кој според АСО е показател дека осигурителните компании на задоволително ниво ги исполнуваат своите обврски кон осигурениците.

За првите девет месеци од годинава осигуреници од штети покриени со неживотни осигурувања наплатија 57,4 милиони евра од осигурување. Во споредба со истиот период лани, осигурителните компании исплатиле 18% повеќе средства за осигурени штети. И за илустрација, најголем пораст книжат исплатените штети кај доброволните осигурувања. Најголем (релативен) пораст од 64% има кај вредноста на исплатени медицински трошоци покриени со приватното здравствено осигурување. Вредноста на исплатени штети кај каско осигурување на моторни возила пораснала за 33%, кај патничкото за 36%, а кај осигурувањето имот – најголема доброволна класа вредноста на исплатените штети е за 15% повисока од истиот период во 2022 година. Кај осигурувањето живот во првите девет месеци осигурителните друштва исплатиле 9,8 милиони евра за штети покриени со осигурување. Тоа е за 24% повеќе од истиот период во 2022 година. Од почетокот на годинава, па до крајот на септември во осигурување живот се вложени 27,7 милиони евра, што е за 9,5% подобар резултат во споредба со истиот временски интервал лани, соопштуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...