Актуелно

Избрани компаниите кои ќе продаваат иновативни производи во „Тинекс“

27 Jul 2021

Вкупно 10 стартап компании ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите „Тинекс“, во рамките на предизвикот „Стартап Херои”- Од супер идеја до супер маркет, кој го реализираше Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со корпоративниот партнер „Тинекс маркети“, поддршката од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст - финансиско друштво за факторинг. 

Избраните прозводи кои за прв пат ќе добијат можност да се продаваат во маркетите се на компаниите: „Бејкинг фектори“,  „Евал“, „Матриошка“,  „Плант инжинеринг“, „Про-Фитр ВИС“, „Кинадо“, „Хелтиш“, „Скуп“, „Пивара Бакрески“ и „Фила козметик“.

Заедно со нашите партнери реализиравме важен предизвик преку кој за десет домашни стартап компании обезбедивме производство и комерцијално пласирање на нивните иновативни производи, што им дава одлична можност да ја зголемат продажбата и нивната идеја да прерасне во реален профитабилен бизнис. Со ова продолжуваме да покажуваме дека ФИТР е секогаш на страната на иновативните компании кои имаат визија и потенцијал за успех. Верувам дека преку Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, наскоро ќе поттикнеме уште вакви успешни соработки помеѓу стартап компаниите и големите корпорации со што побрзо ќе го трансформираме македонскиот стартап екосистем, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој. 

Производите ќе се најдат на посебно обележани полици до крајот на годината, на однапред дефинирани продажни локации и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција. Дополнително, ќе бидат вклучени и во интегрираната дигитална маркетинг комуникација на синџирот маркети. 

На полиците во „Тинекс“ нивните производи ќе бидат рамо до рамо со светски познати брендови и ќе се борат за своето место на пазарот. Преку нашите маркетинг и промотивни канали ќе им дадеме можност добро да се претстават пред потрошувачите и да ги освојат нивните симпати. Со оваа наша соработка се надеваме дека ќе имаме задоволни потрошувачи и задоволни нови соработници, изјави Цветанка Христовска , бренд директорка на „Тинекс“.

Повикот беше наменет за малите стартап компании кои веќе имаат развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба.

Вкупниот буџет предвиден за предизвикот изнесува 7 милиони денари, од кои ФИТР обезбеди шест а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600.000 денари.  

Јавниот повик беше отворен од 22.04. до 25.05.2021 година, на која 22 компании кои влегоа во финална селекција, ги презентираа своите производи пред Комисијата за оценување и избор. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...