Следејќи ја европската FMCG-индустрија, во преден план паѓа таа на Велика Британија, поточно на нејзините синџири супермаркети, бидејќи се смета за најнапредна и најефикасна во Европа, а некои би рекле и во светот.
Автор: Бобан Младеновски, менаџер за транспорт во „Теско“, Boban.Mladenovski@tesco.com
Живееме во доста динамично време, кога брзината на трансфер на податоци, средства, стока станува толку многу неопходна што се јавува потреба од итен нов и иновативен пристап кон креирање транспортен и логистички систем што ќе се базира на модерни дигитални технологии. Одредени познавачи на оваа проблематика се залагаат да се формулираат принципи на работа кои преку концептуален пристап би креирале заедничка дигитална платформа која би работела на принцип на интегрирана логистичка парадигма како основен принцип на комуникација на засегнатите ентитети дел од синџирот на дистрибуција – снабдувач, транспортна компанија – потрошувач. Оваа заедничка дигитална платформа за сите корисници би овозможила фокус на решавање на проблемите од оперативна природа за непречено движење на стоките, подобрување на брзината и квалитетот на испораките. Изгледа дека решението за сите проблеми во транспортот и логистиката е многу блиску. Но, дали е тоа навистина така лесно?
Досегашната практика ни кажува дека при развој и имплементирање иновативни продукти во транспортот и логистиката речиси никогаш не се зема предвид човечкиот фактор, кој има важна улога во тоа каков ќе биде крајниот резултат. Тука можеме да ги споменеме недоволното внимание при инсталирање на иновациите и работење на нивен понатамошен развој, интегрирањето на дистрибутивните центри и други придружни транспортни единици неопходни за негово функционирање. За сето ова да може целосно да се имплементира и функционира, треба да се направат длабински истражувања и споредби на повеќе различни пазари и дистрибутивни мрежи.
Во многу области FMCG-индустријата во Велика Британија е пионер во подобрувањето на менаџирањето на дистрибутивната мрежа, а еклатантен пример се големите регионални дистрибутивни центри кои имаат поголема контрола при планирањето и извршувањето, од снабдувач до полица.
Следејќи ја европската FMCG-индустрија, во преден план паѓа таа на Велика Британија, поточно на нејзините синџири супермаркети, бидејќи се смета за најнапредна и најефикасна во Европа, а некои би рекле и во светот. Еден од клучните фактори зошто е тоа така е фактот што целокупниот FMCG-сектор е во сопственост на само неколку големи играчи, додека, на пример, во Италија ова не е случај и овој сектор е фрагментиран на повеќе сопственици. Ваквата поставеност му овозможува на британскиот сектор многу поголема ефикасност и можност за развој на својата мрежа, пример што го следи Холандија. Во многу области FMCG-индустријата во Велика Британија е пионер во смисла на подобрувањето на менаџирањето на дистрибутивната мрежа, а еклатантен пример се големите регионални дистрибутивни центри кои имаат поголема контрола при планирањето и извршувањето, од снабдувач до полица. Всушност „Теско“ е компанијата која прва го почна овој процес и прва им го покажа патот на другите за реконструкција на FMCG-дистрибуцијата. Имплементирани се различни електронски системи кои овозможуваат да се испорача стока која треба, онаму каде што треба во моментот кога треба. Воопшто, FMCG-секторот во Велика Британија го има прифатено системот за телематика, со што се постигнува повеќе динамика при планирање на маршрутите.
Уште една друга карактеристика што се истакнува и е многу важна за јачината на дистрибутивната мрежа во Велика Британија е што има еднаква развиеност како на примарната така и на секундарната мрежа, нешто што не е случај во европските земји. Тука можеме да ја додадеме и соработката што големите синџири супермаркети ја имаат со транспортни компании кои доколку се ангажирани, можат да обезбедат поддршка во секое време со неверојатна брзина. Сето ова дава можност за огромна флексибилност при планирањето кога ќе се види со каква подготвеност овие фирми им даваат поддршка на големите синџири.
Примарната мрежа во Велика Британија е подготвена да одговори и при непланирано зголемување на волуменот на нарачки и испораки, со неверојатна прецизност и ефикасност, но се разбира со помошта што ја добиваат од супконтракторите. Сето ова се рефлектира на трошокот и донесените буџети за актуелната фискална година. Друг проблем со кој се соочуваат фирмите при дистрибуција на стока е метежот во сообраќајот, при што секундарната мрежа во Велика Британија е погодена од овој проблем, а најмногу дистрибутивните центри кои поради доцнење, би биле во опасност да имаат застој во своето работење. Секундарната мрежа може да биде погодена и од доцнењето при доставата на стоката. Овие доцнења имаат и домино-ефект, при што многу често придонесуваат возачите да не можат да ја користат предвидената маршрута за враќање поради тоа што таа била предвидена да се помине во одредено време, а доколку се доцни, може да има рестрикции, така што возачот мора да помине по друга маршрута која најчесто е подолга и притоа имаме екстра трошок. Не ретко се случува и доставата да не може да се комплетира и возачот да се врати во дистрибутивниот центар и целата оваа достава мора одново да се планира, нормално, со целиот екстра трошок кој претставува директен удар на буџетот и на финалниот годишен таргет.
Во Велика Британија многу се води сметка при товарање на стоката ако треба и да се почека додека приколката не биде натоварена колку што може повеќе по цена да се доцни со испораката, а сето ова заради поголема искористеност на просторот во приколките. Ова полека стана еден од главните приоритети на големите компании, затоа што сфатија дека вака можат да заштедат многу средства и логично можат да го зголемат профитот. Некои компании, меѓу кои и „Теско“, инвестираат во приколки т.н. дабл декери, во принцип повисоки приколки од нормалните популарни 13-метарски приколки кои имаат две платформи и можат теоретски да соберат 40% повеќе стока од сингл декерите. Веќе се почна со имплементација и на дабл декери со помала должина, односно 10 метри со цел со што помал број испораки да се испорача поголема количина на стока.
Уште една многу интересна новина што ја имплементираат фирмите во Велика Британија е поттикната од заштитата на воздухот. Ова е директно поврзано со намалување на издувните гасови, па некои фирми, вклучувајќи го „Теско“ како лидер, инвестираа во систем кој го следи начинот на возење на шоферите и на крај од секоја работна недела до менаџерите стигнува извештај со резултати од тоа дали и кои шофери се придржувале кон тренингот што го имаат добиено. Шоферите имаат апликација на нивните телефони каде што можат да си го проверат својот резултат по секоја завршена достава. Доколку некој има континуирано лоши резултати, му се обезбедува нова обука и оди на пат со тренер обезбеден од компанијата за да му укаже на грешките и да го советува што да прави во иднина за да го подобри својот резултат.
Во овој бизнис постои силна врска меѓу шемата на дистрибутивната мрежа и менаџментот, како и несигурните подготовки и подготвеноста да се реагира. Сите овие новини што се имплементираат во Велика Британија, во FMCG-индустријата, се со цел намалување на трошоците, а со тоа и цената на крајниот производ. Ова при одредени истражувања е нагласено како најбитно за крајниот потрошувач во Велика Британија, оттука се јавуваат и најголемите разлики меѓу овој пазар и пазарот во други земји во Европа. Според ова, дистрибутивната мрежа на овој пазар е подготвена да одговори на многу поголеми предизвици, со многу поголема брзина да се трансформира, да се адаптира и да му излезе во пресрет, пред сè, на крајниот потрошувач, а потоа и на менаџментот на компаниите со зголемување на профитот.
Кога повеќе земји би го следеле овој пример како што тоа го прави Холандија, би можелo да сe размислува за единствен дигитален интегриран систем што би го користеле сите поврзани во бизнисот со транспорт и логистика.
За авторот
Бобан Младеновски е менаџер за транспорт во „Теско“ – Велика Британија. Тој има завршено Правен факултет во Скопје и е при крај со изучувањето на британското право со специјалност за Англија и за Велс на универзитетот АРУ – Лондон.
Професионалната кариера на Младеновски почнува како офис-менаџер во „Менс легис“, Скопје. Следните позиции се: менаџер на тим и одговорен за продажба во „Диро“, Скопје; менаџер на дилерска мрежа во „Киа моторс“ – Македонија; супервизор во „Тун папирус“ и сопственик и менаџер на „СМБ груп инт.“, Скопје (од 2014 до 2017 година). Следува ангажманот како специјалист за работење на магацин во „Лидл“ – Велика Британија (2017 година). Истата година преминува во „Теско“, каде што најпрвин работи како магацински соработник, а потоа и како координатор во магацин и менаџер во дистрибутивен центар. Од мај годинава тој е менаџер за транспорт во „Теско“ – Велика Британија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.