Работење

Пет тренда во логистиката за 2021 година

11 Aug 2021

Во 2021 година логистичките и транспортните компании мора да станат поефикасни, поодржливи и понасочени кон потрошувачите

Приреди: Редакцијата на InStore

Претходната 2020 година имаше и подеми и падови во индустриите логистика и транспорт, но сепак сите учесници во овие индустрии со нетрпение го очекуваа крајот на годината. Новата 2021 година ја почнаа со нови сили, гледајќи напред кон предизвиците што ги очекуваат. За да бидат успешни, логистичките и транспортните компании сфатија дека мора да ги прифатат технологијата и автоматизацијата, задржувајќи го фокусот на очекувањата на потрошувачите.

Зголемена ефикасност

За да функционираат оптимално, во синџирите на снабдување мора да постојат флексибилност и одговорност. Компаниите што направиле отклон од традиционалните и нетехнолошки пристапи и се насочиле кон методи што ја зголемуваат видливоста, можат да уживаат во значително поефикасни синџири на снабдување. Флексибилноста во синџирите на снабдување може да помогне да се намалат шансите за нарушување на редот бидејќи менаџерите во нив можат однапред да ги препознаат потенцијалните проблеми.

Петте тренда за 2021 година имаат цел да ја зголемат ефикасноста во компаниите што се занимаваат со логистика и со транспорт.

За да бидат успешни, логистичките и транспортните компании сфатија дека мора да ги прифатат технологијата и автоматизацијата, задржувајќи го фокусот на очекувањата на потрошувачите.

  1. Вештачка интелигенција

Автоматизацијата во индустријата е тренд што е присутен веќе неколку години наназад, но годинава се очекува негова поширока примена. Сѐ поголем број компании ги користат автоматизацијата и вештачката интелигенција за поедноставување на своите синџири на снабдување. Во студијата на истражувачката агенција „Гартнер“, 37 отсто од компаниите се изјасниле дека имплементирале вештачка интелигенција до крајот на 2019 година и оти уште во 2020 година забележале подобрување во синџирите на снабдување и во продуктивноста. Вештачката интелигенција може да им помогне на логистичките и на транспортните компании да го направат бизнисот уште поефикасен и посигурен во управувањето со резервите и во изборот на доставувач.

  1. Блокчејн

Потрошувачите очекуваат брза испорака на нарачките – понекогаш дури и во истиот ден. Тоа понекогаш може да биде многу тешко остварливо. Во напорите да се зголеми видливоста во синџирот на снабдување, сѐ повеќе компании ќе ја усвојуваат блокчејн-технологијата. Оваа технологија, која безбедно ги дистрибуира дигиталните податоци, ќе ги замени застарените методи на комуникација. Трендот за годинава укажува на тоа дека сѐ повеќе компании ќе користат блокчејн за соработка со бродските доставувачи, но и за да ги искористат податоците складирани на едно место и на тој начин да станат потранспарентни и повидливи за крајните корисници. Блокчејн-технологијата истовремено е и исплатлива и побрза.

  1. Испраќање стока во ладилници

Превозниците се подготвуваат да ја задоволат глобалната побарувачка за производи кои треба да се транспортираат во ладилници. Тука се вклучени пијалаци, прехранбени и фармацевтски производи. Промената на купувачките навики на потрошувачите, како што е побарувачката на производи што не се со локално потекло, значи дека шпедитерите мора да испорачуваат повеќе стоки што мора да се транспортираат на пониски температури. Истражувањата покажуваат дека разладните бродски контејнери ќе доживеат голем подем во следните неколку години. Освен тоа, глобалната дистрибуција на вакцини против ковид-19 бара и логистичко планирање како никогаш досега, поради температурните услови што треба да се задоволат при транспортот на различни вакцини. Шпедициите ќе мора да ги прошират своите флоти со камиони и бродски контејнери, но да ги приспособат и складиштата, во кои температурата и влажноста на воздухот се под контрола.

Компаниите што направиле отклон од традиционалните и нетехнолошки пристапи и се насочиле кон методи што ја зголемуваат видливоста, можат да уживаат во значително поефикасни синџири на снабдување.

  1. Зелена логистика

Претстојниот тренд во синџирите на снабдување е појавата на зелена логистика. Од една страна, овој начин на работа е корисен за животната средина, додека, од друга страна, е исплатлив и може да доведе до зголемување на лојалноста на купувачите. Според анализата на списанието „Харвард бизнис ривју“, бизнисите што се фокусираат на одржливоста ќе растат од пет до шест пати побрзо од оние што не ги почитуваат тие принципи. Со тоа што стануваат посвесни во врска со користењето гориво, консолидацијата на пратките и пакувањата, еден од начините за логистичките компании да станат еколошки прифатливи е да ги намалат трошоците. При донесувањето на одлуките, сѐ повеќе логистички компании ќе ја имаат предвид одржливоста.

  1. Услуга преку повеќе канали

Кога станува збор за купувањето, денешните потрошувачи сакаат и бараат флексибилност. Компаниите што можат да им обезбедат искуство на купување преку повеќе канали ќе бидат во можност да ги задоволат потребите на потрошувачите на најдобриот можен начин. Без разлика дали купувачите купуваат онлајн или во физичките продавници, тие сакаат да имаат повеќе опции. Опција за достава, можност да ги преземат нарачките во продавницата или со својот автомобил, да ги преземат на некоја друга локација... – сѐ тоа станува дел од работењето. Повеќеканалниот пристап нуди персонализирано искуство за потрошувачите, со оглед на тоа што маркетингот, продажбата и логистиката ги комбинираат напорите за да им обезбедат што попријатно искуство при купувањето. Логистиката и синџирите на снабдување се одговорни за константно исполнување на нарачките, без оглед на тоа од кој канал доаѓаат.

***

Во 2021 година логистичките и транспортните компании мора да станат поефикасни, поодржливи и понасочени кон потрошувачите. Овие трендови ќе продолжат да се развиваат и понатаму бидејќи логистичката индустрија продолжува да се стреми кон исполнување на редовната понуда, покрај дополнителната побарувачка, генерирана од дистрибуцијата на вакцини за ковид-19.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...