Пред неколку години во селото Ехлоец на планинскиот масив Бистра-Стогово во околината на Кичево, на местото каде што одамна изгорела старата семејна куќа, Елена и Огњен Фиданоски решиле да го обноват старото огниште, каде што дедото на Огњен имал и пчеларник. Чистиот воздух и недопрената природа им ги отвориле погледите и решиле да постават неколку кошници. Уште тогаш си поставиле три цели: да ја едуцираат јавноста за важноста на медоносната пчела и медот како храна; активно да учествуваат во заштитата на биодиверзитетот и во одржувањето на популацијата на медоносната пчела и да произведуваат 100% чист планински мед.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
„Маседониан хани“ е семејна компанија, основана во 2015 година со идеја да создаде нешто ново на пазарот. Истата година се раѓа и меденото стапче Honeystick. Човечкиот организам нема можност да ги складира важните минерали и витамини за подоцна, туку си зема толку колку што му е потребно за тој ден, а остатокот го исфрла. Затоа е залудно човек да изеде цела тегла мед одеднаш, бидејќи телото ќе го исфрли остатокот. Силно веруваме дека е поважно тоа што човек го прави секој ден отколку тоа што го прави повремено, го почнува разговорот Елена.
Со Honeystick, Фиданоски се потрудиле да решат неколку проблеми одеднаш. Меденото стапче содржи дневна доза мед која на организмот му дава доволно количество важни минерали и витамини. Honeystick може да се носи секаде – неговиот дизајн овозможува лесно да се истисне медот до последната капка.
Ги оставаме пчелите сами да го прават тоа што најдобро го знаат. Не ги преместуваме кошниците за да ја зголемиме продуктивноста. Го собираме само вишокот мед што не им е потребен на пчелите и го пакуваме во Honeystick.
Семејството ги одгледува пчелите без употреба на хемикалии, антибиотици и без каков било вид неприроден третман. Пчеларниците се сместени на скриени места низ планината, каде што природата е чиста и недопрена. Ги оставаме пчелите сами да го прават тоа што најдобро го знаат и за што имаат неприкосновено место во природата. Не ги преместуваме кошниците за да ја зголемиме продуктивноста. Го собираме само вишокот мед што не им е потребен на пчелите и го пакуваме во Honeystick. Кога се јаде медот од Honeystick е исто како да се стави лажица во кoшницата и од саќето да се извади од златниот дар на природата, истакнува Елена.
Таа додава дека Honeystick се пакуваат со автоматизиран процес (според стандардот ХАЦЦП), кој го проверува точното количество (12 грама) во секое пакување. Медот се пакува во биоразградливи кесички што се добиваат од скроб и од други органски супстанции што се разградуваат во природата.
Во работата се вклучени сите од семејството, а по потреба помагаат и сезонски работници.
Извор на природна енергија
За да бидат медените стапчиња секогаш достапни за купувачите, Фиданоски решиле да ја развијат е-продавницата www.macedonianhoney.com, со бесплатна и брза достава до домот. Во ова модерно време, кога сите постојано сме во движење, сметавме дека треба да овозможиме медот да биде достапен во секое време и на секое место. Со е-продавницата нема работно време, постојано примате нарачки и сме во контакт со купувачите, објаснува Елена. Доставата е организирана со фирми што се занимаваат со таа дејност. Немаме конкретно одреден партнер, туку ги користиме услугите на тие што се на пазарот.
Таа додава дека засега немаат план да ја прошират дистрибуцијата во други продавници и во трговските синџири затоа што медот спакуван во Honeystick е различен од тој што може да се купи во продавница. Медот собран од нектарот на лековити тревки како нане, маточина, камилица, бела детелина, кантарион итн., како и од дабовата шума, има нагласени антибиотски својства поради висината на која овие растенија растат (1.100 мнв), вели Елена. Нашиот начин на пчеларење е познат како „биодинамично одгледување“, односно пчеларење според методите на француските пчелари и ботаничари Емил Варе и Жорж де Лајенс. Најважните принципи подразбираат употреба само на природни материјали за градба на кошницата; без употреба на сотни основи и жица за армирање на рамките, при што пчелите сами го градат саќето; без употреба на методи за запирање на роењето на пчелите; без антибиотици или какви било други препарати. Клучот за опстанок и борба против сите болести и наметници е силното пчелно семејство.
Според анализите за биодиверзитетот, Македонија е именувана како европски „хотспот“, односно идеално место за развој на ваков бизнис. Квалитетот на македонскиот мед е европски врв според сите параметри поставени од ЕУ.
Засега Honeystick е достапен во три пакувања: персонално, семејно и сувенир-пакување, но Елена открива дека планираат да додадат и големо џамбо-пакување. Таа додава дека според реакциите од домашните потрошувачи, медените стапчиња се одлично прифатени и луѓето се задоволни што може да го носат медот секаде со себе – на излет, додека трчаат, возат велосипед или се занимаваат со други активности што бараат дополнителна енергија. Не мора да бараат дрвени лажички или да се прашуваат дали може да го консумираат медот и со метална лажичка. Консумацијата е едноставна и хигиенска, без да се залепат прстите. Имаме и петгодишни корисници, чии родители споделија со нас дека само поради пакувањето, детето сака да консумира мед.
На прашањето дали гледаат конкуренција за Honeystick во земјава, нашата соговорничка ни одговори: Според анализите за биодиверзитетот, Македонија е именувана како европски „хотспот“, односно идеално место за развој на ваков бизнис. Квалитетот на македонскиот мед е европски врв според сите параметри поставени од ЕУ. Бидејќи медот го промовираме како природна енергија за сите спортски активности, единствена конкуренција ни се спортските гелови што содржат многу вештачки компоненти во себе.
Од аспект на алатките за маркетинг, Елена вели дека сакаат да бидат различни и не ги користат класичните маркетинг-активности, како што се ТВ-рекламите. Според „Маседониан хани“, денес социјалниот маркетинг и давањето вредност на корисниците се одлучувачки и многу поважни. Активни сме на социјалните мрежи, како „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, а имаме и блог на кој обработуваме различни теми за здравје, убавина, велосипедизам, планинарење, животна околина, рецепти, коктели и сл. Сите овие теми се поврзани со пчелите и со медот. За понатаму Фиданоски планираат да воведат и предавања во градинките и во училиштата за важноста на пчелата за биодиверзитетот и животната околина.
За пошироката слика
Минатата година „Маседониан хани“ со иновативната кошничка за пчели Elle Hive™ ја заокружи како победник на „StartUp Europe Summit“ во категоријата климатски промени во конкуренција од 134 компании од цела Европа.
Оваа награда за нас и за Македонија е големо признание бидејќи во конкуренција со другите европски стартапи, нашите практики за заштита на пчелата и биодиверзитетот се признаени како најдобри во Европа. Elle-Hive™ е прва европска наградена кошница што придонесува во борбата со климатски промени...
Како што ни објасни Елена, кошницата е дизајнирана на начин кој ги задоволува природните потреби на пчелата, слично како што таа си ги организира животот и своето гнездо кога е сама во природата. Исто така, дизајнирана е да ги задоволи и потребите на пчеларот на тешко пристапни терени. Elle Hive™ ја користиме веќе две сезони, а резултатите во нашите пчеларници се видливи и се движат во рамките на очекувањата. Во комбинација со пчеларските методи и дизајнот на кошницата, колониите стануваат посилни и поотпорни на природните предатори и на климатските услови.
„Маседониан хани“ ја оформи и платформата International Bee-Station (IBS), која претставува заедница на поединци и фирми што сакаат да учествуваат и да го дадат својот придонес во зачувувањето на медоносната пчела.
За крај, ја прашавме Елена како би изгледал еден свет без пчели. Пчелите се голема научна мистерија за човештвото – останале непроменети 20 милиони години, иако светот околу нив се менувал. Во историјата на нашата планета се познати пет големи масовни изумирања, сите предизвикани од геолошки појави или астероиди. Многу научници мислат дека шестото изумирање е во тек, но ова за разлика од претходните е предизвикано од човекот. Во последните 35 години во САД популацијата на медоносната пчелa е намалена за 50%, а трендот на намалување се случува и во Европа и кај нас, истакнува таа и заклучува дека пчелите се клучни за биодиверзитетот и се главни опрашувачи на 80% од растителниот свет. Секој трет залак што ќе го изедеме денес е благодарение на пчелите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.