Вашето тело е вашата најнепроценлива сопственост... Затоа, грижете се за него, рекол Џек Лалан, фитнес-гуру и експерт за исхрана. Оваа максима за здрав и активен живот веќе со години е практика и дел од приказната на младите сопружници Марија и Антонио Димовски, управители на „Бонита“. Семејната компанија е основана при крајот на минатата година, а се занимава со производство на органски путери од јаткасти плодови. За новиот бренд на нашиот пазар, инвентивен, единствен и со оригинална концепција, поразговаравме со Марија и Антонио.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Експлозија од вкусови
Уште пред подетално да ја развијат идејата за отворање сопствена фирма, Марија и Антонио биле сигурни дека сакаат да произведуваат органска храна. Најпрвин затоа што веруваме и ги знаеме придобивките за здравјето, но исто така и поради тоа што со органското производство се заштитува животната средина и се конектираме со природата. „Бонита“ е дел од една семејна приказна и е последица на нашето долгогодишно негување на здрав и активен живот, го почнуваме разговорот со Марија.
Идејата била заедничка и додека ја разработувале, имале предвид производот што ќе го направат да биде вкусен и здрав, а притоа и едноставен за консумација.
Иако Марија по професија е дипломиран стоматолог, а Антонио дипломиран економист, и двајцата долго време работеле во интернационална компанија, во сегментот здрав и активен живот. Со години им помагавме на луѓето да ги подобрат своите прехранбени навики и животниот стил. Но, производство на храна е наше прво искуство, вели Антонио.
Подготовките пред да бидат лансирани органските путери од јаткасти плодови Bonita траеле речиси цела година, поради професионалниот пристап и желбата тоа што ќе го пласираат да биде со врвен квалитет. Ова е една неисцрпна област за луѓе што работат со љубов и со страст, постојано ни доаѓаа нови идеи што ги разработуваме.
Путерите Bonita се произведуваат во скопската населба Тафталиџе, во сопствено „фабриче“: Тоа е еден нов погон, направен за потребите на производството. Уште од темел, во секој детаљ се внесени многу љубов и внимание. Речиси сите суровини што се користат во производството (бадеми, лешници, мед) се македонски, а само мал дел од суровината што не успева во Македонија се набавува од странство. Сите суровини се органски сертифицирани.
Портфолиото на Bonita го сочинуваат пет различни путери од: лешник; лешник со какао; лешник со какао и чили; бадем; бадем со мед и цимет – сите во пакување од 200 грама. Освен тоа, тука е и сетот за подарок, кој го сочинуваат трите различни путери од лешник (3 Х 90 грама). Сите путери ни се омилени, а и за вкусовите не се дискутира J Посебен предизвик ни беше путерот од лешник со какао и чили, кој воедно го преферира Марија, а јас би ги издвоил вкусовите од бадем со мед и цимет и лешник со какао. Сепак, сметаме дека секој од вкусовите има еднаков потенцијал на пазарот, истакнува Антонио.
Едвај чекаме да влеземе во нашето погонче, да си пуштиме музика и да креираме експлозија од вкусови.
Како што ни раскажаа, и двајцата уживаат во процесот на производство на путерите: Едвај чекаме да влеземе во нашето погонче, да си пуштиме музика и да креираме експлозија од вкусови. При процесот на производство се задржуваат сите хранливи материи и квалитетот на јаткастите плодови. Во технолошкиот процес се намалува влажноста и остануваат само здравите масти и сите други нутритиенти од лешниците и бадемите. На тој начин смесата станува кремава. При производството двајцата сопружници одлучиле да ги користат природните процеси за зачувување на квалитетот на производите, без да се додаваат сол, шеќер и други конзерванси, соја, млечни производи, палмино и други видови масла, вештачки бои и ароми.
Како стартап-бизнис, членовите од семејството помагаат во различни аспекти од работата, но најголемата одговорност е на Марија и Антонио. Освен тоа, „Бонита“ соработува и со неколку надворешни консултанти во областа на производството.
Вкусот на среќата
Првата соработка Димовски ја оствариле со најблиската продавница за здрава храна – „Лара-Ви“ во Тафталиџе, во јануари годинава, веднаш по првото производство. За само неколку месеци соработката се проширила со повеќе продавници за здрава храна во Скопје, Охрид, Битола, Велес, Прилеп и во Кочани. Секојдневно работиме за да бидеме подостапни, производот да го запознаат што повеќе луѓе. Во моментов преговараме и со некои од трговките синџири, вели Марија и додава дека засега дистрибуцијата е во нивна сопствена режија.
Досега органските путери одлично се прифатени од потрошувачите: Позитивно сме изненадени колку Македонците знаат да уживаат во квалитетна и вкусна храна. На дегустациите што ги организираме буквално секој што пробал е воодушевен од вкусовите, со насмевка истакнува таа и додава: Ова се производи за сите генерации, ги бараат родителите за своите дечиња, спортистите и рекреативците, луѓето што здраво се хранат, оние на кои им е потребна повеќе енергија...
Од аспект на конкуренцијата, Димовски велат дека на македонскиот пазар има и простор и потреба за здрави и органски производи, па затоа таа е здрава работа: Едни на други може да си помогнеме во мисијата да создадеме здрави навики кај луѓето, а нам ни преостанува бескомпромисно и константно да го одржуваме квалитетот.
Целта не е само да пласираме производ, туку и еден целосен концепт на здраво и квалитетно живеење.
Со оглед на тоа што потрошувачот одвојува неколку секунди за производот при првиот контакт на полица, Димовски сметаат дека пакувањето е од голема важност. Тоа е слика на производот и преку пакувањето на потрошувачот треба да му доловиме за каков производ станува збор. Многу внимание му посветиле на изгледот на етикетите бидејќи сметаат дека тие зборуваат и раскажуваат за путерите. Секако, многу е важно целото пакување на производот да биде соодветно на тоа што го добива купувачот. Овие две работи треба да бидат во баланс – добро пакување и квалитетен производ.
Во однос на маркетинг-активностите, Димовски сметаат дека, пред сè, производите зборуваат сами за себе: Целта ни е секој што ќе ги проба на најблиските да им раскаже за путерите Bonita, но додаваат и дека посебно уживаат во претставувањето на производите на различни начини.
Многу ни е важно што повеќе луѓе да ги дегустираат путерите. За таа цел, редовно организираме дегустации на повеќе локации. Целта не е само да пласираме производ, туку и еден целосен концепт на здраво и квалитетно живеење. Поддржуваме спортски настани, дониравме и садевме дрвца (лешници и бадеми) во Зоолошката градина во Скопје. Во соработка со други компании организираме серија настани за едукација за здрав физички, ментален и духовен развој..., истакнува Марија и додава дека следниве месеци им претстојат уште многу проекти.
Според Антонио, промоцијата на социјалните мрежи е одличен начин за брендот да допре до поголема публика, која постојано ќе биде во тек со активностите на Bonita. Уште еден неопходен и составен дел од патот да се биде иновативен и проактивен, да се биде меѓу најдобрите, е и учеството на саеми. Од таа причина, уште во првиот месец „Бонита“ се претставила на големиот саем за храна и земјоделство „Грин вик“ (Green Week) во Берлин.
Како што се наближуваме кон крајот на разговорот, Димовски откриваат дека имаат уште многу идеи за нови производи што ги разработуваат и со нетрпение чекаат да ги пласираат, за што ќе дознаеме наскоро. Имаат и огромна желба својот труд да го претстават на странските пазари: Во тек се преговори со компании од неколку држави. Немаме конкретно одреден таргет. Спремни сме да направиме сè што треба за производот да стигне таму каде што има интерес.
Заклучуваат дека константата што останува без оглед на сите околности е квалитетот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.