Регионално

Раде Шапчевски: Грешките се неминовни на патот кон успехот

20 Dec 2023

Предноста на интернационалните компании не е само во нивната структура, туку и во начинот на правење бизнис и размена на искуства.

Раде Шапчевски, програм-менаџер за Блискиот Исток и Азија во „Империал тобако“

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Од јули 2022 година Раде Шапчевски е програм-менаџер за Блискиот Исток и Азија во „Империал тобако“ во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Главниот проект, како што вели тој, е изготвување извештаи за развојот на долгорочна стратегија за двата главни пазари – Тајван и Саудиска Арабија. Преостанатото е менаџирање на проекти за различни пазари, чија проблематика се базира на мојата експертиза. Дубаи е главна канцеларија на целиот кластер и има задача да ги поддржи пазарите во наша надлежност, објаснува тој во текот на нашиот разговор. Разговорот го почнавме навраќајќи се на стартот на неговата кариера во Македонија.

Биографски податоци

Датум на раѓање: 12 ноември 1983 година.

Образование: Дипломиран економист по менаџмент на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје; магистер по проектен менаџмент на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ во Скопје.

Кариера:

  • Маркетинг и менаџер за продажба во „Европа“ (од 2009 до 2015 година);
  • „Империал тобако“ (од 2015 година):

            - Менаџер за дистрибуција и трејд-маркетинг за Македонија, Косово и Албанија во „Империал тобако“, Скопје (од 2015 до 2021 година);

            - Бренд-менаџер за Блискиот Исток, Турција и Азија во „Империал тобако“, Дубаи (од 2021 до 2022 година).

Моментална функција: Програм-менаџер за Блискиот Исток и Азија во „Империал тобако“, Дубаи (од јули 2022 година).

Хоби: Возење мотори, фитнес.

Брачна состојба: Оженет, два сина.

Препознавање на можностите

Раде вели дека како мал, немал некоја константна желба што сака да биде кога ќе порасне. Во Македонија го немавме тој луксуз на слепо следење идоли. Повеќе бевме (и верувам сè уште сме) водени од потребата да направиме промислени и прагматични избори.

Тој признава дека подоцна ниту тој ниту сопругата не биле фокусирани на кариери во странство – активно ги граделе кариерите во Скопје и не планирале селидба надвор од границите. Но, потенцира дека во животот е многу важно да се препознаат можностите и да се излезе од комфорната зона за да се отвори патот за потенцијален прогрес.

Кариерата во Македонија ја почнува во кондиторската индустрија, во компанијата „Европа“. Тогашната директорка Савка Димитрова ми даде шанса во одделот за продажба и маркетинг. Почетокот беше многу интересен и колегите од тоа време сè уште ми се драги пријатели. Низ годините променив повеќе позиции во компанијата, што беше конструктивно искуство. Работев маркетинг, го почнавме процесот на ребрендирање на компанијата и производите, а подоцна работев на продажбата во Македонија и надвор од границите, претежно во соседните балкански земји. Тоа беше процес што опфаќаше многу патувања и за мене беше прво запознавање со различни пазари и нивните специфики. Тогаш сфатив дека единствениот начин да се „изостри“ сопствената експертиза зависи од искуството надвор, од директниот увид за тоа како функционираат пазарите.

Стекнување професионална самодоверба

Во 2015 година Раде станува дел од британската интернационална компанија „Империал тобако“. Главниот предизвик што го поттикнал за трансфер од кондиторската во тутунската индустрија бил прогресот. Во секоја кариера има фаза на експоненцијален развој, кој доколку не е пресретнат со нови можности за учење и развој – прераснува во стагнација. Тутунскиот комбинат „Империал тобако“ во Скопје ми овозможи кариерен развој и сметав дека моето искуство ќе се развива со позабрзано темпо, што се покажа точно.

Што и да работите, многу е важно да имате ментор од кој можете да научите повеќе. Во мојот случај тоа беше исклучително важно.

Во Скопје тој работи како менаџер за дистрибуција и трејд-маркетинг за Македонија, Косово и Албанија. Уште од почетокот бил импресиониран од начинот на работа на компанијата. „Империал тобако“ ми овозможи огромен скок во мојот професионален развој на повеќе полиња. Првенствено и најважно, го реобликува мојот начин на размислување и гледање – во  управување со буџети, инвестиции на пазарот базирани на обемни анализи, управување со три пазари, бескомпромисна тимска работа итн. Тања од Словенија, која ми беше претпоставена, беше фантастичен ментор и за 6 години ме изгради во вистински професионалец. Секогаш беше тука за да ми даде насока, без да ме микроменаџира. Тоа беше клучно за да стекнам професионална самодоверба и да развијам критичко размислување. Тогаш Раде научил секогаш да ги поткрепува аргументите со бројки и да биде аналитичен во тоа што го работи, за да не остави простор за многу прашања. Тој истакнува дека во Македонија работел со тим на прекрасни луѓе од кои многу научил и кои и денес ги доживува како вистински пријатели.

Во септември 2021 година Раде добива понуда за новото работно место во Дубаи, како бренд-менаџер за Блискиот Исток, Турција и Азија. Тоа е интересна приказна... Во тој период мојот кластер, кој беше сочинет од поранешните републики од Југославија, плус Албанија и Косово, влезе во еден проект со уште два кластери. Едниот од нив беше Блискиот Исток со Азија, а вториот кластер беше Југоисточна Европа. За проектот „Развој на таленти“ на дирекцијата за човечки ресурси од сите три кластери бевме избрани вкупно 8 луѓе. Проектот подразбираше посета на повеќе пазари во трите кластери и работа на одредени проекти. За време на престојот во Дубаи развив одлична соработка со Бен, кој беше директор на човечки ресурси за кластерот на Блискиот Исток и добив понуда 3 месеци да работам на проект. Тоа беше одлично искуство бидејќи пазарите тука се многу различни од европските. Имав многу успешен проект за пазарот на ОАЕ, што ми отвори можност да работам на уште еден проект за Саудиска Арабија... По неколку месеци следувала и директната понуда за работа во кластерот во Дубаи.

Од јули 2022 година Раде е програм-менаџер за Блискиот Исток и Азија, позиција која опфаќа менаџирање на повеќе проекти за различни пазари.

За професионализмот, животот и за успехот

За преселбата во странство, Раде вели дека ако човек точно знае зошто го прави тој чекор, тоа секогаш ќе биде примарната причина што ќе го убеди во исправноста на одлуката. Кога тој размислувал дали да се пресели, точно ги знаел причините поради кои би го направил тоа. Сметав дека очекувањата ќе бидат исполнети и тоа и се случи. Дубаи нуди неверојатни можности од аспект на животен стандард, безбедност, приватно школување за децата, изложување на различни култури и многу порелаксиран живот. Од друга страна, тој признава дека носталгијата секогаш ќе биде присутна – му недостигаат семејството и семејните ручеци, другарите и собиранките со нив, прошетките по Дебар Маало и Градски парк, возењето мотор низ прекрасната природа на Македонија, викендите во Крушево... Сепак, од сето тоа ме делат само неколку часа авионски лет.

Според него, тоа што е ограничувачки фактор во Македонија првенствено е изборот, односно бројот на компании во кои можностите за развој се на задоволително ниво. Предноста на интернационалните компании не е само во нивната структура, туку и во начинот на правење бизнис и размена на искуства. Тоа може да го добиете во малку компании на домашниот пазар. Секој од нас поседува одреден потенцијал и прашањето е дали во Македонија постои можност за прогрес на долги патеки? Освен тоа, многумина не бараат прогрес само во кариерата, туку и на општествено-социјален план.

Раде е дециден дека неговите очекувања за кариерата не се целосно исполнети. Вели дека ги цени успесите и тоа што го постигнал, но тоа не е причина да биде задоволен само со тоа.

За најголемиот професионален успех досега, смета дека сè уште е рано да зборува. Според него, клучот за успехот тешко се дефинира бидејќи за секого е различен. Мислам дека најголемите мои квалитети произлегуваат од тоа што континуирано работам на себе, професионално и како личност. Мора постојано да се усовршуваме во тоа што го работиме, но истовремено и да еволуираме како личности. Сите имаме карактеристики што се добри и тие треба да ги негуваме, но и да умееме да ги препознаеме оние што сметаме дека треба да ги подобриме или да ги промениме. Мора да бидеме искрени со себе и да знаеме што треба да подобриме. Тој процес можеби е и потежок од усовршувањето во работата, вели Раде и додава дека многу е важен и кругот на познанства и пријателства. Тука имав можност да запознам многу успешни луѓе, од кои може многу да се научи. Би сакал да нагласам дека што и да работите, многу е важно да имате ментор од кој можете да научите повеќе. Во мојот случај тоа беше исклучително важно.

На крајот од разговорот, Раде вели дека грешките во работата се неминовни, но важно е што сме научиле од нив. Во идеално сценарио учиме од туѓите грешки, но животот не е секогаш нежен. Лично на грешките гледам како на нешто нужно на патот кон успехот, бидејќи од нив учиме не само како не треба, туку и нешто повеќе за самите себе! Тој заклучува дека без разлика каква грешка сме направиле или со какви тешкотии се соочуваме, треба да продолжиме напред со одлучност и решителност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...