Анализи

ИГД: Пет глобални трендови во 2018 година

14 Feb 2018
Автор: Тоби Пикард, сениор аналитичар за иновации и за трендови, ИГД
 

Прогнозите, идентификувани од меѓународните истражувања на ИГД, проследени со анализите на однесувањето на купувачот и со каталогот за глобалните иновации во малопродажбата, обезбедуваат ексклузивна експертиза во клучните области, кои се очекува да ја разнишаат индустријата во 2018 година. Во продолжение се дадени петте главни трендови за кои веруваме дека ќе продолжат и во текот на следните години.

Премиумизација на приватните трговски марки

Малопродажните трговци сè повеќе го прошируваат асортиманот со приватни трговски марки, а сè поголемите инвестиции во квалитетна понуда на овие производи влијаат  врз зголемувањето на побарувачката на производи со висока вредност и со врвен квалитет. Околу 75% од британските купувачи веруваат дека квалитетот на приватните трговски марки станал многу подобар во последните неколку години.

Приватните трговски марки се клучната област во која трговците на мало можат да се разликуваат и да се истакнуваат во сложениот и конкурентен пазар.

„Џет.ком" (Jet.com), која е во сопственост на „Волмарт" и е една од најбрзорастечките компании за електронска трговија, неодамна лансира линија премиум производи под својата приватна трговска марка Uniquely J. Почетниот асортиман од околу 60 производи ги опфаќа основните категории, како што се кафето, средствата за перење, чистење и за хигиена итн.

 

Хиперлокалност

И покрај тоа што купувачите се глобално ориентирани, желбата да се поврзат со локалните региони и да купуваат локални производи ќе се зголемува во текот на годинава. Тој пристап ќе резултира со продажба на производи што ќе бидат достапни само за краток период, поради нивната сезоналност, создавајќи уникатност и желба кај купувачот да ги добие тие производи кога се достапни.

Овој тренд ќе воведе поголем избор за купувачите, но ќе го направи посложен синџирот на снабдување. Бидејќи продавниците почесто ќе ги ротираат производите и асортиманот, ќе се појави потреба за поголема ефикасност, соработка и комуникација во рамките на синџирот на снабдување.

За да се постигне хиперлокална понуда, трговците ќе треба да ги поддржат малите и средните производители. Тоа ќе биде позитивно прифатено од купувачите бидејќи на тој начин, тие ќе чувствуваат дека ѝ помагаат на заедницата и ќе се чувствуваат посебно, како дел од неа. Индустријата ќе треба да осигури дека производите навистина ги одразуваат вкусовите и желбите на локалната заедница, што ќе бара длабоки локални анализи.

 

Холандскиот трговец „Алберт Хеин" ја прекројува понудата во продавниците според регионалните преференции. Објектите во источниот дел од земјата имаат поголем избор производи од свинско месо, додека во западниот дел акцентот е на говедското и на органското месо.

 

Испорака на стоките

Кога станува збор за добивање на производите на брз и на лесен начин, очекувањата на купувачите постојано се зголемуваат, а трговците соодветно одговараат на тие барања со иновативни и креативни решенија.

Малопродажните трговци имаат цел да ги искористат податоците и анализите во однесувањето на купувачите за да ги разберат и потенцијално да предвидат што, кога и каде тие ќе сакаат. Станува неопходно трговците да го прогнозираат тоа што го сакаат и што им е потребно на купувачите, пред тие да ги осознаат своите нови потреби.

Ако купувачите продолжат да ги претпочитаат иновациите што нудат погодност и заштеда на време, тие ќе имаат сè помалку директна интеракција со трговците и со брендовите. За да се осигури дека не се заборавени, се појавува зголемената потреба од истакнување на трговците и на брендовите, што ќе се постигне со собирање повеќе податоци за купувачите и нивно искористување во насока на долгорочна лојалност.

„Моби март" на кинескиот трговец „Вилис" е една од сè помногубројните продавници без персонал и без класична каса. Продавницата на тркала, која се напојува со соларна енергија, е опремена со вештачка интелигенција и е постојано отворена, без ниту еден вработен. Концептот е единствен по тоа што е дизајниран самиот да се одвезе до магацин и да ги испорача нарачките до купувачите.

Животен стил

Здравјето и благосостојбата остануваат во фокусот и во 2018 година. Од трговците се очекува да ги прошират специјализираните зони во продавниците и да развиваат нови формати, фокусирани на начинот на живот.

Трговците ќе нудат „поскроени" опции со додадена вредност за животниот стил преку интернет-каналите, преку кои купувачите ќе можат брзо и лесно да најдат производи што ќе им помогнат да живеат поздрав живот. Речиси две третини од купувачите (65%) изјавиле дека прецизноста на информациите на декларациите е многу важна при донесувањето одлуки за купување, па оттука, индустријата има голема улога за поддршка на здравиот животен стил. Вегетаријанската, флекситеријанската и храната без одредени состојки ќе продолжат да бидат меѓу најбрзо растечките сегменти и ќе претставуваат приоритетна инвестициска област за трговците на мало.

Малопродажбата и брендовите треба да останат блиски до трендовите во исхраната, за да може да ги задоволат потребите на различни, специфични купувачи. Победници ќе бидат тие што се способни да предвидат, создадат или да реагираат многу брзо на следниот тренд на животен стил.

 

„Теско" и „Спун гуру" во Велика Британија се здружија за создавање на апликацијата Spoon Guru, која им помага на корисниците со одредени диети и со специфични вкусови брзо и едноставно да најдат соодветна храна.

 

 

Целосна услуга

Физичките продавници мора да работат многу понапорно од кога било досега за да ги донесат купувачите пред својата влезна врата. Соочени со притисокот од подемот на т.н. „повеќеканален" купувач, трговците сè повеќе го реосмислуваат купувачкото искуство во насока на соединување на електронското и физичкото искуство со големата база податоци за потрошувачот. Со оглед на тоа што електронската трговија го трансформира искуството во малопродажбата, ќе се појават и сè поголем број иновации, кои ќе претстават возбудливи производи, поефикасна и побрза достава на интернет-нарачките, како и интересни инстор-настани.

Малопродажните трговци ќе се обидуваат да ги развиваат физичките продавници со асортиман од интересни производи, а истовремено ќе нудат и практични решенија за купувачите што користат различни канали. Брендовите би требало да ѝ излезат во пресрет на таа мисија и да ги поддржат трговците.

Форматот „Хема фреш" на „Алибаба" претстави нов хибриден банер на интернет и физичка продавница која нуди малопродажни и угостителски услуги. На тој начин, на купувачите им нуди услуга купената храна веднаш да се приготви и тие може да ја консумираат во посебен оддел на продавницата, или да им се достави на домашна адреса во рок од 30 минути, доколку живеат во радиус од три километри.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...