Анализи

ИГД: Продавници без персонал

20 Dec 2017
Автор: Тоби Пикард, сениор аналитичар за иновации и за трендови, ИГД
 

Изминатата година, експертскиот тим на ИГД посети повеќе од 700 продавници во повеќе од 50 земји, за да обезбеди сеопфатен увид во малопродажната индустрија и да ги идентификува клучните трендови што се очекува да превладеат. Трендот што особено е доминантен во 2017 година, е тоа што физичката продавница станува сè повеќе дигитално достапна, користејќи трансформативна технологија за дигитално да ги унапреди продавниците, кои веќе не мора да имаат персонал што ќе работи на одредени функции.

Според прогнозите, се очекува физичките продавници сè повеќе да ги вклучуваат и да експериментираат со новите дигитални технологии, за да ја обезбедат релевантноста и конкурентноста во денешниот дигитален свет. Дигиталниот напредок на физичките продавници годинава оствари револуционерни достигнувања со продавниците без персонал, кои се појавија како последица на промената на начинот на купување и на начинот на кој брендовите комуницираат со потрошувачите.

Во продолжение, се претставени главните теми што произлегуваат од трендот „продавници без персонал".

Само за членовите

Повеќе постојни продавници без персонал бараат од купувачите претходно да преземат одредена апликација или да се регистрираат кај трговецот. Досега, универзалниот начин за пристап до тие продавници е преку паметните телефони, кој на трговците им овозможува значајни податоци и увид во купувачките навики на потрошувачите. Ако се користи правилно, тој увид може да помогне за изградба на цврста лојалност на купувачот.

Тимот на ИГД забележа дека засега, најнапредните дигитални технологии се достапни само во малите продавници. Сепак, многу е веројатно дека голем дел од тие најуспешни иновации на помалите формати продавници ќе бидат имплементирани и во поголемите продажни објекти. Првично, се очекува да се види како тоа ќе се одрази на подобрувањето на системот за наплата во поголемите формати на продавници.

Доминантниот тренд годинава е 
претворањето на физичките продавници во дигитални, 
со помош на трансформативната технологија.​

Мали формати продавница

Ниски оперативни трошоци

Тие продажни објекти од помал формат, кои се дигитално оспособени, би можеле да им ја дадат насоката за нискобуџетност и на т.н. „погодни продавници" (convenience stores). Тоа ќе ги направи погодни и за исклучително оддалечените локации и за локациите во густо населените места, каде што луѓето сакаат да имаат пристап до производите за широка потрошувачка 24 часа на ден, седум дена во неделата.

Брендовите би требало да размислат за тоа какви импликации би произлегле ако продавниците од поголем формат ги воведат сличните технологии, како и да размислат на кој начин целата категорија и производите може да се приспособат кон промените што се случуваат.

Тестирање, учење, подобрување и спроведување

Ниту еден од примерите што ги идентификуваше ИГД во оваа област, не е завршен процес. Поголемиот дел од продавниците сè уште се во фаза на бета-тестирање, односно услугите се достапни само за вработените. Сепак, откако малопродажниот трговец ќе го идентификува тоа што смета дека е најдобро во технологијата, веројатно ќе се обиде да го имплементира во повеќе продавници, со што ќе ја зацврсти лојалноста на купувачите.

Вештачка интелигенција и машинско учење

Со користење вештачката интелигенција и машинското учење, малопродажните трговци може постојано да се подобруваат. Тие системи учат како да се насочи и да се обработи огромното и сложено количество од податоци за да се направат прецизни нарачки. Тоа може да ја подобри достапноста на производите на полица и да осигури прецизност дека продавницата е снабдена со вистинските производи.

Малопродажните трговци експериментираат со бројни алтернативи за традиционалните методи за плаќање. Доколку брендовите ги искористат предностите од собраната база податоци за однесувањето на купувачот во продавницата, за одредени категории, тоа може да отвори многубројни нови можности. Сепак, кај импулсивните категории, кои најчесто се лоцирани на наплатните каси, се јавуваат нови предизвици.

Успехот ќе се постигне под водство на идеите 
што произлегуваат од визионерите, 
а за да бидете вистински визионер, 
треба да размислувате долгорочно.​

Беспрекорна наплата

Релевантни пораки

За потрошувачите, кои потенцијално трошат помалку време во продавницата, етикетите со видеозаписи на полиците, имаат потенцијал да ја зголемат нивната поврзаност со брендот. Со тие видеоинсталации, трговците и брендовите можат да ги охрабрат корисниците да ги пробаат новите производи и да го направат купувањето поимпулсивно.

Паметни телефони

Паметните телефони се неопходна алатка за пристап до поголемиот дел од продавниците без персонал. Малопродажните трговци и брендовите би можеле да го искористат тоа што  купувачите сè повеќе ги користат телефоните и да создадат персонализирана комуникација и интеракција со нив, бидејќи голема е можноста да влијаат врз одлуките што ги носат во моментот на купувањето.

Што е следно?

Подготвеноста за идни можности е од клучно значење за секој бизнис. Сепак, со сите нарушувања и несигурности што се случуваат денес низ светот, разбирливо е дека бизнисите ќе бидат фокусирани или само на следниот квартал или најмногу на следните неколку години. Без оглед на тоа, веруваме дека успехот ќе се постигне под водство на идеите што произлегуваат од визионерите, а за да бидете вистински визионер, треба да размислувате долгорочно и да гледате во иднината.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...