Свет

Официјализиран договорот меѓу „Нестле“ и „Старбакс“

29 Aug 2018

Швајцарската компанија „Нестле" соопшти дека го заклучи договорот за правата за продажба на производи од американскиот синџир кафетерии „Старбакс".

Во мај годинава, швајцарскиот гигант најави дека ќе му плати 7,15 милијарди долари во готово на „Старбакс" за правото на продажба на неговите производи низ целиот свет. Според договорот, „Нестле" има право да продава и да дистрибуира поголем дел од производите на „Старбакс" (кафе, чај и храна) надвор од неговите кафетерии, со исклучок на некои пакувани пијалаци.

Околу 500 вработени во „Старбакс" во САД и во Европа ќе му се придружат на тимот на „Нестле", се наведува во соопштението на швајцарската компанија.

Со брендовите на „Старбакс", Nescafé и Nespresso ќе ги здружиме најпознатите светски брендови кафе. Извонредната соработка на двата тима резултираше со брзо заклучување на договорот, кој ќе го отвори патот на новите можности за пораст, изјави Марк Шнајдер, извршен директор на „Нестле".

Договорот, според соопштението, значително ќе го зголеми северноамериканското портфолио на „Нестле".

Под водство на Шнајдер, компанијата го одреди кафето како клучен приоритет во стратегијата за пораст, особено во САД. Откако Шнајдер во јануари минатата година ја презеде должноста извршен директор, групацијата го купи мнозинскиот удел во калифорниската компанија „Блу ботл кофи", а стана и сопственик на производителот на органско кафе „Камилион колд бру".



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...