Фабрис Перушко е предложен за главен извршен директор на „Фортeнова груп“, а Ирена Вебер за заменик главен извршен директор и главен оперативен директор. Уште еден извршен директор дополнително ќе биде предложен и со тоа вкупно тројца извршни директори ќе бидат задолжени за оперативното управување со компанијата.
На седницата одржана на 28 февруари, привременото доверителско собрание на „Агрокор“, во согласност со вонредниот доверител на „Агрокор“, одлучи да му предложи на Трговскиот суд во Загреб да одреди дека датумот за јавна објава на договорот со доверителите ќе биде на 1 април 2019 година, да одреди дека датумот за почеток на спроведување на договорот ќе настапи на 1 април 2019 година и на датумот на јавна објава на веб-страницата и на е-таблата на судот, да го одобри почетокот на спроведувањето.
Според горенаведеното одобрение од Трговскиот суд во Загреб, на 1 април ќе може да биде објавен и преносот на стопанската целина од вонредната управа на „Агрокор“ на „Фортенова груп“, со што ќе почне работењето на новата компанија.
Од вкупно 159 компании кои работат во составот на „Агрокор“ во Хрватска, преку имплементација на договорот прво ќе поминат 77 компании под вонредна управа. Според тоа 45 инсолвентни компании и новите „плус“ компании ќе почнат со работа во новата групација. Истовремено, во старата, неодржлива групација ќе почне процесот на спојување на „Агрокор“. Откако целиот имот и организациите ќе бидат споени, ќе се утврдува завршувањето на постапката за вонредна управа, а „Агрокор“ се брише од Судскиот регистар.
Уделите на 32 солвентни компании во Хрватска се пренесуваат во новата групација, а по преносот тие излегуваат од постапката на вонредната управа. Имотите и уделите на 82 компании кои се надвор од Хрватска и кои не се дел од постапката на вонредната управа, во новата групација ќе се пренесуваат што е можно поскоро и во согласност со законите на државите од каде потекнуваат.
На подготовката на плановите за имплементација работеше тим од 300 луѓе. Меѓутоа, за да им се објасни на сите вработени што всушност се случува со имплементацијата на плановите во „Агрокор“ направен е анимиран филм. Исто така, за подобра информираност, развиена е апликација за двонасочна интерна комуникација со повеќе од 50.000 вработени.
Во поглед на новата корпоративна структура на управување на „Фортенова груп“ предложените кандидати од акционерите за неизвршни членови на Управниот одбор се: Даниел Боехи, Мидораг Боројевиќ, Пол Фолеј, Кели Грифит, Максим Полетаев, Џулијан Мајкл Симондс и Сергеј Волк. Уште еден неизвршен член на Управниот одбор ќе биде претставник на работниците кој ќе биде избран од вработените во новата компанија. Фабрис Перушко е кандидат за извршен член на Управниот одбор, така што овој одбор ќе има вкупно девет члена.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.