Најновите податоци на „Евростат“ потврдуваат дека многу работи се поскапи во Хрватска отколку во другите земји, особено храната, телекомуникациските услуги и електрониката.
Нешто изненадувачки се секторите во кои Хрватска има поевтини цени. Кога се вели дека цените се на ниво на просекот на Европската унија, граѓаните знаат дека таквата стока е скапа.
Но, кога ќе ги споредиме резултатите од истражувањето на цените на повеќе од 2.000 намирници и услуги од Европската унија, излегува дека храната во Хрватска е за 22 отсто поскапа од европскиот просек.
Ова секако не е добар податок, треба да се стремиме да бидеме околу просекот, ако не и поевтини. Доколку ваквата состојба продолжи и потрошувачите проценат дека нивото на цените е превисоко, ќе се свртат кон поевтина конкуренција или ќе ја забават потрошувачката, што не е добро за ништо, ниту за државниот буџет, ниту за трговците на мало, ниту за производителите, изјави за „Хрт“ Драго Муњиза, деловен советник.
Цените на месото, овошјето и зеленчукот се поевтини од просекот на ЕУ, а најскапи цени имаат соковите, минералната вода, кафето и чајот, кои го надминуваат просекот на ЕУ за дури 27 отсто.
Хрватите трошат 15 отсто повеќе од просекот на ЕУ за леб и житарки, додека млекото, сирењето и јајцата се поскапи за четири отсто.
Здруженијата на потрошувачи кои постојано предупредуваат на превисоки цени на храната, не се изненадени од овие бројки.
Без разлика што имаме силно сопствено производство, што значи директно земјоделство и прехранбена индустрија, сепак храната кај нас е исклучително скапа и всушност 40 проценти од нашиот буџет оди за храна, а кога ќе се земат во предвид просечните пензии и просечните плати и дека многу луѓе се под просекот, тогаш процентот од буџетот што оди за храна е уште поголем, вели Ана Кнежевиќ, претседателка на хрватското Здружение за заштита на потрошувачите.
Надвор од категоријата храна, некои работи се поевтини во Хрватска отколку во ЕУ. Цигарите се за 30 отсто поевтини од просекот во ЕУ, мебелот 13 отсто, транспортните услуги 11 отсто, а услугите во хотелите, кафулињата и рестораните 10 отсто.
Но, поевтините производи се реткост. Треба да се споменат уште два сегменти кои се поскапи од просекот на ЕУ, а тоа се електронските уреди и цените на телекомуникациските услуги.
Извор: Poslovni.hr
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.