Македонија

Плаќањето со картички преку Интернет се зголеми за 122,6 проценти

01 Sep 2020

Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за импозантен годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 122,6 проценти, како и на кредитните трансфери извршени по електронски пат од 32,2 проценти, во текот на првото полугодие од 2020 година, соопштија од Народна банка по обработување на податоците од платежната статистика за вториот квартал од 2020 година.

Во услови на пандемија, плаќањето со платежните картички во трговијата во земјата забележа годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 7,4 проценти и 17,6 проценти, соодветно. Притоа, евидентен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во вториот квартал од оваа година изнесуваше 169,6 проценти и е петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (32 проценти). Во однос на користењето на платежните картички на физички места на продажба во вториот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 4,9 проценти, кој е значително понизок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година (19,1 проценти), се вели во соопштението.

Пандемијата имала негативно влијание кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележале годишен пад од 13,3 проценти во однос на бројот и 17,4 проценти во однос на вредноста на трансакциите.

Сепак, од почетокот на кризата, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери извршени од страна на граѓаните во вториот квартал се зголемил за значителни 42,2 проценти на годишна основа, што е двојно повеќе споредено со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (20,9 проценти). Граѓаните ги извршувале плаќањата најчесто преку компјутер. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во вториот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 32,9 проценти, кој е скоро двојно повисок од годишниот раст во вториот квартал од минатaта година, кој изнесуваше 14,7 проценти,“ се додава во соопштението.

Според анализата на Народна банка, во вториот квартал од годинава продолжил трендот на зголемена употреба на мобилните телефони за извршување плаќања во земјата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...