Македонија

Превозниците напладне ќе протестираат пред Влада

28 Apr 2020

Превозниците денеска во 12  часот ќе протестираат пред Владата со барање за укинување на дополнителната акциза на горивата и наместо тоа, воведување прогресивен данок. 

Секој кој е во возило мора да има маска и ракавици и да ја носи дозволата добиена од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Протестот е во период кога нема полициски час па за сите други кои немаат ДСЗИ дозвола, нема потреба да носат специјална дозвола издадена од работодавач, соопштија од „Макамтранс“. Возачите на возилата, како што се нагласува, не смеат да излегуваат надвор од возилата.

Оваа дејност е незадоволна од понудените економски мерки како олеснувања за време на кризата. Асоцијацијата на превозници Макам-транс бара укинување на Уредбата за зголемување на акцизата за три денари и воведување прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности. „Макам-транс“ предлага 0,5 проценти данок на доход за сите правни субјекти кои лани имале добивка од 100.000 до 10.000.000 денари, еден процент данок на доход за тие со добивка од 10.000.001 до 200.000.000 денари и два проценти данок на доход за сите кои оствариле добивка за 2019 година над 200.000.001 денари.

Со оваа мерка сите правни субјекти подеднакво и солидарно според своите можности заеднички ќе учествуваат во прибирање на средства во буџетот – посебен фонд за надминување на последиците од корона вирусот Ковид 19, за разлика од нашата предложена мерка, акцизата во првите два-три месеци ќе биде на товар само на превозните трговски друштва за кои нафтените деривати се погонско гориво. Ниските цени на горивото се дел на „помош” која секој превозник ја има, затоа што нема друга државна мерка која значи целосна помош и подршка без нејзино враќање или зголемување на обврските за кредити, стои во дописот што „Макам-транс“ го испрати до Владата во пресрет на протестот. 

Транспортната асоција бара и да се вратат во целост износите за Данок на додадена вредност (ДДВ) на сите превозни трговски друштва без да се вршат контроли во овој момент и тие да се спроведат по нормализација на состојбата во државата,  како и да се овозможи плаќање на рати (без камати) минимум за шест месеци на надоместот за користење патишта при регистрација на возниот парк и на делот за задолжително осигурување од автоодговорност и зелен картон. Бараат и да се овозможи компензација на средства кои значат побарувања за поврат на средства за не користење на патната инфраструктура во државата, како дел од однапред платен надомест за користење на патиштата при предходна регистрација на возилата и новата обврска која би настанала со регистрација на возилата 2020/2021 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...