Македонија

Бескаматни кредити за компании од сите сектори

24 Apr 2020

Од 29 април микро, малите и средните претпријатија ќе можат да аплицираат за бескаматни кредити од Развојната банка, од втората линија „Ковид 2“.

Начинот и условите на аплицирање денеска на прес-конференција ги презентираа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Развојната банка Кире Наумов и директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски. Вкупната сума што е предвидена за овие кредити е 8 милиони евра, а средствата се обезбедени преку компензациските фондови од Јапонија.

Износот на кредитот што се одобрува е во зависност од бројот на вработени. Кредитобарателот може да аплицира и да му се одобри максимален износ на кредит пресметан според формулата:  14.500 денари х 3 месеци х број на вработени, рече директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Во споредба со претходната линија бескаматни кредити, за  „Ковид 2“ ќе можат да аплицираат компании од сите сектори. Главниот услов е фирмата во март 2020 да бележи намалување на приходот за 30% во споредба со истиот период минатат година или во однос на просечните месечни приходи за 2019.

Компанијата што ќе аплицира треба да постои повеќе од половина година, да нема неплатени даноци и придонеси до 31 јануари 2020, да не е во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓа во категорија на исклучително ризични кредитобаратели.

Рокот на отплата е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница. 

Како што беше објаснето на прес конференцијата, аплицирањето за кредитите ќе биде електронски по имејл-адреса објавена од Развојната банка. Од потребните документи, шест се обрасци на Развојната банка, а останатите можат да се обезбедат по електронски пат од надлежните институции.

Директорката на Централниот регистер, Марија Бошковска рече дека оваа институција бесплатно ќе ги доставува документите што се во нивна надлежност и ги повика фирмите да ги користат електронските услуги кои се достапни 24 часа во денот.

На овој линк може да се најдат сите детали за начинот на аплицитрање и за критериуми за одобрување на кредити од оваа кредитна линија.

Директорот на Развојната банка Кире Наумов апелираше фирмите кои во последните десетина дена аплицирале за кредитите од првиот пакет – „Ковид 1“, да аплицираат и за „Ковид 2“, бидејќи средствата од првиот пакет се при крај, а одобрувањето е по принципот прв дојден-прв услужен.

Министерката за финансии Ангеловска вели дека имало голем интерес, односно одобрени се апликации од 254 компании во кои се вработени околу 3.000 лица, а вкупната сума одобрена за овие кредити е 2,2 милиони евра.

Вкупниот износ на средства што им се даваат на располагање на компаниите со двата повика изнесува 13,7 милиони евра. Покрај ова, компаниите имаат на располагање и околу 50 милиони евра преку комерцијалните банки.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...