Приоритет е да се ослободат коридорите за обезбедување на непречено движење на репроматеријалите, суровините и готовите извозни производи, е пораката од работната средба која Стопанската комора на Македонија вчера ја организираше меѓу 20-те најголеми извозници од земјава и директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танасоски.
Стопанствениците апелираа дека стопанството е соочено со еден од најголемите предизвици и мора да се преземаат големи мерки, макар тие биле и нестандардни, за да се обезбеди непречено работење. Мора да се реагира брзо за поддршка на целиот приватен сектор, а не само на секторите што досега се погодени. И покрај поединечните проблеми со кои се соочуваат сите чинители на домашната економија, потребно е да се најде заедничко решение како да се зачуваат работниците, кои стопанството и онака тешко ги наоѓа, и максимално да се помогне во услови кога владее неизвесност и страв меѓу луѓето. Моменталната ситуација на пазарот на труд ни налага дека мора по секоја цена да се создадат мерки за да се зачуваат луѓето. Секојдневно треба да се следи ситуацијата и да се наоѓаат нови решенија што ќе одговараат на тековната ситуација, која се менува на дневно ниво. За одговор на овие предизвици мора да бидат ставени на располагање сите ресурси, порачаа стопанствениците од компаниите, најголеми извозници во македонската економија.
Извозниците ги поздравија напорите на Царинската управа и ангажманот на нивните служби за да се овозможи максимален проток на стоките, како и активностите кои се преземаат за да се забрза и поедностави издавањето на посебните дозволи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Со овие мерки ќе се надминат констатираните застои во однос на обезбедување на снабдувањето со репроматеријали, кои во моментот особено се изразени на граничните премини во Словенија и Хрватска, што го отежнува нивното оперативно работење, како и на проблемите за обезбедување на непречено движење на возачите на товарни возила, односно исполнувањето на епидемиолошките услови што треба да се задоволат за возачите што влегуваат и излегуваат од нашата држава и доаѓаат од кризните подрачја, се наведува во соопштението.
Истовремено, извозниците ги поддржаа активностите на Царинската управа за воспоставување на приоритетни коридори со земјите од регионот ЦЕФТА и апелираа што побрзо да бидат воспоставени зелениот коридор со приоритетни ленти за камионите со храна, репроматеријали за прехранбената индустрија, за медицинска опрема и материјали, но и посебни коридори за проток на стоки за сите други индустрии, а истовремено да се размислува и за максимално интензивирање на железничкиот превоз.
На крајот, препорачаа по примерот на кризниот штаб на државно ниво, кој го координира справувањето со тековните состојби, да се формира и кризен економски комитет, во кој ќе бидат директно вклучени стопанственици од клучните индустрии и на дневно ниво ќе се дејствува за справување со отворените прашања за непречено работење на стопанството.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.