Македонија

Дванаесет македонски компании со национален штанд на World Food Moscow 2019

24 Sep 2019

Дванаесет македонски компании од денеска до 27 септември ќе се претставуваат со национален штанд на најзначајниот прехранбен саем во југоисточна Европа,WORLD FOOD MOSCOW 2019, што се одржува во Руската Федерација.

Оваа значајна саемска манифестација се одржува во „Крокус експо центар“ – најголемиот изложбен простор во овој дел од светот.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство. 

На оваа водечка изложба на храна и пијалоци во Русија, македонските производители и преработувачи на свежо и конзервирано овошје и зеленчук традиционално имаат национален штанд кој се простира на површина од 100 квадратни метри, а бизнис -делегацијата се состои од 27 деловни луѓе. Секоја година, овој настан поврзува илјадници бизниси од целиот свет со клучните купувачи на храна и пијалоци во Русија, вклучувајќи ги и претставниците на малопродажба од водечките синџири на супермаркети, трговците на големо, членовите на секторот HoReCa и производителите на храна, соопштија од македонско-руската стопанска комора. 

На македонскиот Национален штанд своите производи ги изложуваат извозниците на свежо овошје „Агролозар“ од Струмица, „Јуникс“ од Скопје, „Суна стар“, „Румко“ и „Аппле ленд“ од Ресен, „Душан Ќириќ“ од Росоман и „Перминдекс“ од Градско, како и производителите и извозниците на конзервирани земјоделски производи „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Аграр Ко“ од Кочани, „Алтера фуд“ од Гевгелија, „Конимекс“ од Скопје и „Бест фуд“ од Радовиш.

Во „Крокус експо центар“ годинава изложуваат 1.762 компании од 65 земји. Се очекува вкупна посета од 80.000 луѓе. На саемскиот простор се лоцирани 64 национални штандови (осум од Америка, девет од Африка, 23 од Европа и 24 од Азија). Во текот на траењето на саемот ќе се одржат 25 настани – трибини, промоции, бизнис средби, на кои ќе дебатираат преку 180 бизнисмени од целиот свет.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...