Македонија

Најмногу до 20 компании го имаат стандардот за безбедност на храната

01 Jul 2019

Само 15 до 20 македонски компании го имплементирале стандардот ИСО 22000:2005,  кој е прв меѓународен стандард што ја третира безбедноста на храната и кој во многу европски земји го има заземено местото на ХАСАП стандардот кај нас.

Стандардот ИСО 22000:2018 е стандард кој може да се користи од страна на сите учесници во синџирот на снабдување со храна и е познат како „од нива до трпеза“, а ги вклучува и добавувачите на прехранбени производи и услуги. Целта на стандардот е да се усогласат на глобално ниво барањата за безбедност на храната во прехранбената индустрија и индустриите поврзани со неа, рече Емилија Тодоровска од Стопанската Комора на Македонија на денешниот настан на тема „Меѓународниот стандард за безбедност на храната – поголема доверба и конкурентност на компаниите“.  

Според неа, овој стандард дава можност за поголема ефикасност, ефективност и континуирано подобрување на компанијата во нејзиното работење. Неговата примена не е задолжителна, но сепак е пожелна не само за извозно ориентираните компании туку и за сите компании во прехранбената индустрија.

„Витаминка“ беше посочена како една компаниите која го има имплементирано стандардот ИСО 22000:2005. Како што велат од компанијата, тоа придонело за поголема продажба на нивниот најнов производ, маслото за јадење „Брилијант“.

Примената на овој стандард гарантира квалитетен и безбеден производ и истиот може да придонесе до поголема конкуренција и зголемена продажба на компанијата на глобално ниво, велат од „Витаминка“.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека небезбедна храна  предизвикува бројни заболувања, а секоја година поради незбезбедна храна во светот се хоспитализираат 128 илади луѓе и има 3.000 смртни случаи. Се проценува дека болестите кои се пренесуваат преку храна и вода заедно убиваат околу 2,2 милиони луќе годишно од кои 1,9 милиони деца.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...