Почна изградбата на новиот дистрибутивен центар на „Прилепска пиварница" во Идризово, инвестиција вредна 3,5 милиони евра.
На прес-конференцијата присуствуваа Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, Борче Герѓиевски, градоначалник на општина Гази Баба, претседателот на управниот одбор на „Прилепска пиварница", Кирил Самарџиоски и генералниот директор Сашко Самарџиоски.
Претседателот на компанијата нагласи дека природно се наметнала потреба за проширување на дистрибутивниот простор во Скопје, поради што компанијата донела одлука за новата инвестиција.
Сашко Самарџиоски за магазинот InStore изјави дека инвестицијата е од сопствени средства и со неа очекуваат двојно да се зголеми продажбата во наредните две-три години. Објектот се очекува да биде завршен до крајот на декември, а оперативно со работа да почне во февруари идната година.
Според краткорочните планови на компанијата, предвидени се инвестиции во технички-технолошки развој, во дополнителен дистрибутивен центар во „Прилепска пиварница", во центар за технолошка обработка на вода и нов комерцијално-административен објект во Прилеп, додаде тој.
Во „Прилепска пиварница" очекуваат крајот на годинава да го заокружат со позитивни резултати и зголемување на продажбата за 5 до 6 отсто во споредба со минатата година. Сашко Самарџиоски за наредната година најави изненадувања во поглед на нова програма и нови производи, кои ќе бидат екстензија на постоечките брендови.
Парцелата на која се гради е со површина од 11.000 м², додека дистрибутивниот центар ќе биде со површина над 5.000 м². Во објектот ќе бидат вработени повеќе од 30 лица
Се вчитува следна вест...