Европскиот парламент и Советот на ЕУ ја усвоија Општата регулатива за заштита на лични податоци која почна да се применува од 25 мај 2018 година, а од Сојузот на стопански комори сметаат дека претставува предизвик и за македонските компании.
Заштитата на личните податоци се поставува високо на агендата во Европската Унија и во таа насока се гради тренд на зголемена заштита која и Република Македонија ќе ја воведе со новиот Закон за заштита на личните податоци.
Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на ССК на денешната прес-конференција, објасни дека македонските компании се информирани за европската регулатива за заштита на личните податоци, но не се доволно запознаени како треба да постапат и кои активности да ги преземат за да ја имплементираат оваа регулатива.
Тој истакна и дека најважните новини кои произлегуваат од GDPR (релевантни и за Република Македонија) се ревидираниот пренос на лични податоци во земји надвор од ЕУ, нови права на субјектите на личните податоци и нови методологии за обезбедување усогласеност, зголемување на улогата и одговорноста на надзорните тела и сл.
Регулативата не е обврзувачка за Македонија, но е потребно да ја спроведат компаниите кои работат со лични податоци на граѓани од ЕУ, но и поради фактот што новиот закон за лични податоци е речиси 90% усогласен со регулативата.
Јавните власти и деловните субјекти чии основни активности се насочени кон редовна или систематска обработка на личните податоци, се должни да вработуваат службеник за заштита на подaтоци, кој е одговорен за управување со усогласеноста со GDPR. Деловните субјекти мора да пријават какви било прекршувања на податоците во рок од 72 часа ако имаат негативен ефект врз приватноста на корисникот, појасни Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на ССК на денешната прес-конференција.
Казните кои ги има предвидено Европската унија се високи и може да имаат големо влијание врз работењето на компаниите. Така, неизвестувањето за прекршување во предвидениот рок може да резултива со парична казна до 10 милиони евра или два процента од годишниот промет, додека за непочитување на регулативата следат казни и до 20 милиони евра.
Се вчитува следна вест...