Македонија

Нова инвестиција на „Тиквеш“ од 4 милиони евра

07 Sep 2023

Винарската визба „Тиквеш“ инвестира четири милиони евра за изградба на нов објект и набавка на современа опрема за прием и преработка на грозје.

Новата постојка и вградената опрема му овозможуваат на „Тиквеш“ да го зголеми вкупниот капацитет за прием и примарна преработка на грозје во време на берба за дополнителни 1,25 милиони килограми за премиум вино.

Како што соопштуваат од „Тиквеш“, македонската винарница со целокупното работење посветува особено внимание на заштитата на животната средина, за развојот на заедницата и општеството во целина, како и за примената на стандардите за добро управување (ESG – Environmental, Social and Governance Standards). Новата опрема овозможува висок степен на автоматизација и дигитализација на процесот, со што значително се зголемува ефикасноста и ефективноста при приемот и преработката на грозјето, а се остварува и заштеда на електрична енергија и се скратува времето на чекање на лозарите. Сето ова придонесува да се задржи квалитетот на грозјето, да се намали потрошувачката на енергенси во процесот на прием и преработка на грозје и да се намали емисијата на CO₂.

Многу важно ни беше поголемиот дел од новата инвестицијата да се комплетира пред бербата и да функционира за годинешниот откуп на грозје. Оваа година имавме неповолни временски услови и како резултат на тос, родот е значително намален. Но, затоа имаме извонреден квалитет на грозјето и со помош на оваа инвестиција може да очекуваме исклучително квалитетно вино од оваа берба. Со реализацијата на оваа инвестиција придобивки имаат и нашите партнери – лозарите, затоа што само со почитување на светските стандарди за квалитетно производство може да се креира дополнителна вредност за сите, вклучувајќи и повисоки цени за грозјето, изјави Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“,.

Најновата инвестиција на „Тиквеш“ ја поздрави и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, истакнувајќи го нејзиното значење и улога во натамошното поттикнување на локалниот економски развој.

До крајот на годинава вкупните инвестиции на „Тиквеш“ во модернизација на производството и воведувањето современи технологии, методи и стандарди на работење, реализирани во последните дваесет години, од влезот на групацијата М6 во винарницата, ќе надминат 45 милиони евра.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...