Македонија

Дејан Алексов, „Стартап Македонија“: Потребна е акција

07 Jun 2023

Македонија сè уште е далеку од европските или светските стартап-центри, но е добро позиционирана на регионалната сцена, вели Дејан Алексов, коосновач на „Стартап Македонија“ и член на Управен одбор, кој е и адвокат во канцеларијата „Алексов и Мемиши“.

Дејан Алексов, коосновач на „Стартап Македонија“ и член на Управен одбор

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Каде е Македонија на мапата на европски и светски стартап-компании? Колку вакви компании се регистрирани во земјава и од кој сектор претежно се тие?

Неофицијално, од различни истражувања и мапирања што ги правеше „Стартап Македонија“, имаме повеќе од 200 активни стартап-компании што се изјасниле како такви. Не би можеле да одговориме со прецизност колкав е нивниот вкупен број, бидејќи тие се регистрираат во Централен регистар како друштва со ограничена одговорност. Стартапите се категорија на бизниси што имаат голем потенцијал на пораст и внесуваат технологии и иновации во работењето, применуваат нови бизнис-модели. Како и во светот, така и во Македонија тие најчесто нудат решенија на унапредување на процесите преку технологии и затоа се најзастапени компаниите од информатичкиот сектор, кои развиваат решенија за бизнис-секторот.

Македонија е сè уште далеку од европските или светските стартап-центри, но е добро позиционирана на регионалната сцена. Како докажан центар за  софтверски услуги, полека но сигурно се трансферира во систем што креира финални решенија за различни индустрии што користат најсовремени технологии.  Се зголемува бројот на  стартап-компании кои веќе се присутни на европските и светските пазари, меѓутоа, тоа е мала бројка.

Каква е улогата на Асоцијацијата во развојот на стартап-компаниите?

Целта на „Стартап Македонија“ е да го олесни вмрежувањето меѓу сите учесници во стартап-екосистемот и да поттикне соработка. Основана е во 2016 година и до денес е постојано активна.

Асоцијацијата вложува во целокупниот екосистем преку реализација на различни настани за вмрежување, лобирање за подобрување на законската регулатива, дигитализација, подобрување на пристапот до финансии и воведување стандардна методологија за менторите на стартапите.

Имаме неколку иницијативи што се во различни фази на развој – од „Стартап идеја“, која може да ја тестираат преку „Стартап викенди“, до специјализирани едукативни програми за напредни стартапи, кои стануваат дел од Founders Club. Особено ни е драго што имаме млади што се интересираат да стартуваат своја или да бидат дел од успешните приказни на стартапите што ги поддржуваме. Секој месец организираме отворен настан „Стартап на месецот“, на кој претприемачите се вмрежуваат и ѝ даваме признание на една компанија.

Кои се главните предизвици со кои се соочуваат овие иновативни компании и како може тие да се надминат?

Секоја стартап-компанија се соочува со различни предизвици уште од почеток, кои може да ги поделиме во неколку категории: (1) Обезбедување финансии за трошоците до лансирање на продуктот и финансии за пораст и зголемување на профитабилноста; (2) Обезбедување соодветен пазар за продуктот или услугата; (3) Обезбедување соодветни човечки ресурси; (4) Знаење за менаџирање и пораст на компанијата. За надминување на предизвиците не постои генерално правило, тоа е индивидуална компаниска стратегија и планирање.

Што е неопходно за да се поттикне забрзаниот развој на стартап-сцената во земјава?

За тоа не постои еден магичен потег, туку симултана работа на повеќе полиња. Потребен е систематски пристап – и одгоре-надолу преку политики и стратегии на владата, како и иницијативи од приватниот сектор оддолу-нагоре.

Почнувајќи од реформи во едукацијата и образовниот систем, па сè до подобрување на законодавството, поттикнување на научноистражувачката дејност, пристап до финансии во секоја фаза, креирање подобра клима за инвестиции од корпорациите и бизнис-ангелите, зголемување на општото ниво на дигитализација итн.

Што и да се прави на темата за забрзан развој, потребна е акција. Тоа што во овие години го потврдивме е дека сме добри на хартија со анализи и студии, но никако тие да бидат преточени во конкретни дејства.

Дали во земјава постојат услови да се создаде еднорог-стартап, кој од темел ќе го смени начинот на досегашното работење?

Голем дел од поуспешните приказни кај нас имаат отворено компании во САД или во Европа и ги сервисираат тамошните пазари, кои единствено имаат моќ да креираат компании со вредност од над 1 милијарда евра. Најчесто овие компании за да пристапат до пазарот и да ги добијат потребните финансии за тоа ниво, ја пренесуваат интелектуалната сопственост и излезот на другите пазари го прават од тамошните компании.

Не верувам дека се станува еднорог имајќи една компанија само во една земја, туку мрежа на поддршка од повеќе екосистеми и структура низ различни земји. Верувам дека Македонија може да создаде претприемач што ќе направи таков бизнис, но тој нема да е изолиран на овој пазар.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...