Македонија

„Алкалоид“ лани го зголеми извозот за 16 отсто и оствари продажба од над 230 милиони евра

27 Feb 2023

„Алкалоид“ минатата година оствари раст на консолидираниот извоз од над 16 %, консолидирани продажби од 231,9 милиони евра и 187 нови вработувања во земјава, соопштија од компанијата.

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари - декември 2022 продажбите достигнуваат 10.538.230.192 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период во 2021. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 14.289.050.974 денари или за 12% повеќе.

Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 3%, а вкупниот консолидиран извоз за 16%. Од вкупните консолидирани продажби, 68% се остварени на странските пазари, од кои 30% во југоисточна Европа и 21% во западна Европа (ЕУ и ЕФТА). Најголем пораст бележат продажбите во Полска, каде што се удвоени, потоа во Романија (раст од 81%), САД (51%) и Грција (43%). Во 2022, во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 18,7 милиони денари и во Монголија (12,8 милиони).

Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 88%, па следува хемија, козметика и билкарство со 12%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2022 изнесуваат 1.474.213.445 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.381.036.341 денари, бележи зголемување од околу 9%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.411.542.911 денари и е зголемена за 10%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 2.537.701.372 денари и бележи раст од 10%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.463.420.874 денари е зголемена за 12%.

Во периодот јануари-декември 2022 во „Алкалоид“ се реализирани 187 нови вработувања во Македонија. Групацијата брои 2.617 вработени, од кои 2.019 во земјата, а 598 во подружниците во странство. Со одлука на Управниот одбор, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од по 30.000 денари. Во декември 2022 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, одобри исплата на новогодишен надоместок за вработените во нето износ од по 31.000 денари.

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2022 година се движеше од 15.556 до 19.400 денари или просечно 17.475,80 денари за една акција, што претставува раст од 10,6%. На 31.12.2022, акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.332 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 24,5 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2023 предвидува инвестирање на околу 11% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст на консолидираните продажби од 10% и раст консолидираниот профит пред оданочување од 7%. Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели, се вели во соопштението од компанијата. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...