Македонија

Горан Теменугов: Македонија „Ел Дорадо“ за странски работници?!

09 Feb 2023

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Пред 30 години некој да зборуваше дека како што ќе поминува времето во Македонија, ќе нема работна сила, во најмала рака ќе го сметавме за благо удрен со мокра чорапа или стручно кажано налудничав. Суровата и на многу места неправедна транзиција од општествена во приватна сопственост, каде што добар дел од фирмите беа намерно обезвреднети за да може да се приграби нивниот физички имот, но не и бизнисот, на улица остави стотина илјади работници. Дел од нив беа административци, но дел беа високо квалификуван кадар.

Но, за овие работници немаше работа. Трговијата и мал дел од преостанатите големи фирми беа главните сектори кои вработуваа. Секако, и државата. Полека, како што финишираше дивата транзиција и почнаа да се воведуваат правни и економски норми за регулирање на бизнис-сферата, секако потпомогнато со реално поттикнатиот сон за влез во ЕУ, пред сè, поради Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Унијата потпишана во 2001 и која стапи во сила во 2004 година, почнаа да се развиваат и малите производствени фирми. Тие полека стануваа значајни за државава бидејќи добар дел од нивните производи и услуги почнаа да се пласираат во ЕУ, пред сè во Германија.

На ваквиот залет на домашното производство, кое полека се приспособи на високите европски стандарди, што секако е успех за земја како Македонија, му се додаде дополнително „нитро“ со отворањето на Технолошко-индустриските развојни зони, каде што можеби нетранспарентно и привилегирано, сепак дојдоа и странски фирми со производи со поголема додадена вредност.

Кој би дошол во држава како Македонија? Реално ли е да очекуваме стручен кадар кој наместо побогатите земји од регионов и од Европа, би ја одбрал Македонија?

Ваквиот дводецениски пораст на производството придонесе да имаме поголема побарувачка на работници кои би знаеле да работат со машини. Но, отпуштените транзициони работници веќе беа во поодминати години и со изгубени вештини, додека нашиот образовен систем не произведуваше нови или произведуваше во мала бројка.

Затоа, кон крајот на 2022 година во јавноста се отвори речиси парадоксален агол на расправа од типот како до стручни работници. Идејата е да се увезат работници од странство. Оваа идеја ја истакнаа од бизнис-заедницата, но првпат беше спомената како нешто што е неминовно уште во 2021 година од економистот Никола Поповски при гостување во една телевизиска емисија. Иако тоа тогаш ми изгледаше далечно и како можна опција во иднина, сепак лошото, како и секое лошо, доаѓа брзо.

Значи, дојде време да се плати цехот за нашиот целосен неуспех ефикасно да организираме функционирање на држава. Проблемот со немањето работници многу е тешко да се сведе на неколку причини. Но, ако се направи груб пресек, вината е кај сите. Виновни се и владите, и бизнисмените, и граѓаните. Значи, сите имаат своја вина. Сите влади досега го поттикнуваат вработувањето во јавната администрација. Тоа е посакуваното место. Второ, го поттикнуваа студирањето на општествени насоки. За да ги држат мирни факултетите како правен и економски, дозволуваа уписи на студенти далеку над потребните бројки. На тој начин, се влијаеше врз прикажаните бројки на невработени и им се даваше можност на факултетите да заработат екстра од студентите кои плаќаа партиципација. Имавме и општа либерализација на студирањето, каде што изникнаа над 100 факултети. Секако, со општествени насоки. Ако на ова се додаде и општата правна несигурност и немањето перспектива на граѓаните, што натера огромен број млади, но и стручни работници да емигрираат, тогаш е јасно зошто се планира увоз на работници. 

Секако, и компаниите си имаат своја вина. Ретко која од нив со децении знаеше дека вложувањето во човечкиот кадар е најголемата инвестиција што треба да ја направи. Да се обучи и задржи добар и стручен работник е уметност и умешност. За жал, кај нас со децении се турка мантрата дека без секој се може, дека секој е заменлив, дека ако не ти чини, барај си работа на друго место. Добар дел од газдите наместо да вложуваа во развојот на бизнисот и во човечкиот капитал, профитите ги користеа за лично уживање. Освен што платите на работниците ги држеа ниско, не разбраа дека има и два други големи фактори за среќа на работникот, а тоа се можноста стручно да се усовршуваат и да напредуваат на работа.

Каубојскиот систем на вреднување на работниците сега ги тера да бараат увоз на работна сила. Но, кој би дошол во држава како Македонија? Реално ли е да очекуваме стручен кадар кој наместо побогатите земји од регионов и од Европа, би ја одбрал Македонија? Тешко е да се верува.

И да не испуштам, прашање е колку домашни ќе останат ако реално се реализира иницијативата „Отворен Балкан“, а прашање е и колку од оние млади, идни работници што останаа во државава не се од оние што ги слушаа своите родители кои им викаа „Учи сине за да не работиш“ или се на ставот подобро да сум невработен отколку да работам за 300-400 евра.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...