Македонија

Утре истекува рокот за аплицирање за снабдување со струја по повластена цена

22 ное 2022

Да се искористи можноста и да се поднесе документација за снабдување со електрична енергија по повластени цена преку „ЕСМ продажба“ од 1 декември со оглед дека рокот истекува утре, апелираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

До 23 ноември е продолжен рокот од страна АД ЕСМ. Околу 1.000 компании тоа можат да го направат согласно со податоците од Централен регистар во делот на нивната регистрација со шифра на дејност кои се предвидени во одлуката. До пред два - три дена беше околу 300 бројот на компаниите кои веќе доставиле апликација. Ги повикувам сите компании да ја искористат можноста заради тоа што од 1 декември и во делот на трговијата ќе следат дополнителни мерки кои ќе бидат предложени од страна на Министерството за економија, рече Бектеши, на новинарско прашање по прес-конференцијата на која информираше за остварените заштеди на струја во октомври годинава од страна на државните институции.

Согласно со одлуката на Владата, за снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември ќе можат да аплицираат дел од компаниите од прехранбената индустрија, водостопанските претпријатија и основните и средните училишта. Целта на одлуката е да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период.

Договори со ЕСМ продажба може да склучат физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност со главна приходна шифра – 01.47 oдгледување на живина, 10.11 преработка и конзервирање на месо, 10.12 преработка и конзервирање на живинско месо, 10.13 производство на животинско и живинско месо, 10.41 производство на масла и масти, 10.51 преработка на млеко и производство на млечни производи, 10.61 производство на мелнички производи, 10.71 производство на леб; слатки (колачи и торти) во свежа состојба и бисквити (кекси), и 10.89 производство на останати преxранбени производи, неспомнати на друго место (само за производство на квасец). Исто така, договор може да склучат и потрошувачи на електрична енергија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни и/или пречистителни станици и основни и средни јавни училишта.

За физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија ЕСМ ќе нуди повластена цена на електричната енергија од 80 евра за мегават час исклучиво за потрошувачката на броилата за директно извршување на приоритетната дејност, односно исклучиво за производствениот процес. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...