Македонија

МФ: Историски највисок поврат на ДДВ кон стопанството

30 сеп 2022

Државата за само девет месеци од оваа година извршила поврат на ДДВ кон стопанството во износ од 30,7 милијарди денари. Тоа е историски највисоко ниво на поврат на ДДВ извршен кон стопанството досега. Само за споредба износот вратен кон фирмите во деветте месеци од оваа година е за 48,9 % повеќе во споредба со повратот на ДДВ извршен за 12 месеци од 2021 година, додека во споредба со 2020 и 2019 година тој процент, е над 70 %, односно 72,8 % и 75,5 %, соодветно.

Ова кажува за зајакнатиот инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи, поголемата ефикасност во наплатата на даночните приходи и со тоа овозможување забрзана реализација на поврат на ДДВ, соопштија од Министерството за финансии. 

Податоците за извршениот поврат на ДДВ по години покажуваат дека тој износ од година во година расте. Така што за цела 2019 година е направен поврат од 17,5 милијарди денари, во 2020 година 17,8 милијарди денари, во 2021 година 20,6 милијарди денари и во 2022 година само за девет месеци има за 10,1 милијарда денари извршен поврат повеќе во споредба со 2021 година.

Извршениот поврат на ДДВ во 2022 година за деветте месеци е за 19,3 милијарди денари повисок во однос на повратот извршен во првите девет месеци од 2014 година. Така што во 2014 година бил извршен повратот во деветте месеци во износ од 11,4 милијарди денари, 2015 година 12,1 милијарда денари, во 2016 – 11,6 милијарди денари, во 2017 – 13,8 милијарди денари, во 2018 – 17,5 милијарди денари, во 2019 и 2020 година по 18,2 милијарди денари и во 2021 година 30,7 милијарди денари.

Повратот на ДДВ кон стопанството значи поддршка на ликвидноста и конкуреноста на компании, а особено е значајно што тој се врши тековно и навреме и тоа дава одредена сигурност на компаниите, а што е особено значајно во услови на криза, како што е случај во последните години со Ковид 19 и актуелната енергетска и ценовна криза, велат од Министерството. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...