Македонија

Патарините во Отворен Балкан во еден систем и на попуст

21 Jun 2022

Возачите наскоро ќе плаќаат патарина по електронски пат, со еден уред ТАГ, во три земји – Србија, Македонија и Албанија. На неодамнешниот самит во Охрид беше договорено да се воспостави единствен електронски систем за наплата во трите земји, а подоцна и во другите земји кои ќе се приклучат на иницијативата Отворен Балкан.

Сега, цената на патарината преку Србија за оние кои тргнуваат од Суботица до Прешево е 2.120 динари, додека за возачите од Белград до границата со Македонија ги чини 1.490 динари. Патарината преку Македонија чини вкупно 8,5 евра, а преку Албанија е 5 евра, објави српски „Блиц“. 

Новиот систем треба да стапи во сила во август, а во тек е фазата на тестирање. Потоа граѓаните на Србија, Македонија и Албанија ќе можат да плаќаат патарина во сите три земји без застанување со истиот електронски уред за наплата. Со тоа ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, ќе се намали метежот на автопатите и ќе се олесни протокот на возила на наплатните станици, а граѓаните побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.

Постапката е многу едноставна. Возачите практично треба само да дојдат на бензинската пумпа и да побараат нивниот таг уред да биде Open Balkan. Иницијативата подразбира патарината со оваа ознака да биде поевтина за пет отсто во Србија, Албанија и Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...