„Брилијант“ ја зголеми цената на маслото за јадење од 115 на 135 денари.
Како што изјави за МИА директорот на фабриката Коста Ташков, новата цена е резултат на покачувањето на суровината.Според него, новото сурово масло кое е набавено од Бугарија, Романија и Украина чини околу 2.200 евра за еден тон, а пред три до два месеца суровото масло на светските берзи се движело од 1.200 до 1.500 евра за тон.
На прашањето дали ќе има ново зголемување на цената на маслото за јадење, Ташков одговори дека тоа ќе зависи од цената на светската берза. Тој смета дека во моментов кризата со зејтинот се смирува поради увозот од Србија и апелира граѓаните да не прават залихи. Анализите покажуваат дека македонските граѓани месечно трошат околу два и пол милиони шишиња зејтин.
Во врска со информацијата дека поскапува маслото „Брилијант“ се огласи и производителот, компанијата „Витаминка“.
Првиот квартал од годинава, „Витаминка“ како компанија покажа одговорност поради економската криза и ја здржа цената на ниско ниво долг временски период. Претходната цена беше 125 денари за литар, со што внимаваме и важно ни е да нема големи ценовни скокови кон граѓаните. Но, изминативе недели ситуацијата се смени во однос на набавката на суровина од Бугарија и Украина, што останаа единствени алтернативни пазари за нас. Нерафинираното масло од овие пазари е со значително повисока цена, што се одрази и врз малопродажната цена на маслото. И покрај покачувањето, цената на „Брилијант“ е најниска од сите производители на масло на македонскиот пазар. Истовремено, компанијата доследно ги почитува препораките и се раководи според насоките на Владата за справување со економската криза, соопштија од компанијата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.