Македонија

Македонска бизнис-делегација на деловни средби во Санкт Петербург

17 Nov 2021

Бизнис-делегација од земјава од вчера престојува во Санкт Петербург на директни средби со руските доставувачи и купувачи на храна.

Во организација на Македонско-руската стопанска комора и во соработка со „Центар закупок сетеи“ до 18 ноември ќе се одржат разговори и билатерални бизнис-средби со руските партнери за зголемување на економската соработка меѓу двете земји.

Македонската делегација на манифестацијата „Сè за маркети“  ја сочинуваат 20 бизнисмени од 11 компании од секторот производство на храна. Меѓу нив се кондиторските производители „Свислион“, „Макпромет“ и „Реском“, претставници од конзервната индустрија „Бест фуд“, „Агро ко“, „Хина продуктс“, „Ларс“, „Тргопродукт“, „Мамас“, „Алтера фуд“, како и производителот на здрава храна „Виталиа“.

Секојдневно веќе имаме  договорено по дваесетина средби со руските партнери. „Центар закупок сети“ е формат на деловни преговори што неколку пати го намалува времето и трошоците на доставувачите за влез во трговските синџири во Русија, а ним им овозможува да ја изберат најсоодветната храна за потрошувачите. Ова е одличен начин да се стигне до руските купувачи, истакнува Крсте Ѓорѓиев од „Бест фуд“.

На средбите со челните луѓе на македонските компании, од руска страна се присутни повеќе од 70 претстваници на синџири маркети, хорека-каналот и дистрибутери. За македонските производи се заинтересирани и најголемите руски трговски брендови, како што се „Азбука вкуса“, „Питерочка“, „Х5“, „Фамилија“, „Викториа“, „Лента“, „Магнит“, „Ошан“, „Вернии“, „Светофар“, „Магнолија“... 

Дел од македонските брендови од областа на конзервната и кондиторската индустрија веќе се достапни за руските потрошувачи. Но, во ситуација кога во светот се појавува недостиг на производите од земјоделството и прехранбената индустрија, серизно се зголемува шансата за поголем пласман на македонски  производи на големиот руски пазар. Од тие причини, многу е значајно да се интензивираат директните средби меѓу бизнисмените од двете земји, порачува м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Извозот на македонските компании во првите 9 месеци годинава во Руската Федерација изнесува 42 милиони американски долари, а македонските бизнисмени купиле стока од руските партнери во износ од 107,4 милиони долари.Тоа значи дека вкупната трговска размена меѓу двете земји од јануари до септември изнесува речиси 150 милиони долари. Во размената со Русија во овој период, земјава бележи трговски дефицит во износ од 65,4 милиони долари.

Минатата година македонскиот извоз во Русија достигна над 60 милиони долари, бројка што годинава тешко ќе биде достигната. Како причина за тоа се наведуваат раниот мраз и сушата во  земјава лани, поради што беше намалена понудата на земјоделски производи (особено на праски) наменети за рускиот пазар.

М-р Дејан Бешлиев денес ќе се сретне и со почесниот  конзул на Република Северна Македонија во Санкт Петербург, бизнисменот Михаил Бобров, со кого ќе разговара за можностите и начините за пообемна економска соработка меѓу двете земји. Предвидена е и средба со претставници на Стопанската комора на Санкт Петербург.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...