Денеска, на 78 годишна возраст, почина бизнисменот Кирил Самарџиоски, долгогодишен поранешен директор и претседател на Управниот одбор на „Прилепска пиварница“.
По 40 годишен успешен работен век во пиварската индустрија, од кои 35 години во служба на пиварницата и пет години во служба на сладарницата, Самарџиоски се пензионира во 2007 година.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, упати телеграма со сочувство до семејството по повод смртта на Кирил Самарџиоски, кој беше еден од најдолгогодишните соработници и активни членови во највисоките органи и тела на Стопанската комора. Азески во телеграмата напиша дека Стопанската комора е горда што во својата постава имала човек кој со својата работа и искуство, низ годините значително придонел за раст и развој на економијата и бизнис секторот во државата.
Кирил Самарџиоски ја почна кариерата во пиварската индустрија во 1967 година. Во своето долгогодишно работно искуство остави зад себе низа успеси и постави основа врз која „Прилепска пиварница“ се изгради во светски реномирана и насекаде препознаена компанија. За своите заслуги и залагања, во 2014 година ја доби Третоноемвриската награда за животно дело. Во 2016 година, во просториите на комората беше одржана и промоција на монографијата „Сеќавања“ за „Прилепска пиварница“. Поттикнат од самите почетоци на работењето на компанијата, г-дин Самарџиоски со многу факти, податоци, информации корисни за самата фабрика, но и за економијата на нашата земја, даде осврт преку текст и слики преточени во книга, пишувана неколку години, од срце инспирирана од првиот ден на почетокот на неговата работа, преку предизвиците со кои компанијата се соочила низ времето и достигнувањата и позицијата на компанијата во која се наоѓа сега, напиша Азески.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.