Македонија

Пониски провизии за електронските плаќања

31 May 2021

Пониски провизии за електронските плаќања на трговците кон давателите на платежните услуги се очекуваат со развојот на финтек секторот, а што се овозможи со донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и влезот на финтек-компании. Очекувањата се тоа да се случи во 2022 година, а она што се применува во Европа да се достигне во 2025 година.

Поширока понуда на полесно достапни, побрзи финансиски услуги со можност за инстант плаќања 24 часа во неделата, ќе бидат на располагање на граѓаните со развој на финтек секторот. Како што велат за МИА од Народната банка, се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски, односно сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл. или пак трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување.

За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1 отсто од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може да ги добиваат овие услуги без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку пет трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка, појаснуваат од Народната банка.

Последните расположливи податоци за 2020 година, што ги објавува Народната банка, укажуваат на тоа дека просечниот надоместок кој давателите на платежни услуги го наплатиле од трговците за плаќањата извршени со парични картички изнесува 1,21%, при што тој варира во зависност од дејноста и големината на трговецот и се движи во распон од просечни 0,77% за информатичка технологија и бела техника до 2,71% за електронска трговија. Трговците, посочуваат од Народната банка, понатаму овие трошоци им ги пренесуваат на потрошувачите преку повисоки цени на производите и услугите.

Заради намалување на овие трошоци, предвидено е висината на заменските надоместоци да се ограничи на 1 отсто од вредноста на платежната трансакција во средината на 2022 година и постепено да се намалува и на почетокот на 2025 година да се сведе на 0,2 отсто и 0,3 отсто од вредноста на платежните трансакции извршени со дебитни, односно кредитни картички, како што се тековно поставени во земјите од Европската Унија, наведуваат од Народната банка.

Со ова се очекува натамошна промена на навиките за плаќање во насока на поинтензивно користење на дигиталните канали за извршување и следење на плаќањата. Поширока понуда на лесно достапни, побрзи финансики услуги со можност за инстант плаќања 24 часа во неделата кои ќе им бидат на располагање на граѓаните преку развојот на овој сектор во земјата.

 

Влезот на финтек-компаниите на пазарот на платежни услуги ќе биде овозможен со донесувањето нов Закон за платежни услуги и платни системи, којшто е значително усогласен со европското законодавство и стандарди за работа и ќе создаде правна можност за појава на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, а особено на оние од финтек-сферата,

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...