Македонија

(ФОТОГАЛЕРИЈА) „Тиквеш“ ќе привлекува туристи преку автентично сместување, добра храна и вино

26 May 2021

Денеска во Кавадарци беше промовирана најновата инвестиција во развојот на алтернативниот туризам на уникатни вински микро-локации во тиквешкиот регион. Инвестицијата ја реализира компанијата „Тиквеш вински туризам“, во соработка со „Домен Лепово“ и „Барово”.

Вкупната инвестиција во новите туристички капацитети изнесува 315 илјади евра, од кои дел се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка.  

Во рамки на новата современа туристичка понуда креирани се атрактивни содржини кои вклучуваат - камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња и нови велосипедски патеки на уникатната винска микро-локација Барово, понатаму атрактивно сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој освен што нуди вино за продажба и дегустација, претставува и изложбен простор со инфо-центар, каде сите заинтересирани можат да добијат информации за туристичката понуда на тиквешкиот регион. 

Новите капацитети, развиени во рамките на овој проект, нудат можности за престој во уникатни предели што изобилуваат со природни убавини и чист воздух, а на посетителите им нудат уникатен спој на врвно вино, одлична храна, одмор и рекреација. 

Целта ни е да создадеме иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни активности, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Од големо значење е финансиската поддршка што ја добивме од Проектот за локална и регионална конкурентност и искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна што од денес почнуваме да ја раскажуваме, истакна Тихомир Касапинов, проект менаџер на „Тиквеш вински туризам“.

Во реализацијата на активностите кои беа дел од проектот за развој на ено-гастрономски туризам во тиквешкиот регион беа вклучени и локални невладини организации, мали бизниси и занаетчии, чии производи и услуги се дел од новата понуда за идните туристи.

Gallery: Тиквеш вински туризам



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...